Свет
Русија протера американски разорувач од своите територијални води

Руски воен брод го пронајде американскиот разорувач „Џон Мекејн“ во руските територијални води во Јапонското Море и го протера, соопшти руското Министерство за одбрана.
Москва објави дека рускиот разорувач „Адмирал Виноградов“ вербално го предупредил американскиот воен брод и се заканил дека ќе употреби сила ако не ја напушти областа.
Американскиот брод по предупредувањето веднаш се врати во неутралните води, се вели во соопштението на руското Министерство.
Ваквите инциденти се ретки, но покажуваат лоши дипломатски и воени односи меѓу Русија и САД, кои паднаа на најниско ниво од Студената војна.
Рускот брод како дел од Пацифичката флота го следеше американскиот разорувач за кој Москва рече дека ги повредил руските територијални води во 3.17 часот по Гринич на два километра од границата.
Инцидентот се случил во Заливот Петар Велики, се наведува.
Москва додава дека американскиот брод не се обидел повторно да влезе во руските води, но дека „Адмирал Виноградов“ продолжил да ги следи неговите движења и дека друг брод, „корвета“, бил испратен во областа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Турција: Јутјубер и рапер притворени поради шега за исламот

Турските власти во вторник вечерта им одредија притвор на двајца мажи до судење откако обвинителите изјавија дека нивната онлајн емисија содржи шега што се однесува на хадисот, или учењата на пророкот Мухамед, а за која веруваат дека може да поттикне верска омраза, објави Ројтерс.
🔴 Trend Topic: #SoğukSavaş
“Soğuk Savaş” adlı YouTube programında bir Hadis-i Şerif üzerinden Hz. Muhammed ile alay edildiği iddia edildi.
Ayrıca Şeyh Said hakkında yapılan esprilerin Kürtlere hakaret içerdiği öne sürüldü.
Tepkiler sonrası programcı Boğaç Soydemir özür… pic.twitter.com/lrsfoNjLVn
— Irya Intelligence (@iryatr) September 22, 2025
Истанбулскиот суд нареди притвор на јутјуберот Богач Сојдемир, водител на програмата „Согук Савас“, и неговиот гостин, раперот Енес Акгундуз, откако властите изјавија дека емисијата содржи шега за хадисот; „виното е мајка на секое зло“.
Обвинителите тврдат дека забелешката би можела да поттикне религиозно непријателство, а двајцата мажи се извинија по емитувањето и вчера пред судот се изјаснија за невини.
Сојдемир рече дека немал намера да поттикне омраза, додавајќи дека го отстранил видеото веднаш штом бил известен за проблемот и се извинил на своите профили на социјалните мрежи. Тој рече дека станува збор за коментар од гледач што го прочитал во програмата и погрешно го сфатил како игра на зборови.
Акгундуз, исто така, отфрли секаква сугестија за намерна навреда, велејќи дека нивниот разговор бил погрешно протолкуван. Тој додаде дека шегата всушност била коментар од гледач што го прочитал во програмата и го сфатил како шега, и призна дека требало да размисли повнимателно.
Свет
Откако Трамп ја нарече Русија „хартиен тигар“, пристигна реакција од Кремљ: Русија е мечка

Кремљ денес реагираше на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја нарече Русија „хартиен тигар“ и порача дека Владимир Путин „треба ги цени неговите напори во решавањето на војната во Украина“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија е мечка, а не тигар, и додаде: „Не постои мечка од хартија“.
Песков, исто така, коментираше за можноста за средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека „средба меѓу двајцата без соодветна подготовка би било ПР-шоу осудено на неуспех“.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека земјите-членки на НАТО треба да ги соборуваат руските авиони што го нарушуваат нивниот воздушен простор.
Тој, исто така, рече дека верува оти Украина, со поддршка на Европската Унија и НАТО, може да ја врати целата територија што Русија ја зазеде од почетокот на инвазијата, иако претходно изјави дека и Киев и Москва ќе мора да се откажат од дел од својата територија за да се стави крај на војната.
фото: прингтскрин
Свет
(Видео) „Пред шест години, на Трамп му се смееја во ОН, сега молчат“, пишува Би-би-си

Доналд Трамп одржа говор пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, кој, според Џејмс Ландејл, дипломатски дописник на Би-би-си за ОН, беше еден од најјасните излагања на неговата политичка идеологија.
За неговите поддржувачи, тоа беше „Трампизам“ без филтер; за неговите критичари, „Трампизам“ надвор од контрола. Речиси еден час, Трамп ги напаѓаше своите противници и нивните идеи, почнувајќи од дома, фалејќи ги САД и себеси. Тој тврдеше дека САД се во „златно доба“ и го повтори своето многу оспорувано тврдење дека тој лично завршил седум војни, што, според него, е причината зошто треба да му биде доделена Нобеловата награда за мир.
Потоа се сврте кон своите домаќини. Ги критикуваше Обединетите нации затоа што не му помогнале да посредува во мирот. Тој ја доведе во прашање целта на организацијата, велејќи дека има „огромен потенцијал, но не се користи“. Сè што прави ОН, тврди Трамп, е да пишува остри писма на кои никогаш не се постапува. „Празните зборови не ги завршуваат војните“, рече американскиот претседател.
Трамп, исто така, ги обвини ОН за финансирање на барателите на азил кои се обидуваат да влезат во САД. „ОН треба да ги спречува инвазиите, а не да ги создава и финансира“, рече тој. Тој, исто така, ја таргетираше инфраструктурата во самото седиште на ОН: ги критикуваше расипаните ескалатори и телесуфлерот кои, рече тој, ја попречуваа неговата посета и говор.
Како што забележува Ландејл за Би-би-си, Трамп е во право за нешто – многу аналитичари долго време ја доведуваат во прашање ефикасноста на ОН, особено поради блокадите во Советот за безбедност и бавноста на бирократијата. Но, во исто време, самиот Трамп, според Би-би-си, е и причина и последица на слабоста на ОН, бидејќи верува дека глобалните кризи се решаваат со договори на моќни луѓе како него, а не преку мултилатерални институции.
Критики кон европските сојузници
Трамп ги упати своите најостри критики кон своите европски сојузници. Тој го нападна континентот за инвестирање во обновлива енергија и за отворање на границите за мигрантите.
„Европа е во сериозна неволја. Таа е нападната од нелегални мигранти како никогаш досега… И миграцијата и самоубиствените идеи за енергија ќе бидат смрт на Западна Европа“, рече Трамп.
Тој ги опиша климатските промени, со звучни воздишки во салата, како „најголемата измама што некогаш е извршена врз светот“ што ги оптоварува европските земји со скапа енергија, додека фосилните горива се поевтини. Тој особено ја нападна британската влада за воведување нови даноци на нафтата од Северното Море.
„Ако не се извлечете од оваа измама со зелена енергија, вашата земја ќе пропадне“, рече тој.
„И ја сакам Европа. Ги сакам луѓето од Европа. Но, мразам да ја гледам уништена од енергијата и миграцијата. Ова двоглаво чудовиште уништува сè пред себе… сакате да бидете политички коректни и го уништувате сопственото наследство.“
„Да го заштитиме христијанството“
Како што пишува Ландејл за Би-би-си, најновите реченици на Трамп се одраз на говорот што го одржа за време на државната посета на Обединетото Кралство минатата недела, кога зборуваше за важноста на одбраната на вредностите на „англискиот говорен свет“.
Критиките на Трамп кон Европа имаа и културен тон, проценува Би-би-си, бидејќи претседателот верува дека неконтролираната миграција го загрозува јудео-христијанското наследство на континентот. „Да ја заштитиме верската слобода“, рече Трамп во ОН, „вклучувајќи ја и најпрогонуваната религија во светот денес – наречена христијанство“.
Русија, Украина и тарифите
Од конкретните пораки, најважно е предупредувањето за војната во Украина. Трамп рече дека одбивањето на Путин да го запре конфликтот „не е добро за Русија“. Тој додаде дека САД се подготвени да „воведат нова силна рунда моќни тарифи“ за да се стави крај на крвопролевањето.
Во исто време, Трамп ги повика европските земји да престанат да купуваат руска енергија, велејќи дека дури пред две недели дознал дека некои сè уште го прават тоа. Во пракса, потсетува Би-би-си, само Унгарија и Словачка сè уште значително увезуваат руска нафта. Дипломатите веруваат дека Трамп се крие зад Европа за да не мора да воведува секундарни санкции против Индија и Кина, кои купуваат огромни количини евтина руска нафта.
Можеби поважна од самиот говор беше неговата објава на социјалните мрежи кратко по настапот. За прв пат, тој тврдеше дека Украина може да ја врати целата своја територија.
Тој ја нарече Русија „хартиен тигар“ и „не вистинска воена сила“, што, според Би-би-си, ќе го погоди Владимир Путин, кој е исклучително чувствителен на секоја сугестија дека неговата земја не е глобален играч. Според дипломатите цитирани од Ландејл, ова е најновиот пример за постепеното поместување на Трамп кон покритичен став кон Москва.
Трамп треба да се сфати со претпазливост
Но, Ландејл предупредува, зборовите на Трамп треба да се сфатат со резерва. Тој беше оптимист само неколку моменти по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во ОН.
Тој рече дека Украина може да ја врати територијата со помош на Европската Унија и НАТО, но не спомена директна улога за Соединетите Американски Држави. И целото досегашно искуство покажува дека Украина не може да ги врати окупираните територии без масовна американска воена помош.
Тишина наместо смеа
Според Би-би-си, ова беше Трамп во неговата неразредена форма: бранејќи ја Америка и националната држава, напаѓајќи го мултилатерализмот и глобализмот, поток од тврдења со сомнителна точност.
Шест години претходно, многу делегати реагираа на обраќањето на Трамп во ОН со смеа, особено кога тој изнесе неосновани тврдења. Оваа година, тие молчеа.
„Одличен сум во ова“, им рече Трамп на светските лидери. „Вашите земји одат по ѓаволите“.
фото: принтскрин