Свет
Повеќе од 2.000 азиланти во Британија лажеле за возраста за да го измамат системот
Најновите податоци од британскиот „Хоум офис“ откриваат дека повеќе од 2.000 баратели на азил ги лажеле службениците за имиграција за својата возраст преправајќи се дека се деца за да ги подобрат шансите да останат во земјата, пренесува „Дејли мејл“.
Од 2015 година владата испитувала 3.755 случаи на имиграција во кои возраста на мигрантот била во прашање. Од тие истраги утврдено е дека околу 2.203 баратели на азил се на возраст над 18 години иако претходно тврделе дека се малолетни.
Реалниот број на измамнички побарувања од мигранти може да биде поголем бидејќи случаите против „децата“ не се отвораат ако се чини дека тие не се значително постари од 18 години по што возраста им ја проценуваат локалните социјални работници.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави за „Дејли мејл“:
„Го поправаме нашиот расипан систем за азил за да го направиме цврст и фер. Ќе се обидеме да престанеме со злоупотреба на системот, истовремено грижејќи се тој да биде сочувствителен кон оние на кои им е потребна наша помош пречекувајќи ги луѓето преку безбедни и легални патишта“.
Според сегашниот систем во Велика Британија, на децата бегалци, што бегаат од војна, хуманитарни кризи или од тероризам, им се обезбедува финансиска помош до 25. година од животот. На оние што имаат над 18 години сè уште им се дава помош од владата, но плаќањата се многу пониски.
Asylum seeker pupil who 'looks 40 and has thinning hair' pictured after joining Coventry school as 15-year-old https://t.co/ZSsmYgRyXo
— The Sun (@TheSun) October 23, 2020
Проблемот со барателите на азил што се претставуваат како деца беше нагласен во октомври кога родителите се пожалија дека „дете“ мигрант, кое изгледа како да има 40 години, се запишало во училиште во Ковентри, Англија. Владата допрва треба да ја открие возраста на мигрантот, но фотографиите што беа споделени на интернет покажуваат јасни знаци на старост.
Проблемот не е нова појава. Во 2018 година ученик беше отпишан од средното училиште „Стоук“ кога се утврди дека има 30 години, а не 15, како што тврдел тој.
Среде рекордните мигрантски бранови со бродови што го преминуваат Ла Манш од Франција, Советот на округот Кент (ККЦ) во август рече дека поради повеќемесечните вонредни барања, веќе не може безбедно да сместат повеќе мигранти што тврдат дека се деца.
Подоцна ККЦ откри дека околу 25 отсто од илегалните мигранти со бродови што тврдат дека се деца се всушност постари од 18 години.
Во октомври истрагата спроведена од „Дејли мејл“ откри дека Советот исплатил над 300.000 фунти од британските даночни обврзници за правни случаи против 25 мигранти обвинети дека лажеле за својата возраст. Истрагата утврди дека 13 од правните случаи се во тек, а другите случаи се отфрлени, повлечени или решени вон судски.
Натали Елфике, пратеничка од Довер, рече:
„Ниту едно дете или младо лице не смее да тргне на пат со опасните мали бродови преку Ла Манш. Оние што намерно лажат за својата возраст за да може да го измамат системот, треба да се соочат со законски последици“, рече таа додавајќи дека Французите мора да сторат повеќе со десетиците милиони фунти што ги плаќа британскиот даночен обврзник за да ги заштити напуштените деца мигранти и да ги чува подалеку од рацете на бандите за трговија со луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

