Македонија
Отворен централниот турнир во мал фудбал во спомен на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го отвори централниот турнир во мал фудбал, во чест на загинатите бранители на Република Северна Македонија 2001-2015, кој се одржа во малата сала на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, под покровителство на Министерството за внатрешни работи.
„Сеќавањето има една благородна цел – преку зближувањето да го направиме споменот траен, бесмртен. Таквата традиција, независно како се манифестира, е важна, хумана и достоинствена. Драго ми е што и овој пат повторно ја имам честа во име на Министерството за внатрешни работи, но и во свое име, да бидам дел од еден таков чин, на спортско—меморијална манифестација, преку која повторно го оживуваме споменот на нашите колеги и пријатели, што ја дадоа најскапата можна жртва во името на слободата и мирот, за одбрана на татковината, а тоа е човечкиот живот“, истакна Спасовски, изразувајќи задоволство што овој меморијален фудбалски турнир прерасна во убава традиција, која дава можност не само за другарување и натпреварување, туку и да се оддаде должна почит кон оние заради кои што и постои турнирот – хероите бранители.
„Тоа е доблесно, дури би рекол – неопходно, затоа што претставува наша должност и обврска да ги изразиме нашата благодарност кон нашите херои и огромната почит кон семејствата на загинатите бранители“, порача Спасовски, прогласувајќи го турнирот за отворен и им посака на учесниците, во духот на спортското натпреваруварување, успех и добри резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

