Македонија
Спасовски и Терзијски: Со состанокот на Берлинскиот процес потврдена е заложбата за регионална безбедност
Министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Оливер Спасовски и Христо Терзијски, денеска заеднички сопретседаваа со состанокот на министрите за внатрешни работи во рамките на Берлинскиот процес – „Национална, прекугранична и безбедност на луѓето во време на пандемија: стратегија, координација и синергија помеѓу ЕУ и Западен Балкан“ преку видеоконференција во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Во заедничка изјава тие истакнаа дека во голема мера ја ценат можноста двете земји заеднички да сопретседаваат со Берлинскиот процес во 2020 година и ефикасно да придонесат кон регионалната безбедност, отворено да разговараат за теми од голема важност и да бараат практични решенија.
„Европската Унија и регионот на Западен Балкан ги делат истите вредности и принципи. И ние се соочуваме со исти предизвици во борбата против организираниот и сериозен криминал, борбата против тероризам, управувањето со миграциите, заштитата на границите, борбата против корупцијата итн. Оттаму, нашата соработка се заснова на заемна доверба и почит, како и континуитет и повисока регионална заложба за сите релевантни фактори“, се наведува во изјавата.
По дискусиите на денешната средба, министрите од сите земји учеснички во Берлински процес се согласиле дополнително да ја зајакнат својата соработка главно како дел од својата безбедносна агенда, но поспецифично на:
– преговарање за и потпишување регионална спогодба за слободно движење со лични карти во земјите од Западен Балкан. Отстранувањето на пречките за движење на луѓето во регионот, како и континуираниот проток на стока, услуги и капитал и понатаму е клучен предуслов за одржливоста на идната социо-економска агенда на регионот;
– подобрени механизми за координација и соработка на полициските гранични служби во контекст на пандемијата на Ковид-19. Предизвиците што се појавија поради пандемијата на Ковид-19 имаат сериозни последици врз социо-економскиот развој како резултат на засилената контрола на границите, воведувањето времени ограничувања, како и мерките преземени на национално, регионално и на ниво на ЕУ со цел спречување на ширењето на пандемијата. Потребен е покоординиран пристап помеѓу земјите за целосно надминување на последиците од Ковид-19, како и обезбедување ефикасно управување со сите предизвици во областа на граничната заштита и миграциите;
– зајакнување на улогата на управната група за преземени обврски за безбедност во спроведувањето на постојните и идните безбедносни обврски на земјите од Западен Балкан.
„Дискусиите од денешниот состанок, со кој сопретседаваа министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во рамките на Берлински процес, беа многу конструктивни и корисни. Тие не само што ја покажуваат нашата цврста заложба за регионална безбедност туку претставуваат и јасен знак за постоење свесност за потребата за зајакната стабилност во регионот на Западен Балкан.
Веруваме дека претстојниот самит на шефови на држави и влади во рамките на Берлински процес, закажан во Софија на 10 ноември 2020 година, ќе ја обезбеди неопходната поддршка на највисоко политичко ниво за спроведување на нашите приоритети и продолжување на нашата соработка во иднина“, оценија мимнистрите во заедничката изјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

