Македонија
Милевски: Сензорните соби се важни за психофизичкиот развој на децата
Преку набавка на опрема и градење на „сензорни соби“ во мулти-сензорни простории во основното училиште „Малина Попиванова“ во Кочани, градинката „Астибо“ во Штип и Дневниот центар за деца со попреченост во Делчево, во комбинација со обуки за кадарот, во рамки на проектот „Здрави деца – сигурна иднина“ постепено ќе се решава проблемот со кој се соочуваат децата со потешкотии во развојот до различен степен, кај предучилишна возраст во Источниот плански регион.
Проблем со којшто се соочуваа установите каде посетуваат настава овие деца е недоволната опременост на просториите, како и недоволна стручна подготвеност на кадарот кој работи со овие деца. Целта на овој проект чија вкупна вредност е 2 милиони денари, е преку набавка на опрема и градење на таканаречени „сензорни соби“, во комбинација со обуки за кадарот, да се постигне решавање на проблемот. Сензорните соби преставуваат специјално дизајнирана околина која треба да овозможи за детето (лицето) со посебни потреби контролирано изложување на едно или повеќе сетилни доживување со цел поттикнување на сензорната интеграција која е основа за оформување на нашите одговори кон надворешната средина. Долгорочниот ефект од овој проект би бил зголемена интеграција на децата со потешкотии во развојот во образовниот систем и понатаму во општеството.
Министерот за локална самоуправа Милевски, беше во посета на градинката „Астибо“ во Штип, како дел од проект Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, кој го водат во соработка со Швајцарска агенција за развој и соработка.
„Првите месеци од нејзиното функционирање навистина максимално се користеше и тоа е добро, затоа што на децата со попреченост му се овозможи да ги развиваат своите психофизички способности. Директорката нè информираше дека собата е одлична за децата, бидејќи релаксира, одмара и позитивно влијае врз сите деца кои учат во оваа градинка. Се надевам дека корона кризата брзо ќе заврши и дека ќе можеме повторно да ја ставиме во функција и во користење на сите оние кои им е потребна, не само од Штип туку и од регионот кои имаат потреба да ја користат оваа соба“, вели Милевски.
Според Билјана Трајчевска директорката на детска градинка „Астибо“ во Штип, сензорната соба беше пуштена во употреба некаде во месец декември минатата година, следните два месеци неа ја користеа дел од 20-те дечиња поради тоа што добар дел од нив не посетуваа градинка, поради тоа што изминатите месеци посетата на дечињата во градинката е малку намалена.
„Сега имаме детектирано седум деца кои што ја посетуваат нашата установа, меѓутоа со надминување на кризата ние сме отворени, тоа значи дека сензорната соба ќе можат да ја користат и други дечиња, поточно оние кои што не ја посетуваат нашата установа ако имаат потреба за користење на истата. Би сакала да ја истакнам важноста на проектот кој го реализиравме, бидејќи во текот на минатата година во нашата установа беа детектирани некаде околу 20-тина деца кои што имаат одредени потешкотии во развојот и за чии што поефикасно вклучување воспитно-образовниот процес е од голема помош работата со дефектологот, и користење на опремата од сензорната соба.
„Она што можам да кажам е дека овој проект под името „Здрави деца-сигурна иднина“ е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и од Министерството за локална самоуправа, имплементиран, реализиран од Центарот за развој на Источниот плански регион со буџет во висина од два милиони сто триесет и седум денари“, вели Јане Миланов в.д. градоначалник на општина Штип.
Сензорната соба сама по себе е основа за една здрава, добра сензорска терапија која што дава гаранција дека дечињата со посебни потреби ќе можат да, од најмала возраст да се интегрираат, да се образуваат, и оспособуваат за да се вклучат во високото образование, со што би се оспособиле за сите нормални текови во нивниот натамошен живот со што пак би го збогатиле и својот живот, но и животот на нивните семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 16 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, наместа во западните делови повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Од вторник до сабота ќе преовладува претежно облачно време со локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток, а на повисоките планини ќе има услови за врнежи од снег. Во вторник и среда ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а во деновите потоа од северен правец.
Македонија
Освојувањето на 14-те највисоки врвови го сметам за национален успех, вели Кедев
Освојувањето на 14-те највисоки врвови во светот го сметам за национален успех. Тоа што ми даде сила беше токму тоа да го однесам македонското знаме и македонското име на сите врвови. Тој успех го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот, порача кардиологот и алпинист Сашко Кедев, по одликувањето на Орденот „8 Септември“ за особените заслуги во медицината и за историскиот подвиг во алпинизмот.
Кедев, изрази длабока благодарност за одликувањето, кое рече дека иако опфаќа повеќе елемент од неговиот живот, го споделува со сите колеги со кои заедно ја формираат Интервентната кардиологија пред повеќе од 30 години.
Суштината во животот, порача Кедев, е да најдеме активност што нема крајна цел, туку чиста мотивација без конкретна цел.
Македонија
Кардиологот и алпинист Сашко Кедев одликуван со Орден „8 Септември“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го одликува кардиологот и алпинист Сашко Кедев со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8 000 метри надморска височина.
Сиљановска-Давкова, на доделувањето на орденот вечерва во Македонската филхармонија, порача дека академик Сашко Кедев е човек, чијшто персонален и општествен интегритет ги надминуваат границите на потесната стручна област и се интегрирааат во колективната меморија на државата и општеството.
-Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија. Неговата личност ја красат благородноста, моралниот интегритет и хуманоста… Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква, рече Сиљановска-Давкова.
За сето она што го направи за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што можеме да сториме, рече Сиљановска-Давкова, е да му оддадеме признание. Не може да говориме за него, а да не го занемариме неговиот активен и видлив придонес за македонската демократија од првите денови на самостојноста и независноста до денес.
-Каде и да оди и што и да работи по светот, тој ја персонифицира на најдобар начин Македонија. Доказ за тоа е и неговиот статус на почесен конзул на Индонезија, плод на неговите неимарски способности во градењето мостови на доверба и партнерство меѓу народите и државите, нагласи Сиљановска-Давкова.
Доктор Кедев, нагласи, има биографија што не ја опишуваат епитети, туку ја потврдуваат суперлативи.
– Фактите говорат дека тој е меѓу водачите, првенците – интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за кардиологија, но и во другите центри во земјата, како и во бројни престижни меѓународни медицински институции, од Канада до Јужна Африка, што од него прави своевиден колумбовски или магелановски докторски профил, порача претседателката.Неговиот научен опус е вонсериски во домашeн контекст, рече Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека академик Кедев вовел револуционерни техники во нашата кардиологија, со што поставил повисоки стандарди, отворил нови и пошироки хоризонти, давајќи им нова шанса на илјадници пациенти.
-Ако во медицината, д-р Кедев ги достигна највисоките професионални и хумани височини, тогаш во алпинизмот, буквално, ги освои највисоките врвови на светот. И тоа, не во младешките денови на бунтовник без причина, туку во зрелата доба, како бунтовник со цел: умен, искусен, но се уште детски љубопитен; храбар, но внимателен; желен за нови подвизи, но наоружан со богато искуство, дисциплина и истрајност и … разбран и придружуван, дополни Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека во период подолг од две децении, Сашко Кедев ги искачи сите 14 највисоки врвови над осумилјади метри.
-Неговите подвизи не само што предизвикуваат дилеми, чудење и восхит, туку ги поместуваат границите на човечката издржливост и верба… Цврсто верувам и ве уверувам дека успесите на академик Кедев не се случајност, туку резултат на енормно знаење и сизифовски напори, потпрени на цврст морален темел и чиста и длабока духовност. Храброста и неуморноста што ги учел и вежбал во салите за операции, го поттикнуваат и водат на највисоките планински врвови, а вербата во правдата и моралот, го инспирираат и придружуваат во општествената битка за подобро, поправедно, демократско општество, изјави Сиљановска-Давкова.
Како што потецираше, секогаш кога е потребно гласно, чесно и одговорно да се проговори, тој е тука, дома, во Македонија.
На доделувањето на Орденот, вечерва во Македонската филхармонија, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министри од Владата, градоначалници, академици и голем број личности од општествениот живот.
Орденот на Кедев му се доделува и за храбриот придонес во конституирањето на самостојна и независна Република Македонија и за активното учество во развојот на македонската демократија, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, крунисани со членство во престижни научни меѓународни асоцијации. Понатаму, за уживањето посебен углед како врвен интервентен кардиолог којшто вовел иновативни техники и методи, извршил неколку илјади коронарни интервенции и над 1 600 транс-радијални каротидни стентирања, за исклучителните образовни и научни успеси, потврдени со 230 публикации со импакт-фактор на платформата „Wеb of Science“, H-индекс 36 и 13 650 цитати, за продлабочувањето на меѓународната соработка како почесен конзул на Индонезија.

