Економија
Битиќи: Главен предизвик е да најдеме вистинска рамнотежа помеѓу здравствените и економските мерки
Нашиот главен предизвик во овој период е да се обидеме да најдеме вистинска рамнотежа помеѓу здравствените и економските мерки. Успеавме да ги одржиме инвестициските процеси за време на оваа криза, но она што мислам дека е од најголема важност е да се погледне подалеку и да се планира по завршување на сегашната состојба во пост-ковид периодот, во кој имаме можност да влијаеме за брз развој и раст, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, на 17-то издание на Виенскиот економски форум кој се одржа преку видеоконференциска врска.
Битиќи посочи дека Владата го усвои предлог-буџетот за 2021 година и го достави до Собранието, а основата на буџетското планирање е да се надминат економските предизвици, кои произлегуваат од пандемијата со коронавирусот, како и да се поддржи и унапреди здравствениот систем, но исто така во него се содржани интегрирани компоненти што ќе нè поттикнат на следното ниво на развој.
Буџетот за 2021 година исто така се планира да има влијание во следните 3-5 години, кои се клучни години за идниот економски раст и развој на земјата.
„Оваа пандемија нè соочи со сите прашања што не успеавме да ги решиме и да ги надминеме во минатото. Сега дојде време кога не можеме повеќе да замижуваме пред процесите што треба да се случат за да одиме напред. Процесот на дигитализација, создавање силни синџири на вредности, инвестиции во иновации, како и истражување и развој при решавање на климатските активности преку приватни и јавни инвестиции е она што ќе ја однесе нашата економија на следното ниво. Во меѓувреме, работиме на создавање и на системски решенија што ќе овозможат фер конкуренција на пазарот. Сето ова значи дека сме силно посветени на борбата против корупцијата и сивата економија, како клучни фактори за една просперитетна демократска и развиена земја, кандидат за интеграција во ЕУ. Во предвидениот буџет за следната година имаме планирано 374 милиони евра за капитални инвестиции, што е за 20% повеќе од минатата година, што ја покажува нашата посветеност на развојот и растот. Формираме една ‘Централна единица за капитални инвестиции’, која ќе ја следи нивната реализација и ќе се осигури дека сите инвестиции во нашата земја се оперативни. Ова е само еден столб од она што го нарекуваме ‘Центар за испорака’, што е пак дел од големата слика, а тоа е Националниот план за развој. Националниот план за развој, ќе биде прв долгорочен стратешки документ за Северна Македонија, којшто треба да овозможи раст и просперитет за нашите граѓани, но исто така и предвидливост и стабилност за инвестициите во нашата земја“, рече вицепремиерот.
Битиќи се осврана и на регионалната економска соработка на земјите од Западен Балкан и потенцираше дека треба да се делува заеднички, за поефикасно и поефективно да се надмине кризата предизвикана од пандемијата и земјите да се вратат на патеките на позитивен економски раст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

