Црна хроника
(Видео) МВР со апел за претпазливост: Измамници бараат пари од повозрасни лица за наводни сообраќајки
Во дневниот билтен на МВР сведоци сме на зачестени измами што ги пријавуваат граѓаните, кои се најмногу насочени кон повозрасните лица.
Начинот на измама e со телефонско јавување на измамниците кај постари лица, при што ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека нивните син или ќерка предизвикале сообраќајна незгода во која е прегазено дете, а сторителот, лажно претставувајќи се како сведок или службено лице, им ветува дека за одредена сума на пари може да помогне наводниот учесник во сообраќајната незгода да не оди во затвор. Има и такви случаи кога измамниците ги доведуваат во заблуда оштетените дека телефонски разговараат наводно со сопственото дете, кое со вознемирен глас им кажува да прават тоа што се бара од нив.
Притоа, измамниците ги наведуваат оштетените за кусо време да ги обезбедат бараните парични средства, кои ќе бидат преземени од сторителите. Од оперативни сознанија на МВР, измамниците на ист начин функционираат и во Бугарија и другите соседни земји.
Затоа, Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги, да ги проверуваат податоците пред да станат жртви на измама, да не им даваат пари на измамниците и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192.
Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на пријавените сторители на измами, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Штипјанец со туѓа картичка подигнал 31.000 денари, МВР поднесе кривична
Полицијата поднесе кривична пријава против Џ.К.(24) од Штип, поради сомнеж за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според истрагата, на 20 октомври 2025 година, пријавениот, без согласност и дозвола од едно женско лице од Штип, неовластено ја прибавил и употребил нејзината банкарска картичка.
Со неовластен пристап до сметката, тој извршил четири успешни трансакции на два различни банкомати во Штип. На овој начин, од жената одзел вкупно 31.300 денари.
Црна хроника
Државјанин на Камерун фатен на Табановце со туѓа француска лична карта, купена во Скопје за 1.000 евра
Полицијата, вчера, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, го приведе П.М.Ф.Б. (29) од Камерун.
При рутинска гранична контрола, утврдено е дека мажот при увид приложил туѓа француска лична карта. Веднаш потоа, преку проверка, евидентирано е дека документот е предмет на меѓународна потрага од страна на Интерпол.
Од понатамошната истрага констатирано е дека државјанинот на Камерун претходно бил регистриран во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Во неговите изјави, тој признал дека француската лична карта ја набавил од едно лице во Скопје, за која платил сума од 1000 евра.
Од МВР велат дека тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Малолетници од Радовиш подметнале пожар на автобус паркиран во училиштен двор
Синоќа во полицијата во Радовиш било пријавено дека настанал пожар на автобус паркиран во дворното место на Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во овој град.
На местото на инцидентот веднаш пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица Радовиш, која успешно го локализирала и изгаснала пожарот и нема повредени лица.
По преземените истражни постапки, полициските службеници утврдиле дека пожарот бил намерно предизвикан од страна на двајца малолетни лица од Радовиш. Со нив, во присуство на нивните родители, се извршени службени разговори, при што тие го признале делото.
Како доказен материјал, од малолетниците е одземена запалката со која го подметнале пожарот.
Со случајот е запознаен јавен обвинител при Основното јавно обвинителство во Струмица и по документирањето ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација

