Свет
СЗО: Бројот на потенцијални вакцини против коронаворусот се зголеми од 11 на 48

Десетици компании – од стартап до фармацевтски гиганти – се натпреваруваат за производство на безбедна и ефективна вакцина против коронавирусот за да одговорат на итниот здравствен аларм, но и добро да заработат.
Позитивните резултати од последните испитувања на неколку кандидати за вакцини предизвикаа надеж дека сè уште има светло на крајот од тунелот во однос на пандемијата која во 2020 го погоди светот. Поради компликации од коронавирусот, досега починаа 1,4 милион луѓе.
До средината на ноември Светската здравствена организација (СЗО) идентификува 48 потенцијални вакцини, кои се во фаза на тестирање на луѓе. Ова е голема промена од јуни кога имаше само 11 истражувања.
Единаесет потенцијални вакцини се во последната, трета фаза на тестирање, во која ефикасноста на вакцината се тестира на поголем примерок на луѓе, претежно десетици илјади луѓе од повеќе континенти.
Европскиот проект предводен од „Оксфорд“ и „Астра зенека“ во понеделникот објави дека ефективноста на нивната вакцина е во просек 70 проценти. Вакцината е тестирана на 23.000 лица.
Кога доброволците примиле две високи дози, вакцината била ефикасна 62 процента, но ефективноста се искачила на 90 проценти кога првин примиле мала доза од вакцината, а потоа голема.
Производителите нагласија дека вакцината може да се транспортира и чува на температура од обичен ладилник најмалку половина година и најавија планови за развој до три милијарди дози од вакцината во 2021 година доколку се надминат преостанатите регулаторни бариери.
Најавата дојде откако американско-германскиот проект на „Фајзер“ и „Бионтек“ на почетокот на ноември соопшти дека ефективноста на нивната вакцина е 90 проценти и дека нема штетни и несакани ефекти кај илјадници доброволци.
Оттогаш тие објавија нови резултати од тестовите, кои покажуваат дека вакцината дејствува во 95 проценти од случаите.
„Перформансите беа конзистентни во сите возрасни, полови, расни и етнички демографски групи“, велат од компанијата.
„Фајзер“ во моментот бара итно одобрување од американскиот регулатор ФДА за употреба на вакцината и очекува да произведе 1,3 милијарда дози од вакцината до крајот на следната година.
И американската биотехнолошка компанија „Модерна“ месецов објави дека нејзината вакцина е речиси 95 проценти ефикасна.
„Модерна“ планира да поднесе апликација за итно одобрување вакцината во САД и во светот во следните неколку недели. Очекува да испорача околу 20 милиони дози од вакцината во САД до крајот на годината.
Тие велат дека може да произведат помеѓу 500 милиони и милијарда дози вакцини во 2021 година.
Дополнително, се смета дека неколку државни кинески лаборатории произведуваат ветувачки вакцини.
Во меѓувреме, Русија веќе регистрира две вакцини против Ковид-19, дури и пред крајот на клиничките испитувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Ердоган: Нетанјаху е најголемата пречка за мирот во регионот

Владата на Израел под водство на Бенјамин Нетанјаху е најголемата пречка за мирот на Блискиот Исток, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган го обвини Израел дека се обидува да го саботира секој обид за нуклеарни преговори меѓу САД и Иран, посочувајќи дека израелските напади покажуваат дека Тел Авив не сака дипломатија.
Тој ги повика другите земји да не наседнуваат на „отровната реторика“ на Израел за конфликтот, туку наместо тоа да бараат дипломатско решение.
Голем број земји го повикуваат Иран да влезе во преговори со цел да се најде решение за сегашниот конфликт. Иранските власти, сепак, велат дека дипломатско решение не е можно додека продолжуваат израелските напади.
Свет
Иранскиот министер за надворешни работи: Вклучувањето на САД во конфликтот би било многу, многу опасно

Министерот за надворешни работи на Иран Абас Аракчи изјави дека неговата земја не може да преговара со Соединетите држави додека нејзиниот народ е бомбардиран. Тој, исто така, тврди дека „САД се вклучени во агресија од првиот ден“ иако за тоа не дал никакви докази, пишува Би-Би-Си.
Зборувајќи за новинарите во Истанбул, каде што ги продолжува дипломатските разговори, Аракчи предупреди дека вклучувањето на САД во конфликтот меѓу Израел и Иран би било „многу, многу опасно“.
Иранскиот министер за надворешни работи нагласи дека е „апсолутно подготвен за решение преку преговори“ во врска со нуклеарната програма. Во 2015 година, Иран потпиша долгорочен договор за својата нуклеарна програма со група светски сили, по години напнатост поради сомневањата дека се обидува да развие нуклеарно оружје.
Аракчи додаде: „Дипломатијата работеше во минатото и може повторно да работи. Но, за да се вратиме на дипломатијата, агресијата мора да престане“.
Свет
(Видео) Израел објави снимка од ликвидацијата на командантот на Иранската револуционерна гарда

Израелското Министерство за надворешни работи објави видео од ликвидацијата на командантот на единицата за пренос на оружје на Иранската револуционерна гарда.
Бехнам Шахријари, командантот на Единицата за пренос на оружје на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и припадник на силите Кудс, бил убиен во прецизен напад на израелската армија (ИДФ) во западен Иран.
„Шахријари беше одговорен за сите трансфери на оружје што иранскиот режим им ги испраќа на своите групи низ Блискиот Исток со цел да ја спроведе стратегијата за уништување на Израел. Тој го предводеше трансферот на стотици милиони долари годишно на терористички организации“, се вели во соопштението.
🔴ELIMINATED: Behnam Shahriyari, commander of the Quds Force’s Weapons Transfer Unit in the IRGC, was eliminated in a precise IDF strike in western Iran.
Shahriyari was responsible for all weapons transfers from the Iranian regime to its proxies across the Middle East in order… pic.twitter.com/jKusiBTEJi
— Israel Foreign Ministry (@IsraelMFA) June 21, 2025
Тој исто така, како што се додава, го водел трансферот на стотици милиони долари годишно на различни терористички организации. Покрај финансирањето, бил и клучна фигура во снабдувањето на тие групи со оружје, што довело до смрт и ранување на бројни израелски цивили и војници.
Бил убиен на повеќе од илјада километри од границата со Израел во западен Иран.