Македонија
Во скопските ковид-центри хоспитализирани уште 48 лица, деновиве почнува прием и на Клиниката за уво, нос и грло
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализрани се 48 нови пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 476 лица сомнителни и потврдени на Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно 25 приеми, и тоа петмина пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, девет во ковид-центарот на Клниката за неврологија, тројца нови болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, исто толку и на Клиниката за нефрологија и петмина болни на Клиниката за очни болести.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 12 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 11 приеми во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти.
Во моментот на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 33 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симтоми на коронавирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментот се сместени 26 пациенти, а на Клиниката за очни болести 15 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 108 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 159 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 31 пациент, од кои 10 деца и 21 возрасен.
Вкупно 476 пациенти потврдени и сомнителни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив е на кислородна поддршка.
„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово, до 8 часот, имало 20-ина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ ‘8 Септември’“, велат од Министерството за здравство.
Се очекува во текот на наредните два дена да почне со работа и ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти шот имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 108 години почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка која се спаси од Холокаустот
На 108-годишна возраст почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка и најстарата жива Еврејка по потекло од Битола, која го преживеа Холокаустот и до крајот на животот верно го чуваше споменот на битолските Евреи, јави битолската „Тера“.
Рејчел Нахмијас е родена во 1917 година во Битола. Во 1943 година се спасила од депортација во нацистичките концентрациони логори, откако била сокриена во багажникот од автомобилот на тогашниот албански конзул во Битола. Благодарение на овој чин, таа успеала да го спаси животот.
Во тој период имала 26 години, а нејзините спасувачи ја однеле во Албанија, каде што ја поминала Втората светска војна. Со албанското семејство кое ѝ помогнало живеела до 1950 година, по што се преселила во Бостон, Соединетите Американски Држави.
Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзината внука, познатата пејачка Сара Ароесте, која често престојувала во Битола и со голема посветеност го негува споменот на своето семејство и на еврејската заедница која некогаш живеела на Широк сокак.
Во објава на Фејсбук, Ароесте напиша:
„Со длабока тага објавувам дека овој викенд почина мојата херојска драга роднина Рејчел, на неверојатни 108 години. Рејчел е родена во 1917 година во Битолско. Таа била сведок на толку многу работи во својот неверојатен живот. Како единствена преживеана од нејзиното семејство по Холокаустот таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Оваа фотографија е направена пред само 3 месеци кога таа сè уште беше целосно активна и споделуваше приказни и песни со мене. Има уште многу што да се сподели за мојата Рејчел која беше вистински благослов за овој свет.“
Рејчел Нахмијас останува симбол на преживување, човечка храброст и жив сведок на трагичната судбина на битолските Евреи.
Македонија
Трифонов по инцидентот во Скопје: Со сила, убавина не бива – ЕУ ќе ја гледате низ искривена леќа
Лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ“ Слави Трифонов се огласи во врска со инцидентот во бугарската амбасада во Скопјe. На 11 јануари, напаѓач фрли камен кон вратата на дипломатската мисија. Чинот беше снимен на безбедносните камери на амбасадата, по што мажот беше уапсен, а настанот опишан како изолиран случај и осуден од страна на македонските власти.
Според Трифонов, проблемот не е скршеното стакло, туку ставот. Обично сакате да го скршите стаклото на некој што не го сакате, нагласува Трифонов.
Тој истакна дека пред години бил во Скопје и видел огромен знак со големи црни букви: „Бугари, умрете“ во близина на бугарската амбасада. Според него, ништо не се променило од тогаш.
Мудриот бугарски народ има една соодветна изрека: „Со сила, убавина не бива“, истакна тој.
„Ако не сакате, ќе останете во Северна Македонија, ќе ги гледате глупавите, одвратни црни натписи, ќе скршите некое стакло од време на време, тајно ќе сонувате да имате бугарски пасоши, ќе доаѓате на море во Сончев Брег секогаш кога е можно, ќе ги праќате своите деца да студираат во Бугарија и ќе ја гледате Европската Унија низ искривена леќа. Објективно кажано, токму тоа го заслужувате“, истакна Трифонов, пренесе „Њуз.бг“.
Македонија
ДОМ: Конкретни решенија за една изборна единица, а не само декларативност
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во пресрет на најавената меѓупартиска лидерска средба закажана за 14 јануари 2026 година од премиерот Христијан Мицкоски, ја поздравува можноста за дијалог за суштински политички консултации околу важни реформски закони и процеси што треба да ја зајакнат нашата држава и демократија.
„Како партија цврсто и доследно стоиме зад нашата долгорочна заложба за системски промени во изборното законодавство кои ќе обезбедат пообјективно и пофер политичко претставување на граѓаните на Република Македонија. Во таа насока, апелираме и бараме на агендата на лидерската средба да се стави и да се разговара конкретно за:
· Промена на изборниот модел, односно наместо постоечкиот пропорционален систем со шест изборни единици да се воведе изборен модел со една изборна единица.
ДОМ продолжува со своите заложби и иницијативи за една изборна единица како модел што го поддржуваме со години и сметаме дека е неопходен за подобра репрезентативност и еднаков глас за секој граѓанин:
* Една изборна единица гарантира еднаков глас за сите — без регионални нееднаквости и нерамноправности во вредноста на гласот на гласачите од различни делови на државата.
* Овој модел го зголемува степенот на пропорционалност во распределбата на мандатите, што е клучно за воспоставување пофер и поквалитетно демократско претставување.
* ДОМ ја поддржува идејата изборниот модел да биде со отворени листи и без праг за да се поттикне поголема одговорност на кандидатите кон граѓаните наместо кон партиските врвови.
* 50% жени на листите бидејќи родовата рамноправност не е само бројка, туку цивилизациска вредност. Затоа сметаме дека жените неопходно е да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки со цел доследно почитување на сите демократски вредности и приниципи на инклузивност.
За ДОМ ова не е партиски интерес туку општествена потреба што ќе го зајакне демократскиот процес и ќе овозможи гласовите на сите, без исклучок да се рефлектираат реално и праведно во составот на парламентот, како и можност, а во исто време и право на сите политчки субјекти рамноправно да ги презентираат и промовораат своите програмски определби пред сите граѓани. Сето тоа придонесува за поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем.
Ја повикуваме власта и сите парламентарни групи да излезат од своите удобни позиции и да ја прифатат оваа заложба и иницијатива за рамноправен простор за сите политички субјекти. ДОМ како вонпарламентарна партија која долги години се залага за воведување една изборна единица ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“, велат од ДОМ преку соопштение.

