Култура
Светска премиера и „Социјална дилема“ го затвораат Истражувачкиот филмски фестивал
Во недела, 25 октомври, завршува четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, кое годинава се одржува онлајн. Филмовите од фестивалската селекција, бесплатно и со македонски превод, се достапни преку on demand платформата Синесквер.
За последниот фестивалски ден е закажан разговорот со наградуваната новинарка Миа Малан, основачка на јужноафриканскиот медиум Бекисиса, светол пример за темелно и одговорно известување за пандемијата со КОВИД-19 (12 часот), како и излагањето на британскиот независен документарист, Мајкл Освалд, на тема „Како да снимите филм без буџет“ (14 часот). Освалд ќе објасни како се избира темата на филмот, како се договараат соработници, како се продуцира филмот и клучно, како без институционална поддршка може да се создаде дело што ќе остави белег.
На ИФФС се одржува и светската премиера на неговото најново остварување, „Човекот кој премногу знаеше“, документарец за Колин Волис, поранешен виш службеник за информации во Министерството за одбрана на Велика Британија. Филмот нуди поглед на двојните аршини во разузнувачкиот свет низ очите на човек кој бил во центарот на таа приказна. „Човекот кој премногу знаеше“ зборува за Волис, чија работа вклучувала ширење лажни вести и создавање раздор помеѓу заедници, организации и поединци, за по извесно време и самиот тој да стане жртва во оваа сложена игра.
„Човекот кој премногу знаеше“ е достапен on demand, што значи дека како и останатата фествалска селекција може да се погледне во кое било време до недела на полноќ. Филмовите кои бесплатно може да се погледнат со македонски превод се: „Коронација“ на кинескиот уметник Ај Вејвеј, кој е снимен „од дистанца“, користејќи материјали од жителите на Вухан; документарната истрага „Криминал од солидарност“; „Амазонија: Будењето на Флорестанија“ за еколошките проблеми и конзумеризмот; „Солидарност“ за неверојатните „црни листи“ за работниците во Велика Британија; „Моја драга самопослуго“ и „Запознајте ги цензорите“.
„Социјалната дилема“, актуелниот документарец од Нетфликс, кој со македонски превод ќе се прикажува за затворање на фестивалот, ќе биде достапен единствено на 25 октомври во 20 часот.
Содржините од четвртото издание на истражувачкиот филмски фестивал, меѓу кои и гостувањето на синот на убиената малтешка новинарка Дафне, Метју Каруана Галиција; излагањето на Дугал Шо од Би-би-си за мобилно новинарство насочено кон решенија; и разговорот за работничките права на новинарите во Македонија, се достапни на веб-страницата pina.mk. Четвртото издание на ИФФС го организира Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА во партнерство со Фондацијата Фридрих Еберт – Скопје и поддршка од канцеларијата на УНХЦР – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

