Економија
Битиќи на состанок за националниот едношалтерски систем
Олеснувањето на трговијата е стратешка и политичка определба на државата и неопходност за подобра регионална соработка, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој по покана на канцеларијата на Меѓународната финансиска корпорација (International Finance Corporation-IFC), дел од Групацијата Светска банка, се обрати на првиот иницијален работен состанок за развој на нацрт-концепт за нов едношалтерски систем за трговија, кој се одржа преку видеоконференциска врска.
Битиќи посочи дека овој проект е во насока на владините стратешки определби за унапредување на регионалната соработка, при што се осврна на заклучоците од вчера одржаниот самит за Западен Балкан во Софија, каде што е усвоен акциски план за заеднички регионален пазар за да го сообразиме нашето идно учество на единствениот европски пазар и за зелена агенда за прифаќање на еколошките стандарди во пристапувањето кон ЕУ.
„Република Северна Македонија учествува активно во повеќе меѓународни иницијативи, од кои би го истакнал договорот за ЦЕФТА, како и иницијативата ‘Мал шенген’ – чии придобивки се дел од новиот 4-годишен акциски план за Западен Балкан, кој беше усвоен вчера на самитот на лидерите, кој се одржа во Софија во рамките на Берлинскиот процес. Целта на овој план е формирање заеднички регионален пазар. Акцискиот план за заеднички регионален пазар ќе ја унапреди регионалната трговска размена на стоки и услуги, движењето на луѓе, капитал и на знаење и ќе ги отстрани сите постојни бариери за тоа дополнително со надградување на процесот на дигитализација, на инфраструктурата, со подобрување на конкурентноста на секое од стопанствата на земјите од регионот, како и со подобри вештини преку подобрено образование, истражување, иновации и зелен развој“, рече на почетокот од своето воведно обраќање вицепремиерот.
Битиќи нагласи дека секој напор за овозможување на подобра бизнис-околина и вложувања во поедноставување на процесите е придобивка повеќе. Позитивното искуство на земјите од регионот од воспоставувањето на зелените коридори за време на пандемијата во текот на оваа година е искуство кое е понудено да се сподели и практикува со нашите пријатели во Европската Унија.
„Олеснувањето на трговијата не е само стратешка и политичка определба на државата. Таа е потреба и неопходност за постигнување напредни постапки за размена на добра и услуги воопшто. Во контекст на земјите од Западен Балкан уште позначајно имајќи ги предвид предностите што како регион ги имаме во однос на пазарот на Европската Унија, но не помалку значајно и кон другите пазари во светот. Сакам јасно да истакнам дека тука е нашата конкурентска предност, регионална конкурентност наместо конкуренција. Постковид-периодот полесно ќе го пребродиме и ќе се вратиме на брзи и одржлив стапки на економски раст, единствено ако ја искористиме оваа конкурентска предност“, потенцира Битиќи.
Регионот има заеднички недостатоци – неефикасни и троми економии, затоа треба да поттикнеме раст, продуктивност и креирање квалитетни работни места. Едно од решенијата е да се подобрат конкурентноста и изложеноста на нови технологии преку вложувања во развој и трансфер на технологии, а како во случајот на нашата економија – и постигнување ниво на економија од голем размер. За последното да се постигне, побрзите и олеснети постапки за размена на стоки и услуги се особено важни. Извозот отвора можности за нови поголеми пазари, а со тоа и можности за зголемена продуктивност.
„При разгледување на потребата за одобрување на проектот Western Balkans Trade and Transport Facilitation, која денес ќе добие свој службен и редовен тек на спроведување, експертите на Светската банка идентификувале дека времето поминато на граница кај земјите од Западен Балкан е пет пати подолго од она потребно во земјите од Европската Унија. Затоа, оваа регионална иницијатива доби поддршка Светската банка. Реализацијата на овој проект ќе резултира со намалување на трошоците за извоз и увоз, и тоа редукција на нетарифните бариери, времето за царинење на стоките и сите други придружни трошоци најмалку 10 %. Подобрувањата на националниот едношалтерски систем е употреба на помалку хартија преку дигитализација на процесите, подобрена енергетска ефикасност и на новите и обновените објекти во транспортната и царинска инфраструктура и особено нехартиените постапки, како и воведување систем за управување со ризици во трговијата и отстранувањето на пречките во патниот транспорт“, истакна вицепремиерот Битиќи.
Како носител на проектот за воспоставување нов едношалтерски систем е назначена Царинската управа на Северна Македонија, која тесно ќе соработува со други 11 државни органи и институции задолжени да издаваат дозволи за увоз, извоз или транзит на производи. Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, посочи дека со воведување на новиот едношалтерски систем треба да се интегрираат сите постојни ИТ-системи во државата и да се усогласат со другите земји во регионот и земјите од ЕУ, со што значително ќе се олесни трговијата помеѓу земјите во регионот, но и на регионот со ЕУ. Тој нагласи дека Северна Македонија во однос на другите земји во регионот уште од 2008 година го применува едношалтерскиот систем EXIM, со кој се интегрира издавањето дозволи за увоз, извоз и транзит на производи и е добра основа за надградба на едношалтерскиот систем.
Работните состаноци за развој на нацрт-концепт за нов едношалтерски систем за трговија се дел од проектот за олеснување на трговијата и транспортот Western Balkans Trade and Transport Facilitation и ќе се реализираат со финансиска и стручната подддршка од канцеларијата на Меѓународната финансиска корпорација во Скопје, рече директорката на канцеларијата, Магдалена Шољакова, при што додаде дека нацрт-предлогот за нов едношалтерски систем, кој ќе произлезе од проектот, треба да биде изработен до март 2021 година.
Во проектот за изработка на нацрт-концепт за нов едношалтерски систем за трговија како координатор се јавува Царинската управа, а ќе учествуваат и претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за лекови и медицински средства, Инспекторатот за животна средина, Инспекторатот за земјоделство и Управата за заштита на културното наследство. Во подготовката на нацрт-предлогот ќе асистира и консултантската куќа KGH од Шведска, а целиот процес е поддржан од Меѓународната финансиска корпорација, дел од Групацијата Светска банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Mint Store – новото лице на паметното купување во Македонија
Во време кога онлајн купувањето стана секојдневие, домашниот пазар има играч кој ја подига летвичката на повисоко ниво. Mint Store се позиционира како прва специјализирана e-commerce платформа во Македонија што нуди паметно, поблиско и пофлексибилно искуство на купување.
Целосно нов пристап кон онлајн трговијата
За разлика од класичните интернет-продавници, Mint Store гради интегриран модел кој ја комбинира удобноста на дигиталниот шопинг со сигурноста на традиционалната услуга. Платформата нуди широка палета на производи — од бела техника, електроника и мали апарати, до спорт, рекреација, мода и lifestyle категории — и станува вистински дигитален дом на современиот потрошувач.
Флексибилност што ја менува навиката на купување
Еден од клучните елементи што го издвојуваат Mint Store на пазарот е можноста за купување на рати до 36 месеци, без долги процедури и скриени трошоци. Покрај тоа, корисниците можат да изберат плаќање при достава или со платежна картичка, а целата трансакција е заштитена со највисоки стандарди за онлајн безбедност.
„Нашата идеја е едноставна – да им понудиме на потрошувачите повеќе избор, повеќе доверба и повеќе вредност за нивното време,“ велат од тимот на Mint Store. „Онлајн купувањето треба да биде искуство, не обврска.“

Купување за новото време
Во период кога времето станува највредната валута, Mint Store ја разбира потребата на модерниот човек да живее поефикасно. Платформата не е само уште една продавница, туку интелигентен систем за купување што го спојува најдоброто од технологијата, практичноста и довербата.
Со својот јасен концепт, транспарентен пристап и ориентација кон клиентот, Mint Store покажува дека дигиталната трговија во Македонија е подготвена за следниот чекор – кон паметно купување што штеди време, пари и енергија.
Mint Store – затоа што новото време заслужува нов начин на купување.
https://mintstore.mk/
ПР
Економија
Собранието ги изгласа измените на законот, ќе се плаќа ДДВ на пратките од „Тему“ и од „Алиекспрес“
Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра.
Целта на овие законски измени се зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, соопшти Министерството за финансии.
Спроведувањето на измените се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании. Со укинувањето на ослободувањето, околу 4 милиони денари месечно, колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство.
Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените.
Оваа измена претставува значаен чекор во заштитата и развојот на домашната економија, особено во услови на интензивна глобализација и раст на дигиталната трговија.
Дополнително, новиот модел ќе придонесе за намалување на сивата економија. Досегашниот систем дозволуваше можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продаваа на домашниот пазар. Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса и обезбедуваат фер и контролирана пазарна средина.
Трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи, а мерката ќе обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници.
Со усвојувањето на измените, државата испраќа јасна порака за поддршка на компаниите што создаваат додадена вредност, инвестираат во развој и отвораат нови работни места во земјата, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Претставени новите правила за учество на пазарот на електрична енергија
Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, одржа презентација и јавна расправа за „Правилата за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори“. На настанот беше презентиран и Извештајот за работа на МЕМО за тековната година.
На расправата присуствуваа претставници од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика, МЕПСО, ЕСМ, како и компании снабдувачи, трговци и производители на електрична енергија. Стручните тимови на МЕМО и раководството презентираа и беа отворени за дискусија со учесниците на настанот.
Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, истакна дека во тековната година активно се реализираат зацртаните цели на Операторот, кој ги интегрира функциите поврзани со управување со пазарот на билатерални договори, интеграцијата на обновливите извори на пазарот на електрична енергија како и Македонската берза за електрична енергија.
„Расте бројот на компании кои тргуваат на домашната берза, како и истргуваната количина, што претставува показател за поголема ликвидност и транспарентност. Веќе 39 компании активно тргуваат и споредено со 2024 година забележуваме раст на истргуваната количина од 40%. До октомври годинава истргувани се над 1 TWh електрична енергија,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека е забележан раст и во производството од обновливи извори кај 178 повластени производители, што го зголемува учеството на зелената енергија во националната енергетска структура. Воедно, значително расте и бројот на издадени Гаранции за потекло – од април до денес издадени се 127.907 гаранции.
Во делот на идните активности, Ѓорѓиевски најави дека се работи на воспоставување на пазар во тековниот ден (Intraday Market), кој се очекува да стане оперативен до крајот на вториот квартал од 2026 година, како и на подготовките за пазарно спојување со европскиот пазар.
Во однос на новите Правила за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори, беше истакнато дека нивната цел е обезбедување ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив пазар, заснован врз транспарентност и недискриминација, согласно законската регулатива од областа на енергетиката и обновливите извори.
Правилата ја утврдуваат целокупната организација, функционирање и регулирање на пазарот на електрична енергија, вклучувајќи ги условите, постапките, правата и обврските на сите учесници, начинот на тргување – домашно и прекугранично – како и уредувањето на набавките, евиденциите и односите со повластените и виртуелните производители.
Новитет во Правилата се воведувањето на Оператор на складиште и Агрегатор како нови учесници на пазарот на големо, согласно новиот Закон за енергетика. По јавната расправа следи процес на одобрување на Правилата од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги од јавен интерес.

