Македонија
За еден месец казнети над 16.000 возачи во Македонија
Полицијата за еден месец казнила над 16.000 возачи во Македонија за разни прекршоци, соопшти МВР.
„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици. Досега за речиси еден месец по почнувањето со засилените сообраќајни контроли, изречени се над 16.000 санкции“, рече портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Министерството за внатрешни работи, освен во Скопје, спроведува засилени акциски контроли за санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и во другите градови, меѓу кои и Кавадарци.
Портпаролот на МВР апелира до граѓаните на Кавадарци да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
„Само за еден час во денешната акциска контрола во Кавадарци се изречени над 80 санкции, пред сè, за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола и др.“, соопшти Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола во Кавадарци ќе бидат презентирани утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ денеска излезе со обвинување за скандал во Јавното претпријатие за државни патишта (ВИДЕО)
Опозициската СДСМ денеска излезе со обвинување за скандал во Јавното претпријатие за државни патишта.
Од партијата денеска велат дека скандалот продолжува да се проширува, откако беше обелоденето дека Миланчо Митревски, назначен за шеф на контрола на Наплатната служба на патарините во Петровец, злоупотребува службената положба.
Додаваат дека и покрај изречената дисциплинска санкција, Митревски наводно продолжува со практики на нелегално наплаќање, каде што вишокот пари ги задржува за себе.
Додаваат дека скандалот открива дека неговата квалификација за оваа позиција е само партиската принадлежност, бидејќи е долгогодишен кадар на ВМРО-ДПМНЕ и сопруг на советничка од истата партија во Велес.
Од СДСМ обвинуваат дека законите не важат за партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ, повикуваат на одговорност од страна на надлежните институции, а укажуваат на потребата за итна реакција од страна на Коце Трајановски, кој треба да го разреши Митревски, како и за поднесување на пријави против него за злоупотребите.
Македонија
Претседателката Сиљановска Давкова изрази сочувство по смртта на Алекс Салмонд
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер во Охрид присуствуваше на комеморацијата и изрази сочувство по смртта на Алекс Салмонд, поранешен прв министер на Шкотска.
„Искрено сочувство по повод смртта на поранешниот прв министер на Шкотска Алекс Салмонд кој вчера почина во Охрид за време на Вториот Форум за културна дипломатија што се одржа во ко-организација на Кабинетот на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов, заедно со Институтот за културна дипломатија од Берлин, Градот Скопје и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите. Моите мисли се со неговото семејство и најблиските во овој тежок период. Нека почива во мир“, пишува во соопштението од Кабинетот на Сиљановска.
Македонија
Омилена работа на претходната власт била местење тендери, велат од ВМРО-ДПМНЕ
За да одиме напред мора да ја знаеме фактичката состојба, што е оставено од претходно, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека одговорот е руинирани институции, корупција и криминал, омилена работа на претходната власт била местење тендери.
„Во низата скандалозни тендери се и оние во РЕК Битола. Спорни и според Државната ревизија се тендерите во РЕК Битола што ги доби Марковски компани на чело со сопственикот Борче Марковски почесниот конзул на Белорусија во земјава. Ревизијата утврдила дека биле спроведувани постапки во РЕК Битола со договарање во четири очи без јасно дефинирани критериуми, нееднаков третман на компаниите и расипничко користење на јавните средства. При една набавка одбиена е компанија која нудела подобри услови, а била избрана Марковски компани, во друга пак се глумело конкуренција за битолската компанија на конзулот да ја задржи високата цена. Марковски компани основана во 2020 година со паричен влог од 2500 евра била особено омилена на СДС и ДУИ за делење на тендери. Ваквата Македонија ќе ја смениме. Неспособноста завршува со нив, работиме 100 проценти одговорно за твојата иднина“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.