Македонија
(Видео) Заев, Вучиќ и Рама разговараа за поврзување на државите во услови на пандемија
Премиерот Зоран Заев, преку интернет-конференциска врска, денеска учествуваше на регионалниот форум за млади лидери, во организација на Европското движење во Србија од Нови Сад, кој беше посветен на регионалната економска соработка со посебен осврт на решенија за поврзување на државите во услови на пандемија.
Премиерот Заев во дебатата на која учествуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Албанија, Еди Рама, потенцираше дека повеќе од кога било пандемијата со коронавирусот покажа дека сè е врзан систем. Инфраструктурата, економијата, еколошките системи, па дури и политичките системи. Кризи како оваа се лакмус-тест за состојбите во едно општество, што е силно, а што е слабо во истото.
„Во услови на криза нашите држави работат и сме во постојана комуникација помеѓу себе. Координираните одговори на најголемите предизвици кои се исправија пред нас донесоа и придобивки. Ја зајакнавме постоечката соработка, покажавме висок степен на солидарност и капацитет на носење одлуки за граѓаните на нашите земји. Младите мора да бидат дел од овие процеси. Потребна ни е нивната креативност, потребна ни е нивната енергија и капацитет да ги согледуваат пречките како можности, затоа што во нив ги полагаме сите надежи дека ќе успеат да ги финишираат сите интеграциски процеси кои сме ги опочнале пред неколку декади“, додаде Заев.
Премиерот Заев истакна дека образованието и зголемувањето на компетенциите на младите се клучни за понатамошен напредок. Сведоци сме на зголемена миграција и на неа треба да гледаме како двонасочна улица. Сакаме и создаваме можности за оние кои заминале да се вратат, да може во својата држава да ги користат новите вештини кои ги научиле. Слободното движење на луѓе е цивилизациска придобивка која треба да ја негуваме постојано, додаде меѓу другото во текот на дебатата премиерот Заев.
На дебатата се разговараше и се презентираа заедничките заклучоци кои тројцата лидери ги дискутираа на трилатералната средба минатиот петок во рамките на обновената иницијатива за регионална соработка.
Оваа година Северна Македонија заедно со Бугарија копретседава со Берлинскиот процес, чиј самит следува следната недела. Градиме соработка преку која ги разговараме, унапредуваме и конечно се обединуваме околу позициите каде што имаме заеднички интерес како регион во рамките на Берлинскиот процес, беше заедничката порака до младите од страна на Вучиќ, Рама и Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

