Култура
(Видео) Играниот филм „Дедо и внук“ со нови три награди
Режисерот Илија Пиперкоски доби две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) за најновиот филм „Дедо и внук“ од 4-th Dimension Independent Film Festival и на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата најдобри наративни играни филмови.
„Ваквите приказни го прават светот поубаво место за живеење“, потенцираат од 4-th Dimension Independent Film Festival.
Наградата доаѓа во време кога со премиерата на меѓународниот филмски фестивал „Прифест“ 2020 во Приштина и официјално почна светската промоција на првиот долгометражен филм на режисерот и сценарист Пиперкоски. Вторпат наградата за најдобар директор на фотографија – кинематографер ја доби Патру Паунеску, токму за филмот „Дедо и внук“ на европските награди за кинематографија.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Благој Веселинов, Горан Стојаноски и други. Филмот ја раскажува приказната по смртта на еден млад пациент, во која младиот доктор Никола се обидува да направи ред во својот живот и оди на посета кај својот дедо. Последен пат бил кај него пред 10 години. Ова е филм за конфилкт на генерации, со контраст на морални вредности, моменти за втора шанса. Зад продукцијата на филмот стои Pandora’s Box, продукција од Охрид, во соработка со Dream Factory од Скопје и Alien Film од Романија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гала концерт во Националната опера и балет со светски познатата оперска дива Инва Мула на 28 ноември
На сцената на Националната опера и балет на 28 ноември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, ќе се одржи Гала оперски концерт на кој ќе настапи светски познатата оперска дива Инва Мула, заедно со Дешира Амети-Крлиу (сопран), Исмет Вејсели (тенор) и оркестарот на МОБ, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Дејан Прошев.
Инва Мула, сопран е едно од најистакнатите имиња на современата оперска сцена. Родена во уметничко семејство во Албанија, таа многу рано го започнува своето музичко образование, истакнувајќи се како исклучителен вокален талент со лирска прецизност и емоционална длабочина. Во текот на својата блескава кариера настапувала на најпрестижните оперски сцени во светот, вклучувајќи ги Париската опера, Миланската Скала и Метрополитен опера, во соработка со врвни диригенти и режисери.
Нејзиниот уникатен и препознатлив глас ѝ донесе светска популарност и надвор од оперската уметност: таа го позајми својот глас за ликот на Дивата во култниот научно-фантастичен филм „Петтиот елемент“ (1997).
На програмата на концертот се вклучени избрани дела од оперската класика на Џузепе Верди, Лео Делиб, Џакомо Пучини, Жорж Бизе, Жак Офенбах и други автори.
Култура
Нов роман на Венко Андоновски, различен од сè што напишал досега – „Александар јава на запад“
Во издание на Издавачки центар ТРИ денес пристигна најновото дело на Венко Андоновски, „Александар јава на запад“.
Андоновски е автор, меѓу другото, на 2 книги поезија, 3 книги раскази, 5 романи, 1 прирачник за креативно пишување, 18 изведени театарски пиеси и 1 сценарио за игран филм. И покрај целиот овој опус, „Александар јава на запад“ не припаѓа во ниту една од овие категории. Станува збор за фасцинантна фарса и ведра гротеска напишана со брутална смелост и пародиски означена со жанрот „чекајќи роман“.
Со овој „нов жанр“ Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени.
Содржината на романот го следи текот на еден необичен настан – оживуваат два споменика на скопскиот плоштад, оној на Александар и оној на Гоце Делчев, па тргнуваат да видат како денес изгледа светот.
Од Издавачки центар ТРИ најавуваат промоција на почетокот на декември, со очекување дека и оваа книга ќе стане популарна како неговите останати остварувања, што го прави еден од најчитаните домашни автори во Македонија. „Папокот на светот“ досега е печатена во 15 000, а „Вештица“ во 11 000 примероци.
„Кандид во земјата на чудата“ беше на репертоарот на Драмски театар цели седум години, со над сто изведби. Со оглед на тоа што е напишан со динамика што потсетува на сцена и се чита како да се гледа, се очекува дека и овој роман ќе добие слично, ако не и поголемо внимание и ќе изврши големо влијание, со потенцијал да биде препознаено и надвор од нашата книжевна сцена.
Венко Андоновски е веќе преведен на десетина јазици, меѓу кои на англиски, француски, руски, унгарски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски.
Култура
Две проекции во Кинотека по повод 𝟥𝟢-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со Австралија
По повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Австралија и Македонија, Австралиската амбасада во Белград, Србија, која ги покрива исто така и Македонија и Црна Гора, заедно со Кинотека на Македонија ја кани јавноста на Краткиот Фестивал на австралиски филм на 28-ми и 29-ти ноември.
Во петок, 28-ми ноември, со почетокот во 20:00 часот, ќе биде прикажан австралискиот филм „Домаќинство за почетници“ (Housekeeping for Beginners) на истакнатиот македонско-австралиски филмски режисер Горан Столевски, а во сабота, 29-ти ноември, публиката во Кинотека ќе има можност да ужива во комедијата „Дворска пепел“ (Backyard Ashes) и да дознае повеќе за тоа колку крикетот им значи на Австралијците.
„Домаќинство за почетници“ (2023), петок
Режија: Горан Столевски
Сценарио: Горан Столевски
Улоги: Анамариа Маринка, Алина Сербан, Самсон Селим, Владимир Тинтор, Миа Мустафа, Џада Селим, Сара Климоска, Розафа Целај, Ајше Усеини
Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

„Дворска пепел“ (2013), сабота
Режија: Марк Грентел
Сценарио: Питер Кокс
Улоги: Ендру Гилберт, Феликс Вилијамсон, Ребека Мaси, Демијан Калинан, Џон Вуд и др.
„Дворска пепел“ е австралиска комедија за Даги, добродушен Австралиец, и неговиот нов сосед Ед, арогантен Англичанец, испратен од централата во Лондон да ја редуцира работната сила во фабриката во која работат Даги и неговите соседи. Нивниот однос се влошува кога Даги не сакајќи го убива мачорот на Ед. Напнатоста прераснува во комичен судир, решен со крикет натпревар во дворот на Даги, во кој се вклучува целото соседство. Насловот реферира на крикет натпреварите (Тhe Ashes) меѓу Австралија и Англија кои се играат секоја втора година, а филмот е полн и со алузии на контроверзната тактика на Англичаните во натпреварите од серијата во 1932-33 година кога намерата да се цели во телото на играчот од противничкиот тим ги загрозило дури и дипломатските односи меѓу двете земји.

