Македонија
Матурантите до 30 ноември да предадат тема за завршната проектна задача
Министерството за образование и наука ги известува срeдношколците од четврта година најдоцна до 30 ноември годинава да пријават тема за изработка на матурска проектна задача. Пријавувањето треба да го направат во своите училишта.
МОН ги информира матурантите дека од годинава, покрај стариот модел на реализација на проектната задача се воведуваат и нови можности за реализација на истата. Новата можност за реализација на проектната задача е базирана на интересите на учениците и на глобалните трендови во образованието, културата и социјалниот живот на младите. Овие проектни задачи овозможуваат разновидност во пристапот и создавање модели кои ќе го поттикнат креативниот потенцијал на матурантите и нивното критичко размислување за темите од современото живеење.
Во процесот на реализација на проектната задача, матурантите имаат можност да создадат своја идеја во форма на:
1. Младинска иницијатива која ќе предизвика некаква промена во заедницата (волонтерски активности, екоакции, обуки за стекнување одредени вештини, хуманитарни активности и помош и поддршка на ранливи социјални групи).
2. Дигитални едукативни и социјални платформи (електронски весник или тематски профил) кои обработуваат креативни и образовни содржини од областа на јазикот, културата, науката, уметноста, медиумите/влијанието на социјалните мрежи, општеството, граѓанското однесување во општествената заедница и сл.
3. Видеоматеријали, кратки филмови, новинарски стории на одредена тема, портрети на личности од важност за заедницата, кампањи (на социјалните мрежи или во физички простор) кои учениците ги изработиле со цел промовирање позитивни вредности.
4. Уметничка или сценска изведба (драма, литературно читање, ораторска вечер, изложба, мултимедијален настан и сл. ).
Преку новите можности за реализација на матурската проектна задача учениците ќе ја покажат својата иновативност, креативност, творечки потенцијал, лични комуникациски вештини, младински активизам, свест за општествена одговорност, грижа за околината и помош и поддршка на различни социјални групи.
Министерството за образование и наука информира дека годинава и понатаму останува да важи стариот систем за избор на предмети што ќе се полагаат за државна матура, но поради пандемијата со Ковид-19, истите ќе се подготвуваат со скратени наставни програми. Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно обврзание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

