Македонија
(Видео) Инаугурација на Претседателскиот центар за политичко образование

Денеска во хотелот „Хилтон“ во Скопје се одржа инаугуративен настан на Претседателскиот центар за политичко образование, еден од клучните проекти во изборната програма на претседателот Стево Пендаровски, кој се реализира во насока на заложбите за јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност.
На настанот, свое обраќање имаше претседателот Пендаровски, на кое претходеше официјално потпишување на меморандум за соработка помеѓу Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија и партнерските фондации и организации: фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), фондацијата „МК2025“, фондацијата „Конрад Аденауер”, фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија и Националниот демократски институт (НДИ).
На инаугуративниот настан на Претседателскиот центар за политичко образование се одржа и дебата на тема: „Иднината на демократијата – младите во политиката и општеството“, на која учествуваа млади луѓе од граѓанскиот сектор.
„Македонското општество се одликува со висока конфликтност и со поделби по повеќе основи. Легитимните политички разлики, како суштински елементи на политичкиот плурализам, наместо да бидат основа за отворен и конструктивен политички дијалог, за жал, станаа причина за длабока нетрпеливост и пречка за соработка меѓу политичките субјекти во исполнување дури и на нашите клучни државни приоритети. Во изминатите три децении од независноста минавме низ бројни политички кризи. На почетокот, причината беше недостатокот на базично политичко искуство и потребата да научиме како функционира демократијата.
Но, во изминатата деценија, по 20 години демократско искуство, ни се случи толку силна поларизација која државата ја доведе до работ на граѓански конфликт. Партизацијата на институциите, приватизацијата на јавниот интерес, дискриминацијата наместо прифаќањето на различностите, особено во тие години, беа нашата реалност која негативно влијаеше врз развојот на државата и ги уништуваше перспективите за пристоен живот на нашите граѓани. И денес, за жал, голем број истражувања покажуваат изразени тенденции кон авторитарни политички ставови кај значаен дел од младата генерација. Таквото назадување во демократскиот развој е очекувана последица од перманентната криза на политичките институции и ниското ниво на доверба на граѓаните во нив“, рече Пендаровски.
Спиред него, да се живее во демократски политички поредок е привилегија која сè уште е недостапна за милијарди луѓе во светот. Но, демократијата не може да опстане доколку не вложуваме во изградбата на демократска свест, во едуцирање за демократските процедури и вредности, и во граѓанската толеранција и помирување. Одамна е познато дека најисплатливата долгорочна инвестиција во едно општество е инвестирањето во образованието. За да имаме стабилна демократија, за да имаме идни генерации на демократи, мораме да вложуваме во образованието кое е втемелено во демократските вредности. Токму таа потреба ме поттикна да започнам една ваква иницијатива за која искрено се надевам дека во следниот период ќе добие поширока општествена поддршка.
„Во периодот што следи е планирана реализација на едукативни настани, дебати за важни општествени прашања, научни конференции, стручни дискусии, како и школа за политика, со еминентни предавачи и тренери од земјата и од странство. Верувам дека со работата на Центарот ќе придонесеме за промоција на културата на дијалог и ќе влијаеме во реформата на образованието преку сеопфатно вклучување на политичкото образование во нашиот формален и неформален образовен систем. Водени од визијата за јакнење на демократијата, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција и солидарност, убеден сум дека заеднички ќе ја постигнеме целта“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Филипче не прецизираше за кој дом се грижат, за хациендите или за јахитите на Халкидики

Нема поголемо задоволство од тоа да се биде меѓу народот, кого не си го разочарал. А јас меѓу вас одам со крената глава, затоа што, заедно со вас, ги водевме и ги водиме сите битки за подобра иднина на нашата татковина. И еве нè повторно пред уште еден предизвик, пред уште едни избори на кои се одлучува за правецот по кој ќе се движиме. И кога се наближува денот, човек има многу избори за кои може да се одлучи, но само еден е вистинскиот. Овој пат тој избор е лесно препознатлив; разликата со нашите противници е очигледна, но многу е важно тој избор да биде силен и одлучен. Затоа што јасната волја нема да значи само одлука за твоето место, за твоето маало, вашиот град; за улиците по кои чекорите, за маалата и местата каде се сите ваши важни животни случки, туку и испраќате порака за тоа во каква Македонија сакате да живеете, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг во општина Кавадарци.
Нагласи дека никој од ВМРО-ДПМНЕ нема златна или било каква виза за Дубаи, не возат мотори по јужниот сосед, ниту пак коленичат пред источниот сосед.
„За разлика од нашиот противник, ние немаме златна, ниту било каква виза за Дубаи, не возиме мотори по јужниот сосед, не клечиме пред Софија, затоа што ние резервна татковина немаме. А тие, пак, првиот ден кажаа дека немало да водат негативна кампања, а вториот ден, на телевизија, пуштија негативни спотови – сечени, извадени од контекст реченици – само за да излажат со намера да не се гледа она што од Марс е видливо – дека СДСМ не се менува и дека е во тотална безидејност. Еден мој соработник ми вели: „Претседателе, овие започнаа негативна кампања и црни спотови од првиот ден.“ Јас му велам: „А замисли тоа да не го пуштеа – што ќе кажеа? Ниту програма, ниту идеи, ниту развој ги интересира“, вели Мицкоски и додаде:
„А, од друга страна, еден аналитичар ми вели: „Да не сте им инфилтрирале некој вмровец во кампањата на Венко?“ Му велам: „Зошто така мислиш?“ „Па види, Филипче… Замислете, Филипче почна да зборува за правда во судството, да зборува за патриотизам, црвени линии и сè она што е антипод на нивниот карактер. Откако порано направи предавства на секој чекор. Нивната кампања се состои од злоупотреби на трагични судбини, од гола реторика без докази и аргументи. Дојде до тоа дереџе што главната кампања им е Кочани – и тоа од човекот кој, поради акутна неспособност, десетици илјади страдаа во ковидот; во државен објект – модуларна болница – 15 живи пациенти изгореа. Но, ова не е начинот на кој јас сакам, и јас ќе ја водам кампањата. Човекот се изгуби во поданичката улога дадена од неговиот шеф Заев. Аман, пазете го детево – забега. Тој не се ни труди да се тргне од неговата сенка, напротив – гордо си ја носи. Некогаш големата партија СДСМ ја сведоа во приватно гранче за одбрана на личните интереси. Го слушам пред некој ден Филипче како кажува дека СДСМ се борат за нивниот дом. Ако за домови мислат на хациендите, на јахтите на кои поминуваат недели, на апартманите во Дубаи каде што престојуваат и се веселат со турбо-фолк пејач(к)и, тогаш е јасен нивниот слоган. Се борат за ова – тогаш од нивната борба народот нема аир, туку зијан. Па уште Филипче вика, слоганот им го прифатило членството со екстаза, а веќе следниот ден нивниот кандидат за една од општините го менува – како да се срами од својата партија. Ете, до тоа дереџе дојде државотворната партија СДСМ – нејзините кандидати да се оградуваат, што јавно, што преку менување на изборните пораки, од ставовите на нејзиниот лидер“, рече Мицкоски.
Се обрати и до неопределените и оние кои што се двоумат дали да излезат на гласање.
„Сосема разбирам дека секој од нас има очекувања. Вашите можеби се поголеми од тоа што реално можевме да го исполниме овие година и пол централна власт. Но покажавме вредност, истрајност и посветеност да ги менуваме работите. Затекнавме распаднат систем, трули институции и напластени проблеми. Темелите ги градевме овие месеци, полни со ентузијазам и енергија. Надежта не ја загубивме – заедно ја одржавме. Покажавме и резултати. Не паднавме, иако сакаа да нè видат клекнати; работевме за секој еден од вас. И затоа, сега сте ни потребни – не само нам, туку и на државата – бидејќи вие одлучувате за вашата иднина, и овој е тој момент. Сакам да се обратам до оние кои се колебаат или не планираат да гласаат. Така им правите услуга на оние кои сакаат да живеат на грбот на татковината, кои ја сакаат Македонија поделена и разединета. Така директно се охрабруваат оние кои сакаат власт без борба на концепти и програма, кои сакаат повторно тендери и предавства. Затоа, одлучете мудро – излезете и гласајте. Излезете, затоа што ова не се само локални избори, туку тест на заедничката волја за тоа каква Македонија сакаме.
Мицкоски се обрати и до членовите на СДСМ и кажа дека тој ги почитува чесните и искрени членови, но рече дека таму мора да има реформи и собир на искусни и млади за кој рече дека постојат, но се маргинализирани од мала група кој ја приватизираат партијата.
Македонија
Димитриевски: Мириса на убедлива победа уште во првиот круг

На градскиот плоштад во Куманово, вечерва Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, одржа конвенција на која ги промовираше кандидатот за градоначалник, Максим Димитриевски и листата со 31 кандидат за членови на Советот на Општина Куманово. Лидерот на ЗНАМ најави убедлива победа уште на 19 октомври, во првиот круг на локалните избори.
„Мириса на победа, и тоа убедлива победа уште во првиот круг. Видлива е енергијата што ја имаме, енергија која нè влече напред. Се гледа како младоста и искуството се здружуваат за да се оствари примарната цел – Куманово да продолжи да се менува и да стане уште подобро место за живеење. ЗНАМ го знае и веќе го прави тоа.“
Димитриевски пред граѓаните порача дека тој и неговиот тим во изминатите осум години покажале и докажале дека со чесност, искреност, посветеност, отчетност и постојана работа секогаш се стигнува до успешен резултат, потенцирајќи дека во овој период успешно се реализирани повеќе од 800 проекти.
„Пред некој ден на јавниот сервис беше објавена последната анкета за тоа како предизборно стојат работите во наше Куманово. Знаете како стојат? Бројките покажуваат убедливо водство и во трката за градоначалник и во изборната борба за советничките листи. На уште непочната кампања, граѓаните знаат кој ја заслужува нивната доверба и за кога треба да го дадат својот глас. Е тоа е успех, тоа е доказ дека ЗНАМ не е кампањска партија туку автентично движење! Од народот и за народот!“, рече Димитриевски.
На конвенцијата беа претставени и дел од планираните проекти за наредните четири години.
Димитриевски испрати порака до противкандидатот од СДСМ.
„Пред некој ден слушам еден од моите противкандидати вели дека ќе го ослободел Куманово. Од кого ќе го ослободиш? Па, ти и твоите со години го имавте фамилијарно заробено нашиот град. Мешетаревте, правевте разно-разни комбинаторики, ништо не работевте и го оставивте Куманово запустено. Ти беше дел од групата што го запусти Куманово и сега ќе си го ослободувал.“
Пред присутните на Градскиот плоштад во Куманово се обрати и носителката на советничката листа на Движењето ЗНАМ, Ивана Ѓорѓиевска.
„Заедно со Максим Димитриевски ќе работиме на засилено учество на младите и жените во јавниот живот. Тоа го покажуваме со нашата советничка листа. Нам не нѝ требаат квоти за да ја докажеме рамноправноста, ние веќе ја живееме. Половина од нашата листа се жени. Голем дел се млади луѓе со визија, со енергија, со идеи за модерно Куманово. Млади луѓе кои мора да научат дека политиката е одговорност, а локалната политика е образ, а не привилегија“.
Кандидатката за советничка, Мила Петрушевска испрати порака до младите во Куманово:
„Ветувам дека правата, потребите и интересите на младите луѓе ќе бидат достоинствено застапувани и претставени од моја страна во Советот на Општина Куманово, и како идна советничка ќе се залагам секогаш да има поддршка, простор и шанса за секој млад човек.“
Максим Димитриевски е во трка за трет мандат за градоначалник на Куманово. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија има свој кандидат за градоначалник и во општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, како и советнички листи во 53 општини и Град Скопје.
Македонија
Филипче: Резолуцијата со црвени линии е најсилната гаранција за државата, Мицкоски да си ја надмине суетата

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната граѓанска трибина во Македонски Брод, го повика премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, да не глумат лажни патриоти и да наоѓаат маани во предлог Резолуцијата на СДСМ за црвените линии во преговарачкиот процес со ЕУ, туку да покажат надпартиски однос за доброто на државата.
„Велеа сакаме гаранции. И ние јасно им кажавме – гаранции може да имаме дома. Многу јасно и едноставно, како што тоа го прават во секоја држава. Еве ви ги црвените линии – ова се нашите црвени линии, нема преговори за ниту едно идентитетско прашање. Јасно и гласно. Сè е чисто како солза во текстот. Ајде сите да се обединиме околу тоа, никој ништо не ни може“, рече Филипче
Тој додаде дека токму со заедничка резолуција, потпишана од сите 120 пратеници, може да се демонстрира политичка зрелост и национален консензус.
Но, наместо поддршка, како што кажа Филипче, од ВМРО-ДПМНЕ стигнува нов предлог дека ќе подготвеле таканаречена „помакедонска“ резолуција – уште еден доказ дека се избегнува одговорноста.
„Има ли поголем доказ од ова, дека не сакаат ништо да направат? Но јас, за разлика од Мицкоски, на ова прашање гледам како на историска одговорност на нашата генерација. Јас, за разлика од него, не правам политика од иднината на нашите деца“, рече Филипче.
Во обраќањето пред граѓаните, Филипче директно се обрати и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и јавно го повика да ги надмине личните и партиските интереси.
„Христијан, тргни ја суетата, барем еднаш во животот, за една тема. Погледни убаво што предлагаме и сам знаеш дека тоа е тоа што ни треба. Тргни ја суетата, издигни се над партиските интереси и дај да ја бутнеме оваа држава напред. Еве, ако сакаш смени нешто внатре, нека биде твоја резолуција, да не мислиш дека Филипче сака да ти ја земе македонштината. Еве, нека биде ваша, само дај да ја завршиме таа работа. Ќе останеме последна држава на Балканот без интеграција, нема да остане еден човек во оваа држава“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче и додаде дека ова е должност кон граѓаните, а предлог Резолуцијата на СДСМ е најпатриотскиот документ затоа што ќе биде прво национално обединување.