Економија
АСОМ: Уредбата за онлајн обложување треба да се преточи во трајно законско решение
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија смета дека уредбата со која во земјава се овозможи онлајн спортско обложување преку домашните лиценцирани сајтови треба да се преточи во трајно законско решение. Законското решение ќе има заемни придобивки и за државата и за индустријата, што всушност го потврди и носењето на самата уредба.
Уредбата придонесе спортските обложувалници да ги задржат сите вработени, но и да се овозможи прилив на средства во државниот буџет и кревката економија погодена од ковид-кризата. Според проекциите на АСОМ од мај до крајот на годинава, од 4-те посто посебна давачка за онлајн ќе се слеаат околу 35 милиони денари, а од 15-те посто данокот на личен доход, околу 65 милиони денари, или 100 милиони денари за пет месеци само од оваа услуга.
Уредбата се покажа како одлично решение за одржливост на оваа индустрија, која вработува околу 4.500 луѓе и има силен придонес во државната економија, дотолку повеќе што спортското обложување беше едно од најпогодените гранки од кризата. Најнапред поради немањето пласман и откажаните натпревари и првенства насекаде во светот, а подоцна и поради тоа што објектите на спортските обложувалници со рестриктивните мерки на Владата беа затворени речиси два месеца.
„Оваа уредба на Владата е донесена како соодветен одговор на корона-кризата и таа де факто помогна да се зачуваат многу работни места кои директно и индиректно ги одржува индустријата на игри на среќа, како и егзистенцијата на повеќе од 54.000 лица кои целосно или делумно зависат од генерираниот личен доход во целиот синџир на вредности кој го создава оваа индустрија“, појаснуваат од АСОМ.
Потенцираме дека од особена важност е да не се дозволи ниту ден прекин помеѓу уредбата и законското решение бидејќи тоа би предизвикало недоверба кај играчите, нивно сигурно враќање на странските сајтови и одлив на средства.
„И покрај тоа што онлајн обложувањето, согласно член 19 од Законот за игри на среќа на странските сајтови е спротивно на законот и ваквиот начин не гарантира никаква безбедност во однос уплатите и исплатите, играчите сепак практикуваа и сé уште практикуваат онлајн обложување на странски сајтови, меѓу другото и поради тоа што го избегнуваат данокот на личен доход. Онлајнот кај нас е во зачеток и потребно е луѓето да се навикнат да ја користат оваа услуга, но и да се придобијат оние кои веќе играат на странските сајтови каде што се одлеваат средства, според нашите анализи помеѓу 40 и 50 милиони евра годишно“, велат од АСОМ.
Уредбата е донесена на 24 април и истата е со важност до 22 декември. Во услови на Ковид-19 и намалено движење на граѓаните во зимскиот период, доколку не се регулира онлајн спортско обложување преку македонските спортски обложувалници, постои опасност да се намалат приходите во оваа индустрија и државниот буџет на сметка на одлевање на средствата на играчите на странски сајтови за обложување.
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија е активен чинител во општеството и заедно со своите членки работи одговорно, создава услови за работа и кариера, придонесува во економијата и активно делува на полето на општествената одговорност за поддршка на заедницата. АСОМ е формирана 2013 година, а членки на асоцијацијата се: Моцарт, Спорт лајф, Златна копачка, Евротип и Марбет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

