Македонија
(Видео) Митева: Образованието доживува крах
Образованието доживува крах, наставници и ученици заболуваат од Ковид-19, голем број деца немаат компјутери, а Царовска крати од парите за образование, обвини Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните покрај навредите од Заев и Царовска го трпат и неуспехот на секое поле во општеството предизвикан од нивните лоши политики и неспособност. ВМРО-ДПМНЕ предупреди за хаосот предизвикан од неадекватното справување со ковид-пандемијата во делот на образованието, кој го живееме денес. Но власта не презема ништо. Епилогот е секојдневно зголемување на бројот на заразени ученици и наставници. Уште поголема е бројката на оние кои се во самоизолација. Образованието не е на листата на приоритети на Владата. Секојдневно имаме инфицирани наставници, ученици, негувателки од градинки, мали деца“, рече Митева.
Таа вели дека едукацијата на наставниците е неуспешна и дел од нив сè уште немаат компјутери, а голем број на ученици воопшто не се приклучуваат на наставата.
„Власта се соочува со неуспеси на полето на образованието. Вадат паушални статистики дека околу 88% од учениците непречено следат онлајн настава. Но, никој не кажува како дошле до таа бројка. Директорите на училиштата секој ден во 10 часот добиваат апликација во која ги регистрираат проблемите и причините за нив. Каква е таа апликација, иста како платформата? Зошто директорите, односно партиските кадри даваат одговори наместо учениците и родителите? И што е со останатите 12%, ако може да се верува на статистиките на власта?“ кажа Митева.
Таа рече дека од парите во буџетот наменети за развој на образованиот систем на основците се кратат 5 милиони евра, а во средното образование 2,2 милиони евра. Дополнително, додаде Митева, минусирани се цели, 11,6 милиони евра наменети за функционално образование какво што заслужуваат идните академски граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

