Македонија
Казнети 402 возачи и 33 пешаци во Скопје
Полицијата за еден казнила 402 возачи во Скопје за разни прекршоци, како и 33 пешаци.
Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. Само на територијата на град Скопје изречени се вкупно 402 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола казнети се 49 лица, 47 возачи се казнети за технички неисправни и нерегистрирани возила, а за управување под дејство на алкохол казнети се пет возачи.
Вчера, полицијата казнила и 33 пешаци, а напишани се и 70 мерки за непрописно паркирани возила и 29 санкции за неносење заштитна маска.
„Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.

