Македонија
(Видео) Пендаровски: Бигорскиот манастир надживеал империи и држави, денеска го започнува своето второ илјадалетие
Денешниов свечен ден е прекраток, за да ги опише, барем, главните настани од илјадагодишната историја на манастирот „Свети Јован Бигорски“, рече македонскиот претседател Стево Пендаровски во обраќањето по повод 1000-годишнината од основањето на ова светилиште.
„Кога, за момент, на овие илјада години би гледале како на еден ден, тогаш би можеле да го видиме првиот Охридски архиепископ Јован Дебранин како го основа и осветува манастирот. Би биле сведоци на генерации верници, монаси и мирјани, како ја надградуваат и оддржуваат жива, бигорската обител. Би ги виделе македонските неимари како од варовник ги ѕидаат овие прекрасни градби, легендарните Мијаци – копаничари како трпеливо го резбаат бигорскиот иконостас, прочуените зографи како ги сликаат познатите фрески и икони. Би биле сведоци на илјада празнувања на Христовото раѓање и воскресение. Би виделе како манастирот прераснува во извор на духовноста, писменоста, и преродбата, каде што дејствувале луѓе кои несомнено биле далеку пред своето време – Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Анатолиј и Партениј Зографски и браќата Миладиновци“, истакна претседателот Пендаровски.
Како што рече, манастирот бил сведок и на големи премрежија и несреќи.
„Низ вековите, Бигорскиот манастир преживеал прогони, пожари и војни, но и надживеал империи, држави и идеологии. На моменти бил и затворан, но, никогаш, никогаш не бил заборавен и избришан од меморијата на луѓето. По секоја несреќа, монасите, заедно со народот, го обновувале ова светилиште, достигнувајќи нови духовни и уметнички височини“, посочи Пендаровски.
Како што рече тој, со целата таа историја и премрежја неминовно се наметнува прашањето: како овој храм на спокојот и на убавината, успеал да ги преброди сите овие бури?

„Овој илјадагодишен подвиг се должи на две нешта. Прво, Бигорскиот Манастир не е само материјална, туку и духовна градба соѕидана не само од бигорскиот варовник, туку и од постојаните молитви на генерации на луѓе од верата. Второ, познато е дека оние кои тука поминуваат дел од животот имаат поразлично сфаќање за времето кое за нив е еднакво на вечноста. За нив, секој еден ден поминат во самооткажување вреди колку илјада години. Луѓето кои искрено веруваат, полесно го раздвојуваат тривијалното од суштинското, минливото од трајното. Со таквиот свој спокоен став кон животот тие не се натпреваруваат за успех, за материјални богатства или за моќ над другите. Се чини во тоа е тајната на вековното опстојување на овој манастир чии што темели се длабоко поставени во срцата и душите на македонскиот народ“, посочи претседателот.
Пендаровски нагласи и дека денешниот јубилеј нѐ поттикнува да размислуваме колку мудро ги користиме деновите во нашите животи и во што ги вложуваме годините.

„Дали само во потрага по материјални вредности или и за покажување добрина и солидарност кон најблиските и кон сите оние на кои животот им станал претежок? Дали и колку секој од нас придонесува за најважната кауза, за изградбата на општество на рамноправни и доблесни во кое ќе се почитува вроденото достоинство на секој човек?
Затоа е нужно, денес, на почетокот на второто илјадалетие на Бигорскиот манастир, да размислуваме, како некоја следна генерација наши потомци ќе ги цени делата на нашата генерација. Се надевам дека ако останеме со силна верба и меѓусебна почит, и по илјада години ќе имаме добрини и вредности кои ќе останат зад нас, за кои ќе се прикажува“, кажа претседателот во својот говор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

