Македонија
Филипче со порака до колегите – Херојска е борбата на здравствените работници
Mинистерот за здравство, Венко Филипче, беше во посета на Општата болница Гостивар, во која целосно е реновирано хируршкото одделение.
Со реновирањето, велат од МЗ, вработените имаат подобрени услови за работа според најсовремените стандарди, а пациентите имаат значително подобри услови за престој и лекување. Вредноста на оваа инвестиција изнесува околу 15 милиони денари.
Министерот Филипче пред вработените во оваа установа истакна дека херојска е борбата и работата што ја вршат здравствените работници во целиот овој изминат период, за да се подготви и престрои системот за нешто за што никогаш ниту не предвидел дека ќе се случи, ниту бил спремен, ниту, пак, очекувал.
„Вие и вашите колеги во сите други јавно здравствени установи тоа го направивте во исклучително краток временски период. Помош таму каде што е најпотребна прераспределба на кадарот, помош на докторите и сестрите коишто работат на инфективното одделение и сега и на интерното пренаменето за третман на пациенти со Ковид-19. Сакам искрено да ви честитам и да ви се заблагодарам и да укажам на тоа дека водиме сметка за секој еден којшто е вклучен во оваа битка. Со последниот ребаланс на буџетот се одвои значителна сума на средства којашто ќе оди како награда еднократна во следните месец дена за сите здравствени работници коишто работат со ковид пациенти“, потенцираше Филипче и потсети дека минатата година во болницата во Гостивар целосно биле реконструирани операционите сали и набавена нова опрема.
Тој најави и дека во 2021 година со помош од Европската Унија болницата ќе добие апарат за магнетна резонанца.
Од МЗ наведуваат дека за да се одговори на предизвикот со Ковид-19, во Општата болница во Гостивар зголемени се болничките капацитети. Од почетокот на пандемијата, инфективното одделение располагаше со 18 легла. Со реновирањето на стариот простор за дијализа, но и спремното интерно одделение, сега болницата располага со вкупно 65 кревети.
„Направен е нов распоред и реорганизација, вклучени се сите интернисти и специјализанти кои се вратени од специјализација на припомош. Обезбеден е доволен број медицински кадар. Установата, и во услови на Ковид-19 продолжува со редовните прегледи и интервенции за пациентите во овој регион, кој опфаќа 200 илјади жители“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Гази Баба и Ѓорче Петров
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 14.30 часот, корисниците на обејкт на Меркур Македонија. (општина Гази Баба)
· во периодот од 09.00 до 14.30 часот, корисниците на дел од улицата Радушка (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса следува период на суво и стабилно време. Утринската температура ќе се спушти под нулата, а во одредени котлини ќе има услови за појава на магла.
Македонија
Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава, рече Герасимовски
Општина Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава во реално време, најави градоначалникот Горан Герасимовски. Според него, јавната набавка е завршена, а веднаш по изборите ќе бидат поставени 30 мерни единици на различни локации.
„Заврши јавната набавка, чекаме да поминат изборите за да ги поставиме мерните единици – првично 30. Преку мобилна апликација, секој граѓанин ќе може да провери каква е фреквенцијата на бучава на одредена локација“, изјави Герасимовски.
Системот, како што објасни, ќе им овозможи на граѓаните докази при пријавување во Министерството за внатрешни работи или до општинските инспекциски служби. Целта е брза и ефикасна реакција на прекршителите, особено во зони каде што постојат проблеми со прекумерна бучава од угостителски објекти и сообраќај.
Во вториот дел од изјавата, Герасимовски зборуваше за следниот голем проект на општината – постепено затворање на Дебар Маало за моторен сообраќај, со што ќе се намали хаосот со паркирањето и ќе се создаде подобар квалитет на живот за жителите.
„Имаме ревидиран проект за затворање на Дебар Маало. Тој е доставен до Министерството за внатрешни работи и веќе имавме два состанока со МВР за да го подобриме и да добиеме одобрување. Така и беше договорено на последниот состанок“, рече Герасимовски.
Планот е Дебар Маало да се затвора дел по дел, почнувајќи веднаш по завршувањето на изборниот процес, а првата рампа веќе е поставена.
„Веќе поставивме рампа на почетокот на Боемска улица. Разговараме за начинот на кој таа зона ќе функционира, и тоа ќе биде пример за затворање и на други населби каде што сообраќајот и паркирањето се хаотични“, додаде градоначалникот.

