Свет
Постигнат договор за примирје во Нагорно-Карабах
Претставниците на Ерменија и Азербејџан постигнаа договор за хуманитарно примирје, пренесуваат светските агенции.
Примирјето ќе стапи на сила од полноќ на 18. октомври, пренесува руската агенција „РИА Новости“.
Ова го изјавил портпаролот на претседателот на Нагорно-Карабах, Ваграм Погосијан.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска телефонски разговарал со неговиoт ерменски и азербејџански колега Зохраб Мнацаканијан и Јехун Бајрамов за развојот на ситуацијата во Нагорно-Карабах.
Разговорите се фокусираа на потребата за итно почитување на договорот за прекин на огнот во Нагорно-Карабах, објави руското Министерство за надворешни работи.
Министрите ја потврдиле важноста на договорот постигнат во Москва за почеток на суштински преговори со цел што побрзо да се пронајде мировно решение, засновано врз принципите на Минската група на ОБСЕ (во која медијатори се Русија, САД и Франција), пренесува агенцијата „Тасс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нови детали за малата Данка: нејзината ДНК не била пронајдена на автомобилот со кој била удрена
Како што пренесува „Нова.рс“, на ниеден од предметите што биле земени за помош во истрагата не биле пронајдени биолошки траги од двегодишната Данка Илиќ од Србија.
Српскиот портал напиша дека досега се пронајдени повеќе од 400 траги во службеното возило за кое се сомневаат дека го користеле Дејан Драгојевиќ и Срѓан Јанковиќ кога, според нивното признание, го удриле девојчето. Обвинителството пред неколку дена ги доби резултатите од новите вештачења.
„Од внатрешноста на службениот автомобил во Бор се земени повеќе од 500 траги, како и траги од надворешната страна на автомобилот. Досега вештачењата покажаа дека нема трага од ДНК на Данка Илиќ ниту во самиот автомобил ниту на надворешните делови од возилото“, пишува „Нова.рс“ повикувајќи се на Вишото јавно обвинителство.
Медиумот потсетува дека осомничените работници на фирмата „Водовод“ од Бор, Јанковиќ и Драгијевиќ, биле на работна задача на 26 март кога во Бањско Поле исчезна двегодишно девојче. Според признанието на Драгијевиќ, девојчето го удриле со службеното возило, го задавиле и го фрлиле на дива депонија, од каде што два дена подоцна Дејан со својот татко (73) и сега починатиот брат Далибор (40) наводно го преселиле телото на друга, непозната локација.
Телото на двегодишната Данка сè уште не е пронајдено.
Регион
Се урна конструкција на рингишпил, повредени 13 деца, од кои едно е во животна опасност во Куршумлија
Во Куршумлија денеска се случила несреќа кога на локалниот саем се урнала конструкцијата на рингишпилот, пренесуваат српските медиуми.
Според написите, повредени се 13 деца, од кои едно потешко.
Станува збор за девојче, чиј живот е во опасност и има сериозни повреди на главата и ‘рбетниот столб.
Таа била итно префрлена во КЦ „Ниш“ на Одделот за неврохирургија.
Седум деца се во друга болница, каде што во тек е понатамошна дијагностика, а другите деца се полесно повредени, пишуваат тамошните медиуми.
Свет
Кремљ: Мешањето на силите на НАТО во украинскиот конфликт – огромна опасност
Режимот во Киев е прилично непредвидлив, интервенцијата на воените сили на НАТО во украинскиот конфликт на теренот претставува огромна опасност, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, Москва ја смета за крајно провокативна петицијата објавена на веб-страницата на украинскиот лидер Володимир Зеленски, во која се апелира да се поканат странски војници во Украина.
„Сметаме дека ова во најмала рака е крајно провокативно и го следиме многу внимателно“, рече Песков.
Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна во интервју за „Економист“ изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина на барање на Киев доколку Русија ја пробие линијата на фронтот. Според него, многу земји од ЕУ се согласиле со мислењето на Париз за ова прашање.
Медиумите претходно објавија и дека Франција испратила војници од својата Легија на странци во Украина, пренесува „Танјуг“.