Македонија
На инфективните одделенија во земјава се лекува 701 пациент, слободни кревети има
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 565 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнителни 145 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на Кoвид -19 вирусот кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 701.
Во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 83 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 62 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 47 пациенти, во Велес се лекуваат 66 болни, а во Куманово 74 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 97 пациенти, во Прилеп 93, во ковид центарот во Гостивар 40, а во Струга 32 болни. Во болницата во Струмица лежат 17 пацинети, во Кочани 20, во Кичево 20, Кавадарци 40, а во Гевгелија 10 лица позитивни на корона вирусот. Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.111.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МЕД: Над 44 различни видови водни птици се попишани за време на зимското пребројување во Македонија
Над 35.300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот. Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.
Македонија
Јаневска: Почнуваме нов циклус вложувања во 160 образовни инфраструктурни објекти
Почнуваме нов циклус на вложување во образовни инфраструктурни објекти, кои се еден од основните елементи за подигнување на квалитетот на образованието и за развој на психичкото и физичкото здравје на учениците. Лани вложивме 67 милиони за инфраструктурата. Годинава почнуваме нови 160 инвестиции, од кои 60 се спортски сали.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по поставувањето на камен-темелникот на новата спортска сала во ОУ „Григор Прличев“ во скопска Железара, каде присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Она што Владата, Министерството и општините го ветуваат, заеднички работејќи го исполнуваат. Почнуваме со изградба на нови 30 спортски сали и уште 30 се во процес на реновирање“, рече министерката Јаневска.
Вкупната инвестиција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ изнесува 39 милиони денари, а денес почнува со реализација првата фаза во вкупен износ од 20 милиони денари. Салата ќе ги има сите пропратни содржини со што учениците и младите ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.

