Македонија
Кафе-барот „Интермецо“ доби кривична од Општина Центар: „Досега се казнети со 12.000 евра“

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска во Основното јавно обвинителство ја поднесе кривичната пријава против Димитрије Јовановиќ, управител на скопскиот кафе-бар „Интермецо“.
Кривичната пријава против Јовановиќ е поднесена за сторено кривично дело симнување или оштетување на службен печат или знак што го ставило овластено лице заради осигурување на предмет или просторија. Oној што ќе влезе во ваква просторија или отвори осигурен предмет, се казнува парично или со затвор до три години.
„Општина Центар, на барање на жителите кои живеат во овој дел од општината, неколку пати претходно го опоменуваше и санкционираше кафе-барот ‘Интермецо’ за прекршување на Законот за заштита на животната средина во однос на надминувањето на дозволеното ниво на бучава. На кафулето ‘Интермецо’ досега поради гласна музика и бучава му беше изречена една мандатна глоба во висина од 6.000 евра, потоа откако кафе-барот продолжи со непочитување на законските мерки, Општина Центар му изрече уште една глоба од 6.000 евра и му забрани да врши угостителска дејност во траење од 30 дена“, се наведува во соопштението од Општината.
Во него се додава и дека откако локалот бил затворен, незаконски била тргната службената пломба на влезот и веќе истиот ден „Интермецо“ продолжил со работа.
Кривичната пријава до ОЈО општината ја поднесува со цел обвинителството да ги преземе сите потребни дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба со кршењето на законот од страна на кафе-барот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Клиника задржана жителка на Трубарево, лекарска помош побарале и директорот на ЦУК, војник и полицаец

Во моментот на Клиниката за токсикологија е хоспитализирана една жителка на Трубарево, која живее во непосредна близина на магацинот за електронски отпад каде избувна пожарот. Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека таа е задржана поради симптоми на вртоглавица и кашлица, но е надвор од животна опасност и се очекува наскоро да биде пуштена на домашно лекување.
Според Алиу, останатите три лица кои побарале лекарска помош – припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али и еден полициски службеник – веќе се пуштени на домашно лекување.
Министерот истакна дека Министерството за здравство уште вчера формирало кризен штаб кој ја следи состојбата, а Институтот за јавно здравје изготвил препораки кои и денеска остануваат во сила.
Алиу апелираше сите граѓани кои чувствуваат симптоми како вртоглавица или кашлица да побараат лекарска помош.
Македонија
Анализа на вода, ограничување на ученици и мерење на загадувањето – Министерството за животна средина по пожарот во Трубарево

Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Институтот за јавно здравје, Кризниот штаб на Владата и Државниот инспекторат за животна средина, ја информира јавноста дека се преземени итни мерки за заштита на здравјето на граѓаните поради пожарот што настана во магацинот за електронски отпад во Трубарево.
Согласно препораките од Државниот инспекторат за животна средина, се преземаат следните активности:
• До Институтот за јавно здравје е доставено барање за извршување на анализа на вода од бунари што ги користат домаќинствата во непосредна близина на опожарениот магацин;
• Министерството за животна средина и просторно планирање издаде забрана за пристап и движење на локацијата на пожарот;
• Во наредните 7 дена, акредитирана лабораторија ќе врши 24/7 мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух;
• До Основното општинско училиште „Крум Тошев“ во Трубарево е испратена препорака за ограничување на движењето на учениците на отворен простор сè до стабилизирање на состојбата.
Апелираме до граѓаните внимателно да ги следат официјалните соопштенија и да ги почитуваат насоките од надлежните институции со цел заштита на сопственото здравје и здравјето на нивните најблиски.
Македонија
Бујар Османи: Изет Меџити мора да си поднесе оставка

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска упати остри критики до актуелниот министер за животна средина Изет Меџити, обвинувајќи го дека не само што ги користи државните ресурси за сопствена кампања, туку и директно го загрозува здравјето на граѓаните со својата неактивност.
„Двапати размислував дали денес треба политички да зборувам. Но не можам да не кажам: најпрво, сметам дека тој требаше да поднесе оставка уште истиот ден кога се кандидираше, за да биде натпреварот еднаков“, изјави Османи.
Тој потенцира дека Изет Меџити, наместо да ја напушти функцијата кога влезе во изборна трка, остана министер со полн капацитет и буџет на располагање, нешто што, според Османи, е длабоко неморално и нефер.
„Се кандидира со платата на министер и прави кампања во Чаир со ресурсите на министерството“, предупреди Османи.
Но, Османи додаде дека сега постои уште посериозна причина за оставка, неспособноста да се справи со еколошка и здравствена криза каква што се случи вчера во Трубарево, кога цело Скопје беше обвиено со токсичен чад од горење на пластика и кабли.
„Со тоа што не ја врши работата за која е платен од граѓаните, и обидувајќи се политички да преживее, тој го загрозува здравјето на луѓето и тоа не само привремено, туку со долгорочни последици“, нагласи Османи.
Во ситуација кога јавноста со право очекуваше реакција, инструкции и информации од Министерството за животна средина, Изет Меџити не се појави ниту пред јавноста, ниту на терен, додека граѓаните во Трубарево мораа да се евакуираат доцна во ноќта, а целиот град се задушуваше во отровен чад.
„Затоа ова е и повик за неговата оставка“, заклучи Османи. „Тој покажа дека не ја врши својата работа како што треба, го загрозува здравјето на луѓето, а притоа ги злоупотребил државните ресурси за изборна кампања.“