Македонија
Под покровителство на сопругата на претседателот, донирани инкубатори за Kлиниката за детски болести
Сопругата на претседателот на Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, заедно со генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, денеска присуствуваше на настан на којшто беа донирани инкубатори за предвремено родени и болни бебиња сместени на Одделот за неонатологија, педијатрија и цистична фиброза на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.
Првата дама истакна дека денешниот настан е свечен крај на една донаторска акција којашто е започната непосредно пред почетокот на пандемијата и се работи за набавка на високо софистицирана опрема, која ќе биде поставена во одделението за неонатологија кадешто се грижат за најмладите бебиња.

„Верувајте дека грижата за предвремено родените за болните бебиња треба да претставува исклучително важен приоритет и во таа смисла беше и желбата да се набави оваа опрема и на таков начин да се спасат што е можно поголем број животи. Во последните две години во Македонија се забележува позитивен тренд во смисла на намалување на смртноста кај предвремено родените бебиња и сметам дека и оваа донација ќе помогне во тој правец “, рече сопругата на претседателот.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, посочи дека со денешната донација за Детската клиника организацијата одбележува голем јубилеј, односно 75 години постоење.
„Денеска сметавме дека треба да бидеме токму тука, одбележувајќи го нашиот јубилеј преку предавање на оваа донација која сметаме дека навистина ќе биде од голема корист и ќе помогне за подобрување на условите на Детската клиника“, изјави Саити.
Директорката на Универзитетската клиника за Детски болести, д-р Наташа Алуловска се заблагодари за организирање на кампањата, којашто покажала дека и во услови на криза има општествено одговорни чинители коишто сакаат да помогнат.
Инкубаторите се обезбедени како дел од кампањата за помош на предвремено родени и болни бебиња, спроведена по повод 75 години од постоењето на Црвениот крст на Република Северна Македонија, „75 години каде е потребно“, а под покровителство на г-ѓа Ѓоргиевска. Средствата се собираа преку телефонски повици и со уплати во Фондот за солидарност на Црвениот крст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Иницијатива на Лајка: „Биди мојот Валентајн за еден ден” – прошетка и љубов за бездомни кучиња
Во месецот посветен на љубовта, ЈП Лајка започнува посебна иницијатива за љубителите на животни – „Биди мојот Валентајн за еден ден”. Со оваа акција, јавноста има можност да подари љубов и внимание на бездомни кучиња кои со месеци, а некои и со години, не излегле надвор од ѕидовите на прифатилиштето, известуваат од Лајка.

„Иницијативата им овозможува на граѓаните да изберат куче и да поминат еден цел ден со него надвор од прифатилиштето – на прошетка, во парк, на кафе, или дури и во локален пет-шоп. Целта е да им се овозможи на кучињата социјализација, збогатување на денот и да се покаже колку љубов може да направи разлика, дури и за само еден ден.
Со оваа иницијатива сакаме да ја покажеме убавината на социјализацијата и да создадеме емотивни врски помеѓу луѓето и нашите кучиња. Секое куче заслужува своја мала радост и да почувствува љубов.

Сите заинтересирани можат да се пријават на нашите телефонски броеви или преку нашите социјални мрежи.
Иницијативата е отворена за сите над 18 години, а учесниците ќе добијат инструкции за безбедно дружење со кучињата“, соопштуваат од Лајка.
Македонија
СДСМ бара украденото да се врати кај народот
Опозициската СДСМ обвини дека власта спроведува, како што наведуваат, грабеж преку криминални тендери, во време кога во државниот буџет недостасуваат две милијарди евра.
Од партијата посочуваат дека 161 тендер биле доделени на една фирма, 51 тендер на, како што велат, омилената фирма на ВМРО-ДПМНЕ преку општините, девет милиони евра на фирма со двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта на Северна Македонија.
Според СДСМ, станува збор за милионски суми и голем број тендери кои, како што тврдат, завршуваат кај исти фирми.
„Украденото мора да се врати кај народот“, наведуваат од партијата, додавајќи дека за тоа да се случи мора да има одговорност за криминалните тендери.
Од СДСМ сметаат дека одговорноста треба да започне од, како што ја нарекуваат, тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ и дека нема борба против криминалот и корупцијата без одговорност на врвот на власта.
Во соопштението се наведува дека наместо празни зборови за промоција, премиерот Христијан Мицкоски треба да ги повика обвинителите и судиите кои ги поставува и постапките да започнат од 161 тендер, потоа од 51 тендер и од тендерот во Поштата.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

