Македонија
Средба Битиќи-Дукс: Да се искористат унгарските искуства за пристапувањето кон ЕУ
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со амбасадорот на Унгарија, Ласло Дукс, со кого разговараа за актуелните состојби поврзани со мерките за поддршка на економијата во услови на пандемијата на коронавирусот, економската соработка помеѓу двете земји и поддршката од Унгарија во процесот на пристапување на земјава во ЕУ.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Дукс се согласија дека економската соработка помеѓу двете земји се развива во позитивна насока, при што Унгарија од 27. место во однос на трговската размена, за само неколку години, стана 9-ти трговски партнер на Северна Македонија, а во меѓусебниот разговор изразија очекување дека овој тренд ќе продолжи и понатаму.
Битиќи нагласи дека соработката со земјите членки на ЕУ останува врвен приоритет на Владата и додаде дека се надева на поддршка од Унгарија во процесот на преговори и пристапување кон ЕУ, како и дека ќе може да се искористат унгарските искуства во процесот и при привлекување фондови за реализација на развојни проекти во нашата земја.
Вицепремиерот потенцира дека во периодот што следува ќе работи на поттикнување на соработка со сите земји во регионот на Западен Балкан, со цел во секоја земја да се креираат конзистентни и кохерентни економски политики, кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на секоја од земјите, но и регионот во целина, наместо создавање конкуренција помеѓу земјите, со цел да станеме поатрактивен партнер на ЕУ.
Битиќи и Дукс разговараа и за можноста за унапредување на соработката помеѓу Северна Македонија и Унгарија за што вицепремиерот посочи дека во земјата во периодот што следува ќе се реализираат голем број крупни проекти за развој на железничката и патната инфраструктура, енергетиката, како и проекти за заштита на животната средина и управување со водни ресурси за кои постои искуство и знаење кај унгарските компании.
Амбасадорот Дукс го реафирмира ставот дека Северна Македонија може да очекува помош и поддршка од Унгарија во пристапниот процес, а со вицепремиерот Битиќи се заложија да продолжат со интензивна комуникација во насока на унапредување на меѓудржавната економска соработка и поефикасното интегрирање на нашата земја во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

