Македонија
(Видео) Трипуновски: Заев го доведе Тиквешкото езеро на праг на биолошки минимум

Зоран Заев го доведува Тиквешкото езеро, кое е најголемото вештачко езеро во Република Македонија на праг на биолошки минимум, обвини Цветан Трупуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, незаситноста на власта за профит и засиленото производството на електрична енергија во текот на летниот период од хидро електрани ги пресушило езерата ширум земјата. Вели дека моментално водата во езерото е падната за 24 метри од минималната кота на самото езерото.
„Проблемот што Заев го создаде е повеќестран. Прво езерата се пресушени и нема да може да се користат во догледен период за производство на струја, па така сега ќе купуваме поскапа струја, а загубите ќе бидат огромни. Второ голем број од акумулациите, како што е случајот и со Тиквешкото езеро се користат и за наводнување на земјоделските површини, па така се доведува во прашање и следната земјоделска сезона во Република Македонија. Трето се загрозува и рибниот фонд во самото езеро и се нарушува туристичката слика за езерото, бидејќи истото се користи и за рекреативни цели“, рече Трипуновски.
ВМРО-ДПМНЕ бара да одговорност од надлежните, бидејќи штетите се повеќекратни и огромни.
„Заради профитот на Зоран Заев сега сите езера во Македонија се пресушени. Одговорност мора да има веднаш“, заклучи Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште еден случај на семејно насилно – скопјанец со возило се обидел да ја прегази сопругата, па ја истепал

Уште еден случај на семејно насилство во Скопје, сопруг се обидел да ја прегази сопругата со автомобил, кога не успеал, ја истепал.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда.
„При вршење семејно насилство осомничениот 41-годишник телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво, во алкохолизирана состојба, ја натерал веднаш да одат и од банкомат да извадат пари од нејзината плата за да купи дрога. Оштетената го послушала, но враќајќи се назад кон нивниот дом, тој започнал вербална расправија, го запрел возилото и и кажал да излезе. Откако излегла, започнал да го врти возилото со намера да ја удри.
Бидејќи не успеал, го запрел возилото, тргнал кон оштетената по што и го одзел мобилниот телефон за да провери со кого разговарала. Во еден момент и физички ја нападнал, удирајќи и шлаканица и нанесувајќи и удари во пределот на лицето и вратот, од кои удари оштетената се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечувања на лицето, на вратот и на раката“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува или воспоставува, односно одржува контакти или врски со жртвата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Македонија
Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Со задоволство информирам дека на денешната седница на Владата беше усвоена Стратегијата за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, заедно со Акцискиот План, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
„Овој документ ја одразува непоколебливата посветеност на Владата на Република Северна Македонија за борба против организираниот криминал и корупцијата, преку зајакнување на надлежните институции со структуриран и систематски пристап, кој има за цел зголемување на ефикасноста при конфискацијата на незаконски стекнат имот“, рече тој.
Една стратегија, додаде Фетаи, колку и да е добра, останува само документ доколку не се спроведува ефикасно.
„Поради тоа, ги зајакнуваме механизмите за следење и надзор, преку основање на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кој ќе обезбеди успешно спроведување на утврдените цели“, рече тој.
Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење ќе има централна улога во координирањето и поддршката на овие напори, обезбедувајќи постојана посветеност за реализација на оваа стратегија.