Македонија
Демократски сојуз: Османи да му врачи протестна нота на бугарскиот амбасадор

Демократскиот сојуз ја осуди изјавата на потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, дека ќе испрати инженериски полк на бугарската армија или членови на организацијата ВМРО која ја предводи за да ги отстрани спомениците во Македонија на кои има табли дека станува збор за жртви на бугарскиот фашистички окупатор.
Демократскиот сојуз смета дека најмалку што треба да направи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, е да го повика на разговор амбасадорот на Бугарија во нашата држава и да му врачи протестна нота, усна или писмена, за прекршување на дипломатските правила на однесување на високиот претставник на бугарската Влада.
Исто така, од ДС велат дека очекуваат и премиерот на, како што велат од партијата, пријателска и сојузничка Република Бугарија, Бојко Борисов, да се огради од ваквите изјави на потпретседателот Каракачанов.
„Скандалозно и непримерно е министер за одбрана на членка на НАТО во која членува и нашата држава да дава вакви изјави насочени кон својот сосед со кој Бугарија официјално декларира дека сака да негува добрососедски и пријателски односи. Република Бугарија и РС Македонија се сојузници во НАТО-алијансата во која безбедноста, мирот, добрососедската соработка се основни вредности и принципи, а изјавите за испраќање воени единици ги будат мрачните духови на минатото“, велат од ДС.
Ставовите на потпретседателот на бугарската Влада, Каракачанов, како и на европратеникот од владејачката партија ГЕРБ, Андреј Ковачев, во кои се доведува во прашање прославата на 11 Октомври, Денот на востанието против фашистичкиот окупатор, како услов за поддршка на официјална Софија за нашето евроинтегрирање, додаваат од партијата, се навреда за македонскиот народ, кој ја извојува својата национална слобода во Втората светска војна во борбата со фашизмот.
Од ДС велат дека Република Бугарија треба да се соочи со историската вистина дека во текот на Втората светска војна монархистичкиот режим на бугарскиот цар Борис бил сојузник на фашистичка Германија, го потпиша Тројниот пакт, а за возврат од фирерот Хитлер добил награда да ги окупира териториите на Вардарска Македонија, Беломорска Тракија и Егејска Македонија. Дека станува збор за окупација на територијата на денешна РС Македонија, велат од ДС, сведочат и документи на бугарската армија и изјави на тогашниот бугарски премиер Богдан Филов, кои се јавно достапни на интернет.
„Демократскиот сојуз смета дека бугарскиот народ и современата бугарска држава треба да демонстрираат дека немаат ништо заедничко со фашистичкиот режим на цар Борис. Европската Унија почива врз принципите на извојуваната слобода во борбата против фашизмот и обидот да се негира фашистичката окупација и да се претстави како ослободување во најмала рака е антиевропски и антицивилизациски чин“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце времето на чекање за излез од Македонија е околу 30 минути

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од Македонија е околу 30 минути, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски – вечниот политичар без дела, со вечна желба за фотелја, реагира затоа што не беше дел од јахта забавата на Филипче и Заев

„Андреј Жерновски, познат по своите политички прескокнувања и вечна желба да биде „прв во партијата“, повторно се јавува како гласноговорник на СДС, очигледно туркајќи ја агендата за сопствена промоција и позиционирање за иден лидер на партијата“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека го анализира ВМРО-ДПМНЕ и измислува анкети по нарачка на партиската кујна на Бихаќка, Жерновски молчи за вистинските скандали кои ја потресоа неговата партија – за јахтите на Заев и Филипче, за апетитите на нивниот олигархиски круг, за милионските тендери и провизии, за клиентелизмот кој ја потопи СДС.
Тој е дел од тажната група вечни политичари кои живеат удобен и комотен живот, а никој не може да се сети на ниту едно нивно конкретно дело или резултат. Политичка неконзистентност и лична амбиција тоа е неговиот единствен „капитал“.
Наместо да држи лекции за економија и политика, нека објасни како тој и неговите ментори ја доведоа Македонија до економски колапс, до историски одлив на млади луѓе и до ниво на корупција невидено во модерната историја.
Жерновски е симбол на политичари кои мислат само на својата фотелја, а секој негов напад врз ВМРО-ДПМНЕ е ништо повеќе од обид да се прикаже релевантен пред партиската база на СДС, во надеж дека еден ден ќе ја заземе лидерската позиција“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на Жерновски.
Македонија
СДСМ: Рамковниот договор е важен документ за мирот, соживотот и градењето заедничка иднина

„Рамковниот договор е важен документ кој стави крај на конфликтот од 2001 година, воспостави мир и отвори поглавје на соживот во градењето заедничка иднина“, велат од СДСМ.
„Освен зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата, суштината на Рамковниот договор е издигнувањето над поделбите, меѓусебно помирување и отворање на вратите за заеднички напредок и еднакви можности на сите граѓани.
Сите политички чинители во земјава треба своите напори да ги вложат во политики коишто ги сплотуваат граѓаните, да работат заеднички за едно современо, демократско и интегрирано општество за сите“, соопшти СДСМ.