Македонија
Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Скандал е што наместо оставка, Шилегов го награди Караџовски
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на град Скопје реагира за доделената награда „13 Ноември“ на епидемиологот Жарко Караџовски. Тие велат дека е скандал што наместо оставка за над 900 мртви, Шилегов и власта на Караџовски му дале награда.
„Вистински скандал е што наместо оставка на Жарко Караџовски за над 900 починати лица поради КОВИД пандемијата, градот Скопје, Петре Шилегов и власта на Заев му дадоа награда 1’3 Ноември’. Тоа претставува деградирање и омаловажување на самата награда. Заслугите на Жарко Караџовски се тоа што во земјава дневно се заразуваат над 800 лица, Градот Скопје е главен корона кластер и сме држава со убедливо најголем процент на починати лица по глава на жител во регионот“, се наведува во соопштението.
Дополнително, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во составот на комисијата која одлучува за наградата „13 Ноември“ е и советникот на Зоран Заев Љубиша Станковиќ, што, според советниците од ВМРО-ДПМНЕ, значи советникот на Заев му доделил награда на сатрапот на македонското здравство Караџовски, а Шилегов тоа го одобрил.
„Секаде во светот фрштат оставки поради лошото справување со кризата само кај нас делат награди. Петре Шилегов со ова ја деградира наградата ’13 Ноември’“, велат советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.
Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Северна Македонија и во светот.
Наградата се доделува со тајно гласање кое оваа година го спроведе Комисијата што ја именува Одборот, во следниот состав: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.
Наградата од областа на здравствената заштита ја доби епидемиологот Жарко Караџовски за заслуги во здравството и тимот на доктори кои ја извршија првата трансплантација на срце во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

