Македонија
Заев по повод Светскиот ден на детето: Вложувањето во квалитетно образование е влог во иднината
Децата се непроценлив капитал на една држава и вложувањето во нив е вложување во иднината, истакна премиерот Зоран Заев по повод Светскиот ден на детето, 20 Ноември.
На состанокот организиран заедно со младински застапници учествуваа и Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во земјата, Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во земјата, и министрите Мила Царовска, Јагода Шахпаска и Насер Нуредини.
Премиерот Заев упати честитки по повод Светскиот ден на детето, кој е утврден на денешен ден во 1989 година кога е усвоена Конвенцијата на Обединетите нации за правата на децата.
„Северна Македонија, како и сите други земји членки на Обединетите нации, со прифаќањето на Конвенцијата за правата на децата се обврза дека ќе ги почитува четирите основни принципи: недискриминација, придржување кон најдобрите интереси на детето, правото на живот, опстанок и развој и правото на учество“, рече Заев.
Осврнувајќи се на темата на состанокот, иднината на образованието, премиерот Заев истакна дека таа е во целосна согласност со стратегијата за развој на образовниот систем во земјата базирана на принципот квалитетно образование достапно на сите.
„Нашето образование мора да се приспособува и на новите глобални предизвици. Пандемијата на Ковид-19 ни покажа колку е важно образовниот систем да се менува, приспособува и осовременува, со цел да се обезбеди пристап до образовниот процес за сите деца, без разлика на проблемите со кои се соочуваат“, истакна премиерот и додаде дека паралелно со овие специфични предизвици не се запоставени ниту обврските за создавање услови за мотивирани наставници и дигитализација на образованиот систем.
Амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир, истакна дека не е едноставно да се постигнат сите елементи за квалитетно образование, но дека константното менување и прецизно ракување со образовниот систем, притоа следејќи ги новите технологии и новите предизвици, се смета за работа во прогрес.
Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ, рече дека Светскиот ден на детето се одржува во време на еден од најголемите предизвици во нашата историја, пандемијата предизвикана од коронавирусот, и дека токму поради тоа, ова е значаен момент и можност да се чуе како децата и младите сакаат да ја преосмислат иднината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијансата за Албанците ќе го обжали Законот за „Безбеден град“ пред Уставниот суд
Крилото на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците најави дека во понеделник ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на измените на Законот за прекршоци, преку кој се овозможува имплементација на системот „Safe City“ (Безбеден град).
Од партијата наведуваат дека актуелната примена на системот отвора сериозни правни, уставни и социјални прашања, особено поради тоа што, според нив, се спроведува селективно – само во Скопје, Куманово и Тетово.
„Проект кој има за цел да ја зголеми јавната безбедност треба да се применува рамноправно на целата територија на државата, а не делумно и селективно“, порачуваат од Алијансата.
Дополнително, партијата укажува на непочитување на Законот за употреба на јазиците, бидејќи известувањата и санкциите што произлегуваат од системот не се обезбедуваат рамноправно и на албански јазик.
Како посебен проблем го посочуваат и високиот износ на глобите, за кои бараат ревизија и прилагодување на прагот на толеранција.
„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но не преку непропорционални казни кои ја нарушуваат економската благосостојба на граѓаните“, посочуваат од партијата.
Алијансата ги критикува и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, кои гласале за стапување во сила на казнените одредби од 1 февруари, обвинувајќи ги дека тоа го сториле „без грижа за благосостојбата на граѓаните и без да ги адресираат сериозните уставни недостатоци“.
Во образложението за најава на иницијативата, партијата го посочува и примерот со Законот за трето дете, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен поради селективна примена. Од таму очекуваат Уставниот суд да постапи на сличен начин и во случајот со „Безбеден град“.
Македонија
Со гласањето против „Безбеден град“, СДСМ и ДУИ застанаа против безбедноста на граѓаните, рече Мицевски
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, коментира дека СДСМ и ДУИ на денешната собраниска седница гласала против измените на Законот за прекршоци, со што, како што рече, се спротивставила на проектот „Безбеден град“ и на напорите за унапредување на безбедноста во сообраќајот.
„Коалицијата Али и Венко, СДС и ДУИ, денеска во Собранието гласаа против проектот ‘Безбеден град’. Тие гласаа против измените што овозможуваат имплементација на системот најпрво во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делови од Коридорите 8 и 10, каде што опремата е веќе поставена“, рече Мицевски.
Тој наведе дека двете опозициски партии со тоа директно гласале против намалување на сообраќајни несреќи, повреди и смртни случаи.
Како илустрација, Мицевски посочи дека на 1 октомври 2025, кога започнал пробниот период на системот, камерите во Скопје регистрирале 110.000 прекршоци – 90% од нив за брзо возење. Само еден ден подоцна, на 2 декември, бројката се намалила на околу 50.000 прекршоци.
Дополнително, според статистиката што ја наведе, во првите осум месеци од 2025 година, во сообраќајни несреќи загинале 91 лице (просечно 11,3 лица месечно), додека во 2024 година бројот изнесувал 142 (11,8 месечно).
„Сега, бројката е намалена на само 2 смртни случаи во декември 2025 и јануари 2026“, истакна Мицевски.
„СДС и ДУИ уште еднаш покажаа дека не умеат да застанат зад политика што е во интерес на граѓаните. И покрај поразот на изборите, продолжуваат да делуваат спротивно на јавниот интерес“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Левица за „Безбеден град“: Глобите да се пресметуваат според примањата
На денешната седница на Собранието, координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави дека во Законот за прекршоци, преку кој ќе профункционира системот „Сејф сити”, Левица ќе поднесува измени особено во однос на глобите, односно ќе бараат скалесто казнување.
„Не може да се казнуваат исто луѓе со месечни примања од 500 ЕУР и луѓе со месечни примања и од по 50.000 ЕУР”, рече Крмов.
За Предлог-измените на Законот за прекршоци со цел имплементација на системот „Сејф сити”, Крмов истакна дека законското решение не е совршено, но пратеничката група на Левица ќе го поддржи бидејќи ценат дека тој систем би можел да спаси животи.
Пратеникот најави дека ќе следат корекции „во од” како што најави и власта, а при истите Левица ќе има свои предлози за кои побара поддршка од владејачкото мнозинство.

