Култура
Од денеска почнува МОТ со претстави во живо и онлајн-прикажувања

Од денеска до 3 декември ќе се одржи 45. издание на Младиот отворен театар (МОТ) со претстави во живо и фестивалски онлајн-претставувања.
Ќе бидат претставени 12 продукции во домашна продукција, како и театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и од Хрватска.
45., првпат хибриден Млад отворен театар, ќе се одржи на три сцени – онлајн во домовите, Младинскиот културен центар и во Универзалната сала.
Цената на билетите за претставите во живо е 300 денари, а онлајн-претставите се бесплатни, но неопходен е билет бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.
Во десет фестивалски вечери ќе се гледаат три премиери: „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, копродукција на МОТ и Факултетот за работи што не се учат, перформансот Screensaver, развиен во рамките на програмата „Современа кореографија и танц“ на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театарот „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес.
24-28 ноември
*ПРЕМИЕРА* „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ | 19:00 | Универзална сала
Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).
„Универзална во пламен“ е перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Човекот што уживал во очајот, очајот кој станал популарен со песните на Шарл Азнавур. Ова е и есеј за Азнавур, познат на скопјани по неговата песна што требало да биде пуштена на Радио Скопје утрото на 26 јули 1963 година. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши. Претставата ќе има 5 премиерни изведби од 24 до 28 ноември.
25 ноември
„Траги од Антигона“ | 20:00 | онлајн
Втората вечер е резервирана за гостување од Атина со стрим на претставата „Траги од Антигона“ во режија на Ели Папаконстантиноу (ОДЦ ансамбл). Грчката режисерка препознатлива по мултидисциплинарните перформанси со различни уметнички форми, по многу светски фестивали и освоени награди, ја користи состојбата со коронавирусот за нова креација.
„Ние, жени од различна возраст и уметничко потекло, ги споивме гласовите за да ја пресечеме сторичноста на полот, да ги конфигурираме домашноста и дигиталниот простор. Во нашите домашни затвори, ја истражуваме огромноста на јавните агори; врамени во дигитални кутии, ние остануваме транспарентни за целиот свет да ѕирка кон нас, сепак, безбедни во засолништето на нашиот најголем приватен простор (за разлика од другите жени – жртви на семејно насилство). Еве кои сме: „Отсутните девојки“, во спомен на сите жени пред нас. Исто како и нашите мајки и „сестри“, ние ја користиме изолацијата во наша корист за да ги навеземе античките траги од Антигона како дел од нашата лоза. Исто како и жените пред нас, ние правиме уметност во изолација. Само овој пат излегуваме во јавност!“
„Траги од Антигона“, пребојување на античкиот мит за Антигона, доаѓа како непосреден одговор на глобалното затворање поради коронавирусот и тековниот дијалог за тоа што значи присуството (и отсуството). За прв пат во поновата историја, изолацијата веќе не е женска состојба. ОДЦ Ансамбл во круг на жени истражи целосно нов изведувачки јазик што можеме да го наречеме „театар на изолација“.
26 ноември
*ПРЕМИЕРА* „Screensaver“ | 19:30 | онлајн
Следната премиера ја гледаме онлајн. „Screensaver“, танцување во идната носталгија. Интернационална танчерска екипа, епизодично структурирана кореографска серија, дел од истражувањето „КО-серии“, која по уметничкиот престој во Брисел, Стокхолм и Скопје, започнува со премиера на МОТ. „Screensaver“ се појавува како танцувачка практика, но всушност е ТВ поп-шоу или само апсурдно видеорекламирање, кое го носи со себе танцовата архива од 60-тите, 70-тите, 80-тите и 90-тите години. Архивата „Screensaver“ отвора спекулативен простор на минати временски линии што поинаку се занимавале со танцот, простор да коегзистираат истовремено во денешната перцепција на танцот и кореографијата. Просторот каде што може да се доживее танцот што се играл илјада пати, или сеќавањето на некој танц што е виден многу пати и сите го носиме во себе, конечно може да биде доживеан; простор за танц на идна носталгија, простор за танц и кинетички задоволства. Пристапот отвора простор за задоволства во доживувањето на танцот и кореографијата како кинематографска меморија на нашите тела. Перформансот „Screensaver“ е развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.
27 ноември
„Полковникот птица“ | 18:00 | онлајн
„Ајхман во Ерусалим“ | 20:00 | онлајн
Сцените на Театар Гостивар и ЗеКаеМ Хрватска се онлајн домаќини на четвртиот ден на МОТ, кога гостува НУ Гостиварски театар – најновата театарска институција кај нас. „Полковникот птица“ е нивна трета претстава, прва на македонски јазик. Текстот „Полковникот птица“ од Христо Бојчев е неговиот најуспешен текст, напишан во 1997 година, кој ја добива една од најголемите европски награди за драмски текстови, наградата на Британскиот совет. Дејствието на драмскиот текст зборува за една група ментално заболени луѓе, кои живеат во лудница, заборавени од Бога, и таму стигнува хуманитарна помош, која требало да стигне во кризно подрачје, ама по грешка дошла до нив. Тоа ги охрабрува и тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем. Во ова време кога се актуелни мигрантските кризи и премините преку граница, овој текст може да добие нов контекст, а во исто време да зборува за Балканот како вечен кандидат за Европа. „Полковникот птица“ е претстава за различни
луѓе, кои со својата различност и возбуда за нови нешта треба да нѐ пленат сите. Нивната посветеност треба да нѐ учи колку е битно да се верува и да се постои во овој свет, колку и да е тешко. Целта на претставата е да ги разбереме нив, и кога ќе ги разбереме, да станеме подобри луѓе со тоа. Нивната лудост е само начин да се верува. Можеби идејата е утопистичка и идеалистичка, но тоа е и улогата на театарот.
По неа следува Загребачко казалиште младих со „Ајхман во Ерусалим“ во режија на словенечкиот режисер Јернеј Лоренци, кој јасно ја разбира потребата за испитување на баналноста на злото и нејзиното присуство кај секој човек, доаѓа во момент кога практично цела Европа ги преиспитува своите антифашистички корени. Уште една блескава претстава од хрватската сцена. И уште една што се занимава со контроверзна тема. Во вистински момент, кога цела Европа зборува за фашизмот… Фашизмот во нашето
општество.
28-29 ноември
*ПРЕМИЕРА* „Херои 4:33“ | 18:00 | МКЦ
Третата премиера на МОТ доаѓа од Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес и ја гледаме во живо во МКЦ на 28 ноември. „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски претставува своевидна „инсталација“ во која, преку употребата на различни медиуми во три специфични простори, изолирани едни од други, ја истражуваме врската помеѓу „присуството/отсуството“ карактеристично за театарот како медиум. Гледачите, соодветно заштитени и водени еден по еден, како низ музеј, ќе бидат запознаени со нашите „експонати“, последните преживеани, пионерите на „новата реалност“. Стварноста што ќе биде претставена во секој од просторите, наликува на своевидна дистописка стварност, во која човештината отстапува пред сопствената опачина. Целото доживување, кое гледачот го има од инсталацијата, наликува на оние секунди пред почетокот на претставата, кога светлата во салонот ќе се изгаснат, а претставата сѐ уште не започнала, кога стварноста околу нас отсуствува, а сценската сѐ уште не се појавила. Просторот, костимите и музиката се во функција на доживувањето од овој меѓумомент на „присуство/отсуство“, кое трае нешто повеќе од 13 минути, колку што трае композицијата на Џон Кејџ. Претставата ќе има реприза наредниот ден.
29 ноември
„Три сестри и Наташа П.“ | 19:30 | онлајн
„Илузии“ | 21:00 | онлајн
Следува претстава направена непосредно пред пандемијата. По карантинот: Чехов со музика во живо, Чехов со корона-маски, Чехов на Нишвил Џез фестивал, ФемАрт Приштина, сега и на МОТ. „Три сестри и Наташа П.“, ко-продукција на Арт медиа и Национална опера и балет, во режија на Наташа Поплавска ја следи драмата „Три сестри“ на Чехов со фокус на ликот Наташа Прозорова, сопруга на Андреј Прозоров, братот на трите сестри: Олга, Маша и Ирина. Се отвораат едноставни прашања: зошто ликот на Наташа на листата на карактери е пред ликот на Олга, Маша и Ирина? Ако е прв женски лик, зошто не се појавува прва во драмата? Чија е оваа „драма“? „Драма“ на Андреј, на Наташа или ова е „драма“ на Олга, Маша и Ирина? Какви одговори ќе добиеме? Се отвори проблемот со драмата и преку призмата на „другите“, односно Наташа, ликот што дојде од друго социјално ниво во куќата на Прозорови од Москва.
„Илузии“, инспирирана од истоимената драма на Иван Вирипаев, во режија на Нела Витошевиќ е експериментална, виртуелна претстава, која е приказ и обележје на пандемиското време. Претставата недвосмислено ја покажува желбата и крикот на уметникот да создава во состојба на криза и да му пркоси на времето, кое е неповолно за уметноста. Користејќи се со театарски пристап, но во виртуелниот свет, екипата направи претстава што ги отвора темите на љубов, неверство, отуѓеност на луѓето, како и празнотијата и минливоста на животот. Теми што во вакви новонастанати околности се актуализираат кај секој човек. Приказната ни ја раскажуваат четворица актери, кои играат определена улога, но истовремено се и наратори на дејството.
30 ноември
„Иднината е приватна“ | 19:00 | онлајн
Независната театарска група Пресврт започна токму со овој проект, истражувајќи го реалниот живот, наспроти животот на интернет, приватноста и приватизацијата, дистанцираноста во сајбер- просторот. „Иднината е приватна“, во режија на Милош Б Андоновски беше идеја што се развиваше уште пред појавата на вирусот и карантинското онлајн функционирање. Во време кога виртуелниот простор е единствената агора во која луѓето живеат, која е позицијата на човековата приватност? Дали таа ќе исчезне под влијанието на социјалните мрежи или вешто ќе ја зачуваме? Што се случува кога нашиот идентитет го гради одреден алгоритам? Можеби токму софтверот ќе нè натера да се навратиме кон она што е човечки. Поставена во далечната иднина, претставата „Иднината е приватна“ зборува за живот оформен од физичка дистанца, изолација и комуникација исклучиво преку виртуелни профили.
1 декември
„Спроти нештата“ | 21:00 | онлајн
Најредовниот гостин на МОТ, од самите почетоци на фестивалот. Словенско младинско гледалишче – омилениот театарски ансамбл на нашата публика, овојпат со „Спроти нештата“, во режија на Борис Никитин. Во своите дела, Никитин ги истражува границите помеѓу реалноста и фикцијата, документот и неговиот фалсификат и претпочита да ги разнесува овие категории. Вака создадениот театар е суров, груб, фронтален и директен. Прекумерното реагирање, пародијата, провокацијата и субверзивното играње со границите помеѓу реалното и лажното станаа фино подесени реквизити за популизам во натпревар за политичко внимание. Границите на договореното постојано се поместуваат и се доведуваат во прашање. Како да ја влечеме западната филозофија над дадаистичка јама и прашањето „што е реалност?“ и „кој ја одредува?“ ќе стане гориво за следниот престап. Нефикција во трескавична состојба, пародија како парадигма на нашето време! И последиците, како и секогаш, реални: победа на избори, предизвикување кризи, донесување политички одлуки, војни, продажба на производи. Жртва на ова е малиот човек и неговата веројатно најголема политичка способност: неговата ранливост. Ранливоспособност. Како може да се справиме со сето ова на сцената, овој веројатно најдвосмислен простор што еволуцијата го има создадено некогаш? Можеби само како лоша шлаканица, како спротивставување на нештата.
2 декември
„Кожурец“ | 19:30 | онлајн
Нов храбар обид за експериментирање на театарската група Артопија што повеќе од 4 години е симбол на слободен театарски израз, потрага по нов, со силна желба за искрено пренесување на сопствената емоција од другата страна на просцениумот. Работена според вистинска приказна, претставата „Кожурец“, во режија на Билјана Радиноска го отвора просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешни механизми на сексуалната злоупотреба на децата. Претставата претставува своевиден емотивен пејзаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес.
3 декември
„Лоунли пленет“ | 18:00; 20:00 | МКЦ
Култното Ателје 212 го затвора 45. МОТ со обид оваа тешка состојба да ја преврти во тотална спротивност. „Лоунли пленет“ е претстава од имерзивен карактер, која се изведува на отворени и затворени простори, околу и во театарската зграда, намерно избегнувајќи го класичниот сценски простор, односно самата сцена. Преку колажната структура од пет авторски и изведувачки гласови, кои се испреплетуваат и се провираат едни со други, уметниците ја водат соодветно оддалечената публика на туристичка турнеја низ двете страни на паричката на утопијата и дистопијата на нашето (театарско) секојдневие.
Оваа претстава се одразува на светот на првата половина на 2020 година, додека истовремено се обидува да ги преиспита формите на театар што може да се случат и покрај вирусот, и следствено на тоа, потенцијалните форми на заедништво во јавниот простор на иднината.
Како последица на ситуацијата предизвикана од Ковид-19 во која се наоѓаме, тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите.
Фестивалот е поддржан од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба на Сашо Блажес „Нурни во мене“ во Куќата на Робевци

Самостојна изложба на ликовниот и визуелен уметник Сашо Блажес насловена „Нурни во мене“ ќе биде отворена на 01 август со почеток во 20 часот, во Куќата на Робевци.
После самостојните излагања во Париз и Венеција минатата година како и во и Австрија и Италија минатите години, оваа година се претставува со една исклучителна изложба која што дел беше претставена во Музеј на град Скопје, а на 01 август ќе биде поставена во Куќата на Робевци во Охрид.
Изложбата го носи насловот „Нурни во мене“, а куратор на изложбата е Маја Чанкуловска, виш кустос при Националната Галерија од Скопје.Критички осврт и текст за изложбата имаат напишано Камило Ракана, куратор од Париз и Маја Чанкуловска.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции во Норвешка, Франција, Германиј, Романија и Австрија.
Култура
Претставата „Приказната на Електра“ од Дејан Пројковски премиерно изведена во Јужна Кореја

Дејан Пројковски е првиот македонски режисер што поставил театарска претстава во соработка со национални институции во Јужна Кореја. Двете премиерни изведби, публиката во Инчеон ја испрати со стоечки овации.
На 26 јули во Инчеон, Јужна Кореа, се случи премиерата на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски. Претставата беше дел од програмата на Националниот театарски фестивал и привлече големо внимание на корејската културна јавност.
Станува збор за современа интерпретација на античкиот мит за Електра, во која јазикот на телото, минималните дијалози и прецизната визуелна естетика создаваат универзален сценски израз. Темите за семејството, насилството, меморијата и судбината се обработени низ емотивно концентрирана и визуелно изниансирана форма, својствена за естетиката на Пројковски и Димоски, веќе докажана на неколку меѓународни театарски проекти.
„Работата со корејски уметници беше вистински предизвик – не само поради јазикот, туку и поради нивниот прецизен и визуелно рафиниран пристап кон театарот. Но токму затоа, кога ќе успееш да се разбереш без зборови, сфаќаш дека темите што ги носи оваа претстава се навистина универзални. Тука престануваат да важат сите бариери и ограничувања што ни се наметнуваат во животот,“ – вели режисерот Дејан Пројковски.
Продукцијата е резултат на соработка помеѓу Театарската асоцијација на Јужна Кореја, Националниот театарски фестивал Инчеон и Артема – театарска лабораторија. Овој формат на копродукција овозможи вклучување на целосна корејска актерска екипа, селектирана преку национален кастинг, во која настапуваат признати имиња на локалната сцена: Ким Чоин, Ким Сеонг-ми, Чои Минхјок, Јанг Мин Ки и Ха Џин.
Авторскиот тим зад претставата е главно македонски: автор на текстот и драматург е Сашо Димовски, Сашко Костов (музика), Сергеј Светозарев (сценографија и видео-дизајн), Раде Василев (костимографија). Кореографијата е на Кјонг Џаеми Рјуи, дизајнот на светло на Џеонгсу Ли, а продукциското водство го потпишуваат Џинион Јун и Хје Јеонг Чунг. Асистент на режисерот е Мари Шин, а уметнички директор Џеонг Ву Сон.
„Ми значи што една ваква соработка и продукција покажува дека и во глобален контекст, македонските културни професионалци можат да бидат препознаени како партнери со висока естетика и став. Тоа не е чест случај, и токму затоа секоја ваква можност носи вредност и остава простор за идни соработки“, додава Пројковски.
Инаку, Дејан Пројковски е еден од нашите најнаградувани и најактивни театарски режисери. Неговите претстави „Ана Каренина“ и „Ричард Трети“ беа дел од јубилејната Театарска олимпијада во Унгарија. „Ана Каренина“ досега има освоено над 40 награди, а „Ричард Трети“ доби Гран при на Фестивалот во Кишварда. Во неговото портфолио се вбројуваат и „Дон Жуан“ (награда за најдобра претстава во Хрватска), „Ромео и Јулија“ (највисока театарска награда во Турција), „Скупљачи перја“ во Српско народно позориште, „Мајка Храброст“ во Нови Сад, како и „Падот на Масада“, „Инферно“ и „Нема струја за електричниот стол“ во македонските театри.
„Приказната на Електра“ ќе гостува и во Македонија на 20 август, на свеченото затворање на фестивалот „Охридско лето“. По одекот што го постигна во Кореја, ова гостување претставува ретка можност домашната публика да ја доживее претставата во нејзината полна сценска и емотивна сила – токму онаква каква што беше препознаена и надвор од нашите граници.
Култура
Концерт на македонскиот виолинист Емир Имеров и на израелскиот пијанист Ваг Папиjан на Охридско лето

Репертоарот на класична музика на „Охридско лето“ вчеравечер продолжи со концерт на македонскиот виолинист Емир Имеров и израелскиот пијанист Ваг Папиан.
Извонредните музичари ноќта ја започнаа со „Скерцо“ од Јоханес Брамс, а ја продолжија со композицијата „Фантазија во C-dur D934“ од Франц Шуберт. Репертоарот беше заокружен со прекрасна изведба на Бетовеновата „Соната бр.9 A-dur оп.47 „Кројцер“.
Емир Имеров е роден во Скопје, а живее во Германија од 1991 година. Студира на Музичката академија во Вурцбург со професорот Г. Жислин во чија класа дипломира во 2000 година. За време на студиите освојува прва награда на натпреварот „Ф. Менделсон“ и добива двегодишна стипендија. Долг период настапува со квартетот „Виртуози на Санкт Петербург“ на турнеи во САД, Австралија, поранешен СССР и Германија. Во 1998 година со неговото клавирско трио освојува прва награда на натпреварот во Тулуз, а истата година тој е добитник на втора награда на натпреварот за виолинисти во Ташкент. Од 2004 година е концерт-мајстор на Симфонискиот оркестар на театарот во Крефелд-Минхенглајдбах и од 2010 година на ансамблот „Европски солисти“ во Луксембург. Член е на клавирското трио „Бенџамин“ заедно со Ваг Папиан и Александар Кагановски.
-Ова е мој трети пат настап на фестивалот „Охридско лето“, еднаш со виолинистот Максим Венгеров, вториот пат со нашето трио „Бенџамин“, и еве, вечерва повторно ќе свирам за одличната публика. Многу ми значи овој подиум затоа што „Охридско лето“ е еден од најреномираните фестивали во Европа и пошироко. Со колегата Папиан често настапуваме со нашето трио, но и како дуо, рече виолинистот Имеров.
Реномираниот пијанист и диригент Ваг Папиан кариерата ја започнува во 1979 година по победата на Меѓународниот натпревар „Виана да Мота“. Дипломира пијано на Московскиот конзерваториум, а потоа студира и диригирање во класата на Иља Мусин на Конзерваториумот во Санкт Петербург. Во 1984 година станува асистент диригент на Ерменската филхармонија, а подоцна станува и уметнички раководител и шеф диригент на овој оркестар. Откако емигрира во Израел во 1990 година, како диригент работи со оркестарот во Бир Шива и со Симфонискиот оркестар во Ерусалим. Диригира со бројни оркестри низ светот, настапува на престижни фестивали, а како камерен партнер на виолинистот Максим Венгеров остварува бројни снимки за Еми Класикс. Во сферата на операта диригира продукции на „Кармен“, „Дон Џовани“ и „Норма“, а во моментот е гостин диригент во Националната опера во Ерменија и професор на академијата „Самуел Рубин“ во Тел Авив, а е гостин предавач на високи музички школи во неколку европски земји. Член е на клавирското трио „Бенџамин“.