Македонија
Спасовски – Терзијски: Одлична соработка меѓу полициите на Северна Македонија и Бугарија
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска во Скопје имаше работна средба со министерот за внатрешни работи на Бугарија, Христо Терзијски. На средбата, примарно фокусирана на утрешниот состанок на министрите за внатрешни работи на земјите од иницијативата „Берлински процес“, како и претставници на ЕУ, чиј домаќин е Република Северна Македонија, односно сопретседавачи се министрите Спасовски и Терзијски, се разговараше на повеќе теми од заеднички интерес во областа на безбедноста.
Од МВР наведуваат дека за првпат во историјата на претседавањето со „Берлинскиот процес“, годинава имаме заедничко сопретседавање на земја членка на Европската Унија и на земја од регионот од Западен Балкан, што се перципира како симбол за преземање на поголемо сопствеништво врз процесот од страна на регионот. Инаку, „Берлинскиот процес“, промовиран во 2014 како иницијатива на германската влада, е единствен процес на највисоко политичко ниво кој исклучиво се фокусира на шесте земји од Западниот Балкан, кои не се членки на Европската Унија и претставува поттик во подготвувањето на овие земји за идното членство во ЕУ, преку справување со некои од клучните структурни проблеми во регионот.
Министерот Спасовски, нагласувајќи ја досегашната одлична соработка меѓу двете министерства и полициските служби на сите нивоа, особено во делот на граничното работење, посочи дека Заедничкиот контакт-центар што повеќе години наназад функционира одлично меѓу граничните, но и царинските служби на двете земји претставува извонреден позитивен пример за партнерство. Овој контакт-центар продолжи да функционира и во времето на пандемијата на Ковид-19.
„Размената на информации, покрај преку Заедничкиот контакт-центар, редовно се врши и преку веќе воспоставените канали за размена на информации како што се Европол, Интерпол, а истата е овозможена и преку членување во меѓународните организации, иницијативи…“, рече министерот Спасовски.
Министерот Терзијски потенцира дека соработката меѓу двете министерства за внатрешни работи е на многу добро ниво. Тој даде висока оцена за заедничкото работење во областа на гранично-полициското работење, како и борбата со трансорганизираниот криминал и корупцијата. Изрази подготвеност за продлабочување на соработката на сите професионални нивоа и уште поактивно дејствување во сите области од заемен интерес. Министерот Терзијски изрази увереност дека утрешната средба на министрите за внатрешни работи во рамките на „Берлинскиот процес“ ќе биде конструктивна и успешна и ќе го потенцира засилениот ангажман за безбедност во регионот на Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

