Македонија
(Видео) Инспекторите за една недела извршиле 3.959 контроли
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, ги презентираше податоците од спроведените контроли извршени во периодот од 19 до 25 октомври од страна на Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот трудов инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства.
Во наведениот период извршени се вкупно 3.959 контроли, од кои 1.436 се инспекциски надзори. Контролите се однесуваат на почитување/непочитување на законите, владините уредби, одлуки, протоколи, како и мерки за превенција и спречување на ширењето на коронавирусот во државата.
Од страна на инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, во периодот од 19 до 25 октомври извршени се 2.523 контроли, односно 613 надзори поврзани со почитување на здравствени протоколи, отворање и работа на угостителски објекти, Закон за трговија, Закон за заштита на потрошувачи, Закон за угостителска дејност и Закон за заштита од пушење. Како резултат на истите, поднесени се 19 прекршочни пријави и 8 кривични пријави за непочитување на ковид-протоколите и материјалните закони. Дополнително, изречени се 66 решенија и 29 платени налози по материјални закони.
Од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, извршени се 90 надзори, при што се издадени 5 решенија за констатирани неправилности. На лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица, од страна на здравствените инспектори издадени се 6.715 решенија за изолација и домашно лекување. Државниот инспекторат за труд во истиот период спроведе 400 надзори на правни субјекти во однос на почитување на Протоколот за заштита на здравјето на вработените. Донесени се 12 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи. Во истиот временски период, од страна на Инспекторатот за транспорт од вкупно извршени 48 надзори, изречени се 4 кривични пријави, 6 прекршочни пријави, донесени се 3 решенија и 2 прекршочно платни налози. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД при извршени 33 надзори на територијата на целата држава нема констатирано прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите. Од страна на инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство извршени се 252 надзори и издадени се 5 решенија, 3 прекршочни платни налози и паралелно спроведени се 15 едукации. Констатираните недостатоци се однесуваат на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, нерегистрирани објекти и небезбедни производи.
На прес-конференцијата на новинарско прашање поврзано со нови вработувања во инспекциските служби директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, посочи дека врз основа на претходна анализа, Владата во текот на следната година ќе ги засили дефицитарните кадри во инспекциските служби.
Воедно, директорката на Инспекцискиот совет, Филиповска–Грашкоска, информираше дека измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се воведуваат нови поголеми надлежности за инспекциските служби, е веќе во собраниска процедура по скратена постапка и истите ќе стапат во сила веднаш штом ќе бидат изгласани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“
СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.
Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.
Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.
Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.

