Македонија
Берлински процес: Министрите за внатрешни работи договараат патување со лична карта во Западен Балкан
„Олеснето движење во регионот на Западен Балкан со лични карти: кон регионален договор за поблизок, подобро поврзан регион и повеќе предности за граѓаните“ е првата точка на која денеска се осврнаа министрите за внатрешни работи на земјите од иницијативата Берлински процес, како и претставници на ЕУ, чиј домаќин е Република Северна Македонија, а со кој ќе сопретседаваат министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, и министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Христо Терзијски.
Министерот Спасовски ја поздрави и поддржа иницијативата за регионален договор за слобода на движење и престој со лична карта како еден од важните приоритети на годинешното заедничко претседателство со Берлинскиот процес и упати благодарност до Советот за регионална соработка како важен партнер во операционализацијата на оваа иницијатива.
„Олеснетите процедури за движење на лицата ќе придонесат кон зајакната регионална размена и трговија. Дополнително, слободата на движење во регионот ќе ја зголеми и конкурентноста на пазарот, а уверен сум дека бизнис-заедницата, но и сите граѓани што живеат овде, тоа и го очекуваат од нас. Од овие причини ние министрите за внатрешни работи од земјите од Западен Балкан треба да ја поддржиме и поттикнеме практичната реализација на проектите од наша надлежност, а особено на оваа иницијатива“, посочи Спасовски.
Тој истакна дека остануваме целосно посветени на нашата европска агенда и продолжуваме понатаму со несмален интензитет, посветена и одговорна работа и реализација на сите активности кон европеизација на нашата земја и нејзино приближување до евро-атлантските системи.
„Дозволете ми да изразам особено задоволство од соработката и координацијата што сами по себе се наложија со преземањето на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес со Република Бугарија. Заедничкото организирање и претседавање на овој состанок се вистински доказ дека со волја и посветеност можеме да постигнеме многу, дури и во услови на пандемија. Иднината на регионот е во ЕУ, а наша одговорност е тоа да го реализираме. Заедно секогаш можеме повеќе!“, истакна Спасовски изразувајќи благодарност до владата на Обединетото Кралство за постојаната посветеност и работа во областа на министерствата за внатрешни работи и сигурност во нашиот регион, како и до Сојузна Република Германија од аспект на визонерската иницијатива за формирање на Берлинскиот процес како платформа за развој на регионалната соработка во Западен Балкан и неговата европска интеграција.
Инаку, првпат во историјата на претседавањето со Берлинскиот процес годинава имаме заедничко сопретседавање на земја членка на Европската Унија и на земја од регионот од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.
Македонија
(Видео) Мечка со две младенчиња прошета пред планинари на Шара, во следните 2 години ќе учат од мајката како да преживуваат
Националниот парк „Шар Планина“ објави снимка направена од планинари, кои на високите планински пасишта наидоа на кафеава мечка со две мечиња родени на почетокот на 2025 година. Сцената, иако кратка, открива многу за однесувањето на овој строго заштитен вид.
Во видеото малечките љубопитно ја набљудуваат околината, но веднаш се оддалечуваат – типично однесување за мечките, кои природно ги избегнуваат луѓето. Од Националниот парк објаснуваат дека младенчињата во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат и да се приспособуваат во дивината.
Зошто мечките се појавуваат почесто оваа година?
Од паркот велат дека жителите на шарпланинските села имале повеќе средби со мечки од вообичаено. Причината, според нив, најверојатно е лесно достапната храна околу дивите депонии и вознемирувањето од моторни возила во внатрешноста на планината. Мечките не „спијат зимски сон“ целосно – туку паѓаат во длабок мир од кој можат да се разбудат и да го напуштат леглото доколку се вознемират или ако времето е невообичаено топло.
Како да избегнете средба?
Зборувајте погласно, пејте или правете шум при движење. Избегнувајте густи грмушки. Не оставајте храна или отпад зад себе.
Селфи со мечка? Не се обидувајте да фотографирате мечка. Привлекувањето мечка е опасно и има контраефект!
Што да направите ако видите мечка?
Застанете мирно. Со смирен, гласен говор направете да ве забележи. Не трчајте! Трчањето може да предизвика реакции на потера. Полека движете се настрана, без нагли движења. Обидете се да изгледате поголеми: исправете се, кренете ги рацете. Разговарајте смирено за мечката да препознае дека сте човек. Ако имате спреј за мечки, користете го само ако мечката се приближува премногу. А ако видите младенче? Секогаш има мајка во близина — повлечете се полека и смирено. Ако мечката се подигне? Тоа не е напад! Само се обидува да добие подобар поглед или мирис.
Што ако дојде до напад?
Легнете на земја, со рацете зад вратот. Престанете да се движите и симулирајте неподвижност. Почекајте мечката да се оддалечи.
Опрема за поголема безбедност: Спреј за мечки – ефикасен на далечина до околу 8 метри. Ѕвонче за мечки – дава рано предупредување и ја спречува блиска средба.
Кафеавата мечка е вреден, редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Да ја почитуваме, да и оставиме простор и да придонесеме сите за безбедноста и на природата и на луѓето. Шар Планина е дом – да ја чуваме заедно, порачаа од Националниот парк.
Македонија
Собраниска делегација на студиска посета во Бундестагот
Делегација на Собранието и претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, присуствува на дводневна студиска посета во Бундестагот во Берлин, Германија.
Во состав на делегација се претставници на собраниска служба предводени од генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Предмет на студиската посета се институциите кои се дел од надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор во Германија.
Делегацијата имаше можност да слушне како функционира парламентарниот надзор во Германија, земја која обезбедува посебно релевантни примери, со оглед на нивната воспоставена и повеќеслојна рамка за надзор на разузнавањето, вклучувајќи ги парламентарните механизми и механизмите за заштита на податоците.
Во текот на посетата беа остварени работни средби со претставници од надзорните тела на кои беа споделени најдобрите искуства и практики од германските колеги.
Работната посета има за цел да го поддржи професионалниот развој на Службата на Собранието, преку компаративни сознанија и конкретни алатки за зајакнување на надзорот на разузнавачките служби во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.

