Македонија
Поранешно „Матично“ ќе се реконструира во нов младински центар

Градоначалниците на Центар и Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, како и претставници од Сојузот на извидници го најавија почетокот на градежните активности за реконструкција на објектот на поранешната Управа за водење матични книги – „Матично“, кое се наоѓа во склоп на општинските бараки.
Во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети”, организиран од страна на Општина Центар, а со поддршка од страна на Програмата за развој на обединетите нации – UNDP како спроведувач и Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC како донатор, одобрен е финансиски грант во износ од 50.000 швајцарски франци за реализација на три проекти кои се избрани од страна на граѓаните на одржаните форумски сесии мината 2019 година.
Младинскиот центар е еден од предлог-проектите кои влегоа во финалната селекција, заедно со проектите „Отворени сцени“ и „Зајакнување на капацитетите на градинките за социјална инклузија – сензорни соби“, кои се во фаза на подготовка.
Со реконструкција на поранешниот објект „Матично“, Општина Центар ќе го отстапи просторот за реализација на програмските активности на Младинскиот центар, кој покрај основната цел ќе претставува и мултимедијален центар подобен и за други содржи во интерес на младите. Општината ќе кофинансира со 83 проценти од вкупниот износ за целосна реализација на проектот и отворање нов Младински Центар во градот.
„Особено се радувам дека белегот на градот Скопје и култниот објект ‘Матично’, после 52 години, за првпат ќе биде реконструиран во нов облик и функционален простор за промоција и афирмација на младинската мрежа. Креирањето на еден ваков одржлив и инклузивен центар за младите ќе претставува сервисен центар, нов мултифункционален простор за реализација на разни едукативни активности за младинските и извидничките организации, како и неформалните групи на млади лица. Младите директно ќе бидат вклучени во креирање на политиките на локално ниво, ќе имаат соработка со основните училишта и ќе работат на социјалното вмрежување и поттикнување на неформалното образование“, истакна Саша Богдановиќ
Градежните и градежно-занаетчиските работи ќе се изведуваат на површина од 470 метри квадратни и ќе имаат за цел да обезбедат зголемување на енергетската ефикасност на објектот и обезбедување соодветни услови за лицата со посебни потреби. Ќе се врши целосна промена на кровниот покривач со поставување термоизолација, целосна реконструкција на водоводната и електричната инсталација, промена на нова фасадна столарија со нови енергетско ефикасни прозори, како и поставување нови подови, ѕидни облоги, нови тоалети и ново осветлување.
Вкупното чинење на реконструкцијата ќе изнесува 6.941.282,00 денари со влучен ДДВ. Општина Центар ќе обезбеди 83 проценти од финансиски средства, односно 5.768.074,00 денари од Буџетот на општината за 2020 година, а останатите 1.173.208,00 денари ќе бидат обезбедени од Програмата за развој на обединетите нации – UNDP во форма на донација.
Градежните активности се планираат да завршат во наредните 50 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Костадиновска-Стојчевска до Љутков: Се знае ли кој е државен секретар во Министерството за култура?

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Прашањето се однесуваше на прекинувањето на значајни проекти во културата и на фактот дека незаконски се претставува кој е државен секретар во Министерството за култура.
„Драго ми е што ги продолжувате проектите коишто беа наследени, како што е еден од нив – реконструкцијата на кино „Партизан“. За волја на вистината, не ги продолжувате сите, меѓутоа сепак гледаме некое поместување.
Најголем дел од проектите ги прекинавте, како „Љубојно“ и ред други значајни проекти, меѓутоа никој не дозна зошто.
Не дознавме ни зошто нема резултати од конкурсот за креативни индустрии, како што не ги видовме ниту програмите на националните установи јавно објавени, за да знае јавноста што е тоа што е одобрено“, рече Костадиновска-Стојчевска.
„Не знаеме зошто не распишувате конкурс за капиталните дотации до ЕЛС, а имате 200 милиони денари на таа сметка – конкурс којшто се објавува најдоцна до април.
Знаеме колку потрошивте за Јапонија, и дека отсега имате купено авио карта за во септември повторно за Јапонија. Изгледа убаво е таму.
Но, не знаеме кој е државен секретар во Министерството за култура. Затоа моите три прашања до вас се следниве: Кој е државен секретар во Министерството за култура на 22 мај 2025 година? Кој е државен секретар во Министерството на култура на 24 мај 2025 година? Кој е државен секретар во Министерството за култура на 26 мај 2025 година“, праша пратеничката Костадиновска-Стојчевска.
Македонија
Арсовска: Висар Ганиу фатен со криминално легализирање дивоградби со фалсификат, документи се доставени до обвинителство

„Висар Ганиу фатен со криминално легализирање дивоградби со фалсификат, за што документи се доставени до обвинителство и има изјави кои сведочат за начинот на кој ги спроведувал овие незаконски постапки, институциите уште се мислат кога да ПОЧНАТ да постапуваат“, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Во меѓувреме Висар си брише имотни листови од Катастар, замислете овие луѓе кои до вчера имале имот, денес немаат, поради неговите фалсификати.
Фалсификатот го запишувал во Катастар на 20.03.2025 година сред денови на жалост за трагедијата во Кочани, користејќи период кога мислел дека нема никој да примети што прави.
1. Барање за упис во катастар
2. Решение за упис во катастар со фалсификат документи
3. Барање за бришење имотен лист од катастар
4. Решение за бришење да може да го уништи досието со фалсификатите
5. Катастар за 24 часа го брише досието со што директно овозможува да можат да се уништат докази за делото
Зошто само 2% доверба имаат граѓаните во правосудството? Во моментов во затвор лежат луѓе за влез во Собранието на 27 април и за 100 ќебапи. Таму се постапило веднаш! Во Чаир кај Висар Ганиу ќе влезат да обезбедат докази за некоја година, нека троши кеш и нека ужива до тогаш!“, додаде Арсовска.
Македонија
Бројот 192 моментално не е во функција, граѓаните кои имаат потреба, да го користат 112, велат од МВР

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека бројот 192 поради технички причини моментално не е во функција и се преземаат мерки за нивно отстранување.
„Ве информираме дека во функција е бројот 112 и граѓаните кои имаат потреба можат да го користат овој број“, додаваат од МВР.