Свет
Вкупната количина на коронавирус што зарази 53 милиони луѓе ја собира во лажичка за чај
Вкупната количина на коронавирус, кој зарази 53 милиони луѓе ширум светот, го собира во нешто повеќе од лажичка за чај, пресмета австралискиот математичар Мет Паркер.
Со други зборови, ако ги собереме сите патогени кои досега заразиле 53 милиони луѓе во светот, би добиле волумен од осум милилитри течност, пишува „Дејли мејл“, додавајќи дека една лажичка може да собере приближно шест милилитри течност.
ТВ-математичарот Паркер изнесе неколку претпоставки за да дојде до споменатата бројка, но вели дека дури и во најголемата проекција на неговите процени, целата количина на коронавирус ќе може да се стави во чашка за ракија, што е околу 45 милилитри течност.
„Целиот хаос што се појави во светот … се сведува на лажичка проблеми“, рече тој во својот поткаст што се емитува под наслов „Решен проблем“.
„Честичките на коронавирусите се многу мали, тие се само кодови што ги уништуваат здравите клетки“, објасни Паркер.
Всушност, Ковид-19 е милион пати помал од човечка клетка, а Паркер, како соработник во научна емисија на Би-би-си, направи проценка за бројот на клетки во секој заболен од вирусот врз основа на вирусното оптоварување измерено со брисеви, врз основа на истражувањето објавено во медицинското списание „Лансет“.
Користејќи бројка од 300.000 дневни нови случаи на инфекција ширум светот и претпоставувајќи дека секоја личност е заразна 14 дена, тој го пресметал бројот на луѓе кои моментално носат вирус.
Кога помножи сè, тој пресмета дека сите заедно во телото имаат 3,3 квадрилиони клетки на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Одложен состанокот на министрите на ЕУ во Кипар поради нападот со беспилотно летало
Состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки, кој требаше да се одржи денес и утре на Кипар, е одложен поради нападот со беспилотно летало врз британската база Акротири на тој остров, објави кипарското претседателство.
„Во раните утрински часови имавме еден, изолиран инцидент со беспилотно летало насочено кон британската база во Акротири, Кипар, со ограничена штета. Точното потекло на беспилотното летало моментално се проверува, но е потврдено дека Република Кипар не била цел на нападот“, објави портпаролката на кипарското претседателство.
Со оглед на овој неочекуван развој на настаните, кој за жал влијаеше на денешните летови до Кипар, кипарското претседателство одлучи да го одложи неформалниот состанок на Советот за општи работи.
Советот за општи работи, кој е составен од министрите на ЕУ од земјите-членки, требаше да разговара за предлогот за повеќегодишен буџет за периодот 2028-2034 година, борбата против манипулацијата со информации и мешањето од трети земји и проширувањето на ЕУ.
На состанокот беа поканети и министри од земјите-кандидатки.
Кипар, кој беше британска колонија до 1960 година, е дом на две бази – Акротири и Декелија – кои имаат статус на британски прекуокеански територии. Британците ги задржаа овие две бази според договорот за независност на Кипар од 1960 година.
фото/Depositphotos
Свет
Катар ги прекина односите со Иран по нападот
Катар ги прекина односите со Иран по нападот, соопшти Министерството за надворешни работи на таа земја.
Портпаролот изјавил за Си-Ен-Ен дека Иран гаѓал цивилна инфраструктура во Катар, вклучително и меѓународниот аеродром, како и дека катарските борбени авиони собориле дронови и други проектили.
„Ваков напад не може да помине без одмазда“, рекол тој, додавајќи дека Иран мора да ја плати цената за овој очигледен напад врз нивниот народ.
Фото: Depositphotos
Свет
Кремљ во постојан контакт со Техеран, нападот го нарече отворена агресија
Кремљ соопшти дека Русија е во постојан контакт со иранското раководство по, како што наведе, „отворената агресија“ врз Техеран и изрази длабока разочараност од развојот на настаните.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата го осуди убиството на иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи, нарекувајќи го „цинично“, додека руското Министерство за надворешни работи ги обвини САД и Израел дека Блискиот Исток го турнале „во бездна на неконтролирана ескалација“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва ја анализира ситуацијата по одлуката на Вашингтон да започне напади врз Иран, и покрај, како што сметала Русија, охрабрувачките сигнали од преговорите меѓу САД и Иран со посредство на Оман.
„Можеме да изразиме длабоко разочарање бидејќи, и покрај извештаите за значителен напредок во тие преговори, ситуацијата сепак ескалираше во отворена агресија“, рече Песков.
Тој додаде дека Путин подоцна во текот на денот ќе има меѓународен телефонски разговор поврзан со Иран, без да открие со кого, и посочи дека Русија останува во дијалог и со земјите од Персискиот Залив погодени од конфликтот.
Фото: ЕПА

