Македонија
Глас за Македонија бара оставка на Владата

Глас за Македонија бара оставка на Владата поради, како што велат, фијаското на нејзината стратегија, по блокадата на Бугарија.
„Глас за Македонија во целокупниот претходен период укажуваше јасно и гласно, дека стратегијата на жртвување на националните интереси ќе доведе до целосен пораз на надворешната и внатрешната политика. Тоа во моментов значи и национален и безбедносен ризик по државата. Последицата од овие политики е ослабување на македонското народно јадро, сведувајќи го во северномакедонските административни граници со северномакедонски атрибути. Тоа значително ја ослабе нашата меѓународна позиција. Ќе треба голема политичка волја и напор за санирање на грешките на оваа Влада. Овие грешки ги увидоа дури и досегашните гласноговорници на нејзината политика. Премногу доцна“, се вели во соопштението.
Глас за Македонија истакнува дека идентитетските прашања за македонскиот народ, како и за кој било друг народ, имаат суштинско значење и неограничена вредност и во однос на нив не треба да има никакво отстапување.
„Почитувањето на разликите и на спецификите во идентитетот, историјата, културата, јазикот и традицијата на македонскиот народ, како впрочем и на кој било друг народ, мораат да бидат основа за натамошното надворешно-политичко дејствување. За жал оваа прва лекција која е вградена во сите устави на светот, Владата ја пропушти. Не можеме да очекуваме дека носителите на ваквата пропадната политика имаат кредибилитет, знаење, и волја за создавање на нова национална стратегија. Тие ќе продолжат да се движат по патот на отстапки кон уценувачите, чии барања нема да сопрат“, пишува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата