Свет
СЗО: Рекорден број од 3,6 милиони новозаразени во светот за една недела

Бројот на нови случаи на коронавирус во светот се зголеми повеќе од 3,6 милиони минатата недела, што е најголем број за една недела од почетокот на пандемијата, соопшти Светската здравствена организација.
Бројот на смртни случаи во тој период се зголеми за 54.000, што е за 9.000 повеќе отколку во претходната недела, пренесува ТАСС.
Во соопштението се прецизира дека бројот на новозаразени лица во светот минатата недела бил поголем осум проценти во споредба со претходната недела.
Повеќе од половина, 54 проценти од новите случаи, биле пријавени во Европа, а и 47 проценти од смртните случаи биле регистрирани во тој регион.
Претходниот рекорден број на новозаболени лица во светот на неделно ниво беше забележан во неделата од 26 октомври до 1 ноември кога беа заразени 3,3 милиони луѓе.
Според СЗО, од 8 ноември во светот се заразени околу 49,7 милиони луѓе, а 1,2 милион починале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп го нападна Зеленски за минералите: Доцнат три недели

Доналд Трамп изјави дека работата на мировниот договор меѓу Русија и Украина „тече непречено“.
Во објава на неговата платформа „Truth Social“, актуелниот американски претседател исто така рече дека Украина сè уште не потпишала договор за ретки земјини минерали со САД и изрази надеж дека тоа ќе го стори веднаш.
„Украина, предводена од Володимир Зеленски, сè уште не ги потпишала конечните документи за многу важен договор за ретки минерали со САД“, напиша Трамп.
„Доцнат најмалку три недели. Се надевам дека договорот ќе биде потпишан СЕГА“. Тој додаде: „Работата на сеопфатен мировен договор меѓу Русија и Украина напредува непречено. УСПЕХОТ се чини дека е на повидок.“
Изјавите на Трамп доаѓаат откако неговиот претставник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а Кремљ по состанокот соопшти дека Русија и САД се „поблиску“ до договор за „голем број меѓународни прашања“. Од друга страна, од Украина доаѓаат гласини дека Киев би бил подготвен привремено да отстапи територија на Русија, иако претседателот Зеленски рече дека „нема дискусија“ за Крим или кој било дел од Украина.
Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.