Свет
(Видео) Италијанец обвинет за обид за убиство откако пукал во мигранти

Еден 43-годишен Италијанец е обвинет за обид за убиство, откако пукал кон мигранти од Северна Африка за кои тврди дека биле безобразни кон него, пренесува „Ил Џорнале“
Инцидентот се случил во саботата вечерта во градот Реџо Емилија. 43-годишниот Гаетано Ломбарди наишол на петмина мигранти од Северна Африка кои го нарекле старец и му рекле да им се тргне од патот.
Инцидентот брзо ескалирал, а двете страни си упатувале навреди сè додека Ломбарди не удрил едно од момчињата пред групата да избега. Наместо да ги пушти мигрантите да избегаат, Ломбарди извадил пиштол „берета 950“ и испукал девет куршуми кон нив.
Тројца од мигрантите, од кои двајца малолетни, се хоспитализирани откако се здобиле со прострелни рани, а 20-годишниот марокански државјанин Салах Един завршил на интензивна нега.
Ломбарди ѝ се предал на полицијата, изјавувајќи дека мигрантите биле многу груби: „Отидов предалеку, нешто пукна во мене“.
Ломбарди е обвинет за повеќе точки за обид за убиство, како и за незаконско поседување огнено оружје. Кога полицијата подоцна извршила рација во неговиот дом, пиштолот бил пронајден скриен под штица, а втор шаржер бил сокриен во машината за перење.
Инцидентот се случи нешто повеќе од две години откако Италијанецот Лука Траини беше осуден на 12 години затвор за обид за убиство на мигранти во градот Мачерата. Трајни, кој е ултрадесничар, пукал во мигрантите како одговор за смртта на италијанската тинејџерка Памела Мастропјетро, која беше убиена и распарчена од мигрант наркодилер од Нигерија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Шахта во Њујорк експлодира неколку секунди откако по неа помина жена со деца

Безбедносна камера во американскиот град Паукипси, Њујорк, снимила драматичен момент кога капак на шахта експлодирал неколку секунди откако покрај неа поминала жена со количка и две деца, објави Би-Би-Си.
На видеото се гледа како жена турка количка и држи дете за рака додека оди по улица. Во моментот кога се оддалечени само неколку чекори има силна експлозија и од земјата избива оган и чад.
Според соопштението на противпожарната служба во инцидентот нема повредени, но во неколку згради во блокот била откриена висока концентрација на јаглерод моноксид.
„Жителите од околните згради се евакуирани додека нивото на гас не се сведе на безбедно ниво“, соопштија пожарникарите.
Причината за експлозијата се уште не е официјално потврдена, но се сомнева дека има технички дефект во електричната или гасната инфраструктура под коловозот.
Свет
Објавен мистериозниот портрет на Трамп кој Путин му го подари на американскиот претседател

Американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен го објави портретот што рускиот претседател Владимир Путин му го испрати на подарок на американскиот претседател Доналд Трамп во март.
На него е претставен американскиот претседател по обидот за атентат, а автор на портретот е рускиот уметник Никас Сафронов.
Сликата го покажува Трамп со крената тупаница и траги од крв на лицето – потсетување на моментот на атентатот за време на настап во кампањата во Пенсилванија на 13 јули 2024 година.
Зад него се вее американско знаме, а во позадина се видливи Статуата на слободата и Менхетен во Њујорк.
Свет
Зеленски: Спремни сме на директни разговори со Русија

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина е подготвена за директни разговори со Русија по прекинот на огнот
„Подготвени сме да седнеме во кој било формат“, изјави украинскиот претседател за новинарите на брифинг.
Да потсетиме дека вчера и рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е подготвен за директни преговори со Киев.
Во изјавата за новинарите, Путин рече дека би било можно директно да се разговара со Киев за прекин на нападите врз цивилната инфраструктура.
„Имаме позитивен став кон прекинот на огнот“, рече Путин, мислејќи на одлуката на Русија да спроведе изненадувачки 30-часовен Велигденски прекин на огнот.