Македонија
(Видео) Милошоски: Заев, Филипче и Димитров се изворот на сите кризи во државата

Економската ситуација, надворешнополитичката ситуација, блокадата од ЕУ и здравствената криза, сите три кризи имаат име и презиме, а тоа се Зоран Заев, Венко Филипче и Никола Димитров, истакна денеска Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сметаме дека проектот наречен Зоран, Венко и Никола треба да си поднесе оставка. Во државата имаме најтешка ситуација од независноста до денес, и за граѓаните, и за здравствениот сектор, и за економскиот сектор, но, за жал, и за европерспективата. Сметам дека со нивната оставка ние ќе можеме како држава да создадеме можност да формираме влада на експерти, која ќе може подобро да се справи и во здравството, и во економијата и во евроинтеграциите“, посочи Милошоски.
Додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ смета оти блокадата од Бугарија е неоправдана, но дека тоа како инструмент го овозможил премиерот Заев со потпишувањето на договорот за добрососедство во август 2017 година.
Во врска со ставот за експертска влада, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека постои позитивен сигнал од две политички партии, кои се надвор од нивната коалиција, а тоа се Алијансата за Албанците и партијата Алтернатива.
„Гледаме дека го делат мислењето оти на државата во ваква кризна економска, надворешна политичка и здравствена ситуација повеќе би ѝ помогнала експертска влада отколку Влада што ја има изгубено довербата“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.