Регион
Здравствениот систем на Црна Гора пред колапс
Во Црна Гора од синоќа стапија на сила поостри мерки против пандемијата.
Претседателот на Лекарската комора, Александар Мугоша, вели дека стравува дека мерките се задоцнети и дека на здравствениот систем му се заканува колапс.
„Досега 215 заразени и болни лекари се обратиле до Лекарската комора за помош“, рече Мугоша и додаде дека за жал изгубиле неколку лекари.
Тој апелираше до Владата и Министерствата за здравство и финансии да најдат модел за помош на лекарите и медицинскиот персонал во тие моменти.
„Одговорно тврдам дека масовните собири се најголемата причина за зголемениот број заразени, болни и за жал мртви граѓани на Црна Гора“, рече Мугоша, пренесува порталот РТЦГ.
Според него, епидемиолошката криза го загрозува здравјето на нацијата, бидејќи голем број граѓани кои страдаат од други болести не можат соодветно да се лекуваат.
„Падот на здравствениот систем е моментот кога нема да можеме да им помогнеме на сите, дури и на најзагрозените. Математиката е јасна, ако продолжиме со оваа динамика, епилогот ќе биде познат, а граѓаните мора да знаат дека бројот на заразени лица директно привлекува поголем број заразени лекари и медицински персонал“, рече Мугоша, како гостин во утринската програма ТВЦГ.
Тој посочи дека пристапот до јавното здравство е тежок за голем број граѓани, па затоа се принудени да одат во приватни болници, што не е достапно за многу граѓани поради лошите финансиски состојби.
Тој исто така предупреди дека оние што организираат собири треба да го имаат тоа на ум.
Тој потсети дека во Црна Гора има 50.000 пациенти со дијабетес, и, како што вели, има и онколошки пациенти кои не можат да живеат без терапија, како и кардиоваскуларни пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

