Македонија
Заев – Брнз: Решавањето на билатералните прашања треба да остане надвор од преговарачката рамка

Премиерот, Зоран Заев, денеска имаше средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Брнз, на која се разговараше за актуелните процеси поврзани со евроинтеграциите за земјава, за стратешката соработка меѓу Република Северна Македонија и САД и за предизвиците во справувањето со пандемијата предизвикана од КОВИД-19.
„На средбата заеднички беше констатирано дека двете држави посакуваат преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија да започнат до крајот на годинава, како влог во стабилност на регионот и како важен процес за обезбедувањето просперитет за граѓаните. Според Заев и Брнз, решавањето на билатералните прашања треба да остане надвор од преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ, а секое противење или оневозможување на овој процес е на директна штета на кохезијата на трансатлантското семејство на народи и спротивно на интересите за стабилност и демократија во регионот“, соопштија од Владата.
Амбасадорката на САД ги поздравила постапките на Владата за, како што пишува во соопштението, сузбивање на потпалувачкиот говор во јавноста и дала поддршка на напорите да се одржи конструктивниот и отворен дијалог по однос на овие прашања.
Како што соопштија од Владата, Заев се придружил кон овие ставови и изразил надеж дека примерот на Владата во промоцијата на дијалогот како алатка за решенија ќе го следат сите чинители од земјата и регионот.
„Премиерот Заев изрази благодарност за стратешката и сојузничка поддршка која Северна Македонија ја добива од САД и заедно со амбасадорката Брнз ги потврдија заложбите за постојана и суштинска соработка во справувањето со коронавирусот, како и за уште поголеми директни инвестиции од САД во развојот енергетиката, дигиталната економија и сајбер безбедноста согласно безбедносните стандарди на НАТО“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.