Македонија
Акцијата за предавање печки во замена за субвенции за инвертери во Карпош ќе трае до недела
Пунктот во рециклажниот двор на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош, каде што граѓаните кои аплицирале за субвенции за инвертери и ги исполнуваат условите ги предаваат своите печки, денеска го посетија градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, претседателот на Владата, Зоран Заев, и директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Како што појасни Шилегов, граѓаните ги оставаат своите печки, кои потоа завршуваат на „Дрисла“, ја земаат потврдата и добиваат субвенции во износ до 62.000 денари.
„Градот доби средства за замена на речиси 5.300 печки, 4.080 апликации веќе имаме добиено, во наредната недела ќе го продолжиме аплицирањето на граѓаните и во текот на оваа зима ќе имаме приближно 5.000 оџаци помалку во Скопската Котлина“, изјави Шилегов.
Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, ги повика граѓаните да се вклучат во овој проект и да обезбедат почисто, поевтино и поеколошко греење за себе и за своите семејства, а со тоа да инвестираат во зачувување на чистиот воздух.
„Сите што имаат дилема за потрошувачката на електрична енергија, сакам да ги информирам дека инвертерите трошат малку струја, а во секој случај, по сите пресметки, штетата за околината од производството на струјата потребна за греење на домовите преку инвертери е далеку помала од штетата што настанува од греењето на тие домови со печки на дрва или јаглен“, нагласи Ковачевски.
Премиерот Зоран Заев потенцира дека оваа акција е дел од стратешките приоритети што минатата година си ги постави Владата.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на АД ЕСМ за обезбедените 10 милиони евра за реализација на оваа акција за замена на нееколошките грејни тела со висококвалитетни инвертери, како и на Град Скопје и на градските јавни претпријатија што ја реализираат оваа замена, но секако и на граѓаните на Скопје. Како Влада ќе продолжиме да преземаме мерки за да обезбедиме здрава животна средина за нас и нашите деца“, изјави Заев.
Согласно со условите, на овој јавен повик, поради состојбата со коронавирусот, онлајн можеа да аплицираат сите жители (домаќинства) на територија на град Скопје, кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Град Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе го инсталираат уредот. Новитет оваа година е што граѓаните, за да добијат субвенции за инвертери, ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата што Град Скопје ќе ги субвенционира се во нето-износ не повеќе од 62.000 денари.
Во наредните две години, согласно со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција во однос на тоа да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.
Во буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 322 милиона и 400 илјади денари, обезбедни од Владата на Република Северна Македонија.
Доделувањето субвенции за инвертер клима-уреди за затоплување на домаќинствата е дел од мерките предвидени во планот за подобрување на квалитетот на воздухот и акцискиот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје.
Акцијата во општина Карпош ќе трае од 10 до 16 часот, а ќе продолжи и утре и в недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Видео) „Молкот на власта за скандалот со 5 тони дрога е потврда дека се штитат виновните“, вели Огњеновиќ
„Втор ден по ред власта молчи за картелскиот скандал со заплена на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија. Молкот е потврда дека власта се обидува да го заташка скандалот и да ги заштити виновниците. Како тоа поминале 5 тони дрога преку македонската граница а нема одговорност од никој“, прашува Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
„Нели има „сејф сити“ камери, скенери и контроли на граничните премини. И никој ништо не видел, не чул, додека дрога од 5 тони така лесно се пренела?
Без поддршка, заштита и логистика од структури во власта, во МВР, во Царина, криминал од вакви размери не е можен.
Прашање е уште колку вакви пратки дрога редовно поминувале, колку уште тони дрога се пренесени преку македонските граници. И уште колку тони дрога се уште се шверцува.
Овој картелски скандал покажува до каде одат пипците на криминалот и корупцијата на власта.
СДСМ со денови алармира за директна поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, а овој случај е уште една потврда за тоа. Секојдневието на македонските граѓани е како во мафијашки филм.
Криминални тендери, шверц на 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. За картелскиот скандал со 5 тони дрога мора да има одговорност. Обвинителството мора конечно да се разбуди и да отвори истрага.
Кој се во Македонија е вмешан во шверцот на дрога? Колку дрога е помината преку границите? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари? Кој ќе одговара“, праша на прес-конференцијата, Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Иницијатива на Лајка: „Биди мојот Валентајн за еден ден” – прошетка и љубов за бездомни кучиња
Во месецот посветен на љубовта, ЈП Лајка започнува посебна иницијатива за љубителите на животни – „Биди мојот Валентајн за еден ден”. Со оваа акција, јавноста има можност да подари љубов и внимание на бездомни кучиња кои со месеци, а некои и со години, не излегле надвор од ѕидовите на прифатилиштето, известуваат од Лајка.

„Иницијативата им овозможува на граѓаните да изберат куче и да поминат еден цел ден со него надвор од прифатилиштето – на прошетка, во парк, на кафе, или дури и во локален пет-шоп. Целта е да им се овозможи на кучињата социјализација, збогатување на денот и да се покаже колку љубов може да направи разлика, дури и за само еден ден.
Со оваа иницијатива сакаме да ја покажеме убавината на социјализацијата и да создадеме емотивни врски помеѓу луѓето и нашите кучиња. Секое куче заслужува своја мала радост и да почувствува љубов.

Сите заинтересирани можат да се пријават на нашите телефонски броеви или преку нашите социјални мрежи.
Иницијативата е отворена за сите над 18 години, а учесниците ќе добијат инструкции за безбедно дружење со кучињата“, соопштуваат од Лајка.

