Македонија
Шахпаска: Продолжуваме со заложбите лицата со попреченост да бидат вклучени во општествениот живот

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска се сретна со претставниците на Полио Плус –движење против хендикеп.
На средбата соговорниците разговараа за потребите на лицата со попреченост, пристапот до помош, поддршка, лична асистенција во нивните домови, како и овозможување на еднакви основи, со останатите граѓани бидат вклучени во општествениот живот. Притоа, се разговараше и за новиот Закон, кој Министерството за труд и социјална политика сериозно го подготвува, а се однесува на вработувањето на лицата со попреченост, Националниот Регистар на лицата со попреченост и Комисиите за функционална проценка на нивната работоспособност за да можат да бидат вклучени на пазарот на трудот.
„Разговаравме и за додатоците односно паричните права на лицата со попреченост, во делот на посебниот додаток на младите лица до 26 години, личната асистенција како начин на нивно вклучување во општеството и можноста за поголем опфат на овие лица и како заеднички да ги движиме работите во вистинска насока,“ изјави Шахпаска.
Таа посочи дека изминатиот период заеднички се покренати и прашањата за имплементација на Конвенцијата за лицата со попреченост во членот 29, за нивната политичка вклученост, во процесите на избирање, да бидат бирани и да имаат пристапност до гласачките места, процеси кои се прилично придвижени.
„15 отсто од општата популација ја сочинуваат лицата со попреченост, таа бројка во нашата држава е околу 300.000 граѓани. Како одговорни носители на политики, продолжуваме да правиме се за нив, но не без нив,“ порача министерката Шахпаска.
Од страна на претставниците на Полио Плус, беше посочено дека заедничката соработка со Министерството за труд и социјалана политика продолжува и понатаму особено во делот на експертиза од нивна страна, со цел создавање на добар систем на градење приоритети кои се од клучно значење за лицата со попреченост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Марковски: Можеме да ставиме крај на хаосот, партизацијата, безредието и апатијата во Скопје

„Диши, диши – јавно здравје во хаотичен град“ беше последното предавање во рамки на кампањата за овие локални избори на Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје, поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“.
На овој час се дискутираше за аерозагадувањето како еден од најгорливите проблеми во Скопје.
Ирина Ангеловска, специјалист пулмолог, се осврна на причините за аерозагадувањето и последиците по општото здравје. Таа ја истакна и потребата од преземање на континуирани мерки од институциите, но и од секој поединец: носење маски, намалена употреба на штетни возила, да не се гори отпад, контрола на квалитетот на воздухот, доследно спроведување на законските решенија.
Марковски ги претстави дел од мерките за справување со овој проблем. Според него, аерозагадувањето не може да се реши преку ноќ, но можеме да преземеме мерки и политики кои ќе ни помогнат во негово намалување.
– Скопје мора да стимулира алтернативен превоз, а не возење на автомобили. Планираме воведување и набавка на еко – автобуси и такси возила. Исто така, по одредени студии имаме околу 80.000 домаќинства кои се греат на горива кои загадуваат. Овие граѓани, домаќинства мора да ги поддржиме во промената на начинот на греење, но да не ги заборавиме и другите загадувачи: индустрија, возила и сл.
Вера Јовановска Типко, специјалист психијатар се осврна на менталното здравје во еден хаотичен град. Таа истакна дека сообраќајниот хаос е еден од главните стресогени фактори и затоа е потребно дестимулирање на возењето автомобили на дневно ниво.
– Хаос, катастрофа, лудило, немир, недоверба, гнев, страв, нема спас се само дел од зборовите и фразите кои ги користат граѓаните на дневно ниво за да го опишат своето живеење во Скопје, посочи Јовановска Типко.
„Во недела можеме да ставиме крај на хаосот, партизацијата, безредието и апатијата. Гласај за 128 за градоначалник на Скопје – Горан Марковски и 35 за советничката листа за Скопје предводена од Јана Белчева Андреевска“.
Македонија
(Видео) Филипче: Изберете луѓе со интегритет, не послушници на Мицкоски

„На овие избори изберете пред сè луѓе кои сакате да ве претставуваат. Изберете ги оние кои се докажани, чесни, кои ќе го исполнат ветеното и кои ќе ви служат пред сè вам, граѓаните,“ порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од трибината во Бутел.
Тој истакна дека најголемата сила на СДСМ на овие избори се луѓето што ги предлага, кандидати и кандидатки, како што вели, со интегритет и кредибилитет.
„Јас знам дека Оливера за Бутел и Каја за Скопје се вистинскиот избор, силни жени, борци, докажани во својата професија, жени кои искрено и чесно ќе застанат зад граѓаните и нивните потреби“, рече Филипче.
Тој потсети дека општините се најблиската власт до граѓаните и дека токму затоа таму е најважно да се изберат чесни и одговорни претставници.
„Општините се првиот контакт на секој човек со било која власт и тука не смее да има поделби. Тука не смее да се изберат послушници на Мицкоски кои работат само по директиви на партијата“, нагласи лидерот на СДСМ.
„А, ВМРО-ДПМНЕ на овие избори нуди токму такви кадри, бирани по теркот и меракот на претседателот, а не на граѓаните“, додаде Филипче.
Македонија
Доста е со кружење и нервози, време е за ред и за слободни тротоари, Аеродром ќе биде најповрзаната општина, најави Ѓорѓиевски

На денешниот народен митинг во Аеродром во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ се обрати и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски претставувајќи ги проектите од програмата кои ќе се реализираат во општина Аеродром.
Ѓорѓиевски истакна дека, во соработка со градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески прво ќе се зафатат со решавање на сообраќајниот хаос и поврзување на Аеродром како никогаш досега.
„Конечно ќе го завршиме булеварот „АСНОМ“ и ќе ве поврземе со Гази Баба преку новиот мост. Ќе го изградиме и булеварот „Февруарски поход“ со нов мост преку Вардар, со што отвораме целосно нов коридор кон Гази Баба и кон новиот мега парк Вардариште. Предвидуваме реконструкција на улицата Фрањо Клуз, и пробивање на булеварот Борис Кидрич. Аеродром нема повеќе да биде сообраќаен остров, туку најповрзаната општина во Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Додаде дека ќе го решат секојдневниот урбан хаос и дека, пред сè, ќе се воведе ред со ставање крај на опасниот сообраќај кај „Тобако 2“ со изградба на модерен двоен кружен тек, зошто безбедноста на децата кои одат во училиште е на прво место.
„И конечно, го решаваме хроничниот проблем со паркирањето. Ќе изградиме монтажни катни гаражи во Ново Лисиче, Јане Сандански и Мичурин. Доста е со кружење и нервози, време е за ред и за слободни тротоари“, истакна Ѓорѓиевски.
Исто така, додаде Ѓорѓиевски, ќе инвестираме во здрава животна средина, за здравјето на нашите семејства.
„Ќе го решиме деценискиот еколошки проблем со Усјанскиот канал, со негово целосно затворање и претворање во уредена, зелена пешачка зона со нова урбана опрема. Ќе го решиме проблемот со Вардариште. Јас ви ветувам на сите аеродромци дека, конечно, проблемот со Вардариште ќе биде во нашиот четири годишен мандат. На крајот на мојот мандат тоа ќе биде модерен парк, а кејот на Вардар ќе биде направен до Долно Лисиче“, се заложи Ѓорѓиевски.