Економија
СДСМ: Финансиска поддршка од 17.2 милиони евра за 400 компании

Финансиската поддршка од 17.2 милиони евра за 400 компании за зголемување на продуктивноста е дел од антикризните мерки на владата предводена од СДСМ, велат од владејачката партија преку соопштение.
„Владата предводена од СДСМ и во услови на сериозна здравствена и економска криза реализира мерки и политики, кои претставуваат сериозна поддршка за домашната економија.
Во рамките на третиот пакет мерки за помош и поддршка на екомијата обезбедуваме финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста наменета за приватниот сектор за компании од преработувачката индустрија, трговијата и ИТ секторот, кои и во кризна ситуација продолжија да работат и да инвестираат.
Преку оваа мерка 400 компании, кои веќе имаат започнато инвестициски циклус или ќе инвестираат во текот на 2021 година, ќе добијат финансиска поддршка во износ од 17.2 милиони евра. Станува збор за инвестиции што се реализираат во периодот од март 2020 година до декември 2021 година, а вкупната инвестиција на избраните компании е проценета на 89 милиони евра.
Со ова се поттикнува зголемувањето на продуктивноста на компаниите, модернизација на процесите, зајакнување на конкурентноста, со крајна цел отворање на нови работни места и задржување на постојните.
СДСМ, како одговорна партија, креира и реализира политики што значат силна поддршка на домашната економија, помош за секој граѓанин погоден од кризата“, се наведува во соопштението на владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.