Македонија
Царовска и Шахпаска: Сите деца имаат право на топол дом и образование
Министерките за образование и наука и за труд и социјална политика, Мила Царовска и Јагода Шахпаска, ги презентираа македонските искуства во деинституционализацијата на грижата за деца на онлајн тркалезната маса организирана од УНИЦЕФ и Министерството за образование на Белорусија. Учеството на претставници на Република Северна Македонија, на покана на УНИЦЕФ, е одраз на позитивната оценка за нашиот модел на трансформација на грижата за децата – од систем заснован на безлични и гломазни институции, кон грижа во семејство или во средина налик на семејната. Северна Македонија е една од ретките земји во регионот и во Европа во кои ниту едно дете под 18 години не е сместено во институција за долгорочно сместување.

Министерката за образование и наука, Царовска, посочи дека реформите во образовниот систем ја гарантираат инклузијата на сите деца во образованието.
„Во тек е трансформацијата на посебните училишта во национални, односно регионални центри кои ќе нудат стручни, материјални и просторни ресурси за учениците со попреченост, нивните семејства и воспитно- образовниот кадар во редовните училиштата. Тие ќе вршат индивидуален третман и рехабилитација, ќе ја обезбедуваат образовната/личната асистенција, ќе учествуваат и во реализација на дел од модифицираната програма за учениците со комплексни потреби, согласно со препораките на стручното тело за функционална проценка“, рече министерката Царовска.
Од следната учебна година секое дете со попреченост пред влезот во образовниот систем ќе оди на проценка на функционалноста за да се определи поддршката што детето треба да ја добие во образовниот систем – образовен/личен асистент, поддршка од други стручни работници, адаптација на просторот, односно разумно прилагодување на училишната средина, укажа Царовска.
Во текот на наредната учебна година услугите кои се наменети за децата да имаат еднаков влез во образовниот систем ќе бидат комплетно финансирани преку системот за образование.
Министерката Шахпаска истакна дека деинституционализацијата е процес на трансформација на целото општество.
„Да, преселбата на корисниците од големите резиденцијални институции е исклучително важна, но е само еден чекор. Клучниот предизвик е да осигураме секое дете да расте во семејна средина и целосно да учествува во сопствената заедница – онаму каде што припаѓа, каде што е најсилно и најбезбедно“, нагласи министерката Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

