Македонија
Европската недела на тестирање за ХИВ: Важно е навреме да се открие
Од 20 до 27 ноември, со мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“, се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ, кон која веќе седма година по ред се приклучува и здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, заедно со неколку стотини организации од 53 европски земји, со цел да се зголемат пристапот и свесноста за важноста од тестирањето за ХИВ. На тој начин информациите за превенција на ХИВ стануваат подостапни, повеќе луѓе може да го дознаат својот ХИВ-статус и да добијат терапија, грижа и поддршка.
„Во фокусот на годинешната кампања е еден малку познат факт за ХИВ кај нас: Н = Н, недетектабилно е еднакво на непреносливо. Тоа значи дека луѓето што живеат со ХИВ и редовно примаат терапија имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта, односно вирусот во крвта се намалил до степен што не може да се детектира, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита (кондом). Така, самата терапија за ХИВ, всушност, претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ. Токму ова е главната порака што до граѓаните ќе ја доближиме преку кампањата на социјалните медиуми и преку видео.
Со цел да го направиме тестирањето за ХИВ кај нас подостапно и да ги охрабриме граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, во рамките на годинешната Европска недела на тестирање за ХИВ, младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам“ на Водно ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, секој работен ден од 16.30 до 20.30 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот. За подетаљни информации и за закажување може да се јават на телефонскиот број 02/3176 950“, се вели во соопштението.
Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат во согласност со интерниот протокол на ХЕРА за закажување, прием и нудење услуги на клиенти за време на здравствената криза од Ковид-19, при што се обезбедува заштитна опрема и за корисниците на услугите. Денес, се проценува дека од вкупниот број луѓе што живеат со ХИВ во државата, секој трет не е свесен дека е ХИВ-позитивен. Токму затоа, и покрај пандемијата на Ковид-19, ХЕРА, заедно со партнерските здруженија, продолжува непрекинато да ги нуди основните услуги за превенција на ХИВ на приспособен начин бидејќи навременото откривање на ХИВ значи навремен пристап до терапија за ХИВ, која е бесплатна и достапна кај нас и која им овозможува на луѓето со ХИВ да живеат долго, квалитетно и да имаат речиси изедначен животен век како и луѓето што немаат ХИВ.
За граѓаните е достапна и мобилната андроид-апликација „Направи ХИВ-тест“, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации во земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play. Годинешната кампања по повод Европската недела за тестирање за ХИВ се реализира со поддршка од ViiV Healthcare и СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

