Свет
Групата на Јеховините сведоци останува забранета во Русија

Групата Јеховини сведоци останува забранета во Русија, нејзиниот статус не е изменет законски, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува „Спутник“.
„Организацијата сè уште е забранета во Русија, сè уште е на списокот на забранети организации, така што нема што повеќе да се каже“, рече Песков.
„Прашањето беше разгледано, се разбира, откога претседателот беше прашан за тоа. Како резултат на тоа не беа направени никакви измени или дополнувања на законот“, додаде портпаролот.
Руските истражители неодамна изјавија дека отвориле кривична истрага за групата бидејќи нејзиното седиште во Русија ја продолжило својата работа. Песков во вторникот најави дека ќе дознае повеќе за ситуацијата.
Според „Москоу тајмс“, повеќе од 400 Јеховини сведоци се обвинети или осудени во Русија откако земјата ја забрани верската група како екстремистичка организација пред три години.
Од забраната во април 2017 година донесена од страна на Врховниот суд на Русија, полицијата извршила рација во домовите на 1.166 семејства на верници, велат Јеховините сведоци. Отворени се 175 кривични случаи за екстремизам против верниците од крајот на октомври 2020 година, 148 од нив сè уште се во тек.
Повеќе од половина од 400 верници поминале од неколку дена до три години во притвор додека чекале судење. Околу 310 ги загубиле своите работни места, деловните активности, пензиите и банкарските сметки како резултат на етикетата екстремист. Четворица Јеховини сведоци починале додека биле под истрага.
Комесарот за човекови права на претседателот Владимир Путин сугерира дека законодавството за екстремизам во Русија е во судир со уставното право за практикување каква било религија.
„Хјуман рајтс воч“ ги повика руските власти веднаш да ги ослободат притворените Јеховини сведоци, да ги отфрлат обвиненијата и да ги избришат сите поврзани кривични досиеја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Промената на режимот во Иран би довело до хаос

Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави на самитот на Г7 во Канада дека промената на воениот режим во Иран би била голема грешка, јавуваат „Ројтерс“ и АФП.
„Промената на режимот би довело до хаос“, изјави Макрон пред новинарите во Алберта, нагласувајќи дека земјите треба да се вратат на разговорите за нуклеарната програма на Иран.
„Верувам дека ни требаат Соединетите Американски Држави да ги вратат сите на преговарачката маса“, рече Макрон.
Свет
Голема акција во Израел: планира да врати 150.000 свои државјани во земјата

Израел подготвува воздушен и поморски транспорт за да ги врати дома своите граѓани заглавени во странство по нападот врз Иран во петокот и затворањето на неговиот воздушен простор, објави министерката за транспорт.
„Првиот чекор беше да се испратат сите израелски авиони во странство за да се спречи нивно оштетување, бидејќи тогаш немаше да имаме никакви средства за репатријација на луѓето. Тој чекор е завршен. Следниот чекор е постепено враќање на Израелците“, рече Мири Регев за време на посетата на местото на иранскиот напад во центарот на земјата.
„Има помеѓу 100.000 и 150.000 Израелци во странство“, рече министерката, додавајќи дека нејзината канцеларија отворила морска рута од Кипар и Грција.
Израелската авиокомпанија „Ел Ал“, која објави прекин на сите летови во петокот, во вторникот соопшти дека се подготвува за летови за спасување почнувајќи од среда.
Авионите на „Ел Ал“ ќе полетаат од Ларнака на Кипар, Атина, Рим и Милано во Италија и Париз, рече таа.
Израелскиот нискобуџетен превозник „Аркија“ исто така најави специјални летови почнувајќи од среда за да ги врати Израелците дома. Авионите на „Аркија“ ќе полетаат од Кипар, Грција и Црна Гора, се вели во соопштението.
Израел започнанапад врз Иран на 13 јуни, таргетирајќи стотици воени и нуклеарни цели, со цел, велат властите, да ја спречи земјата да развие атомска бомба. Иран постојано негира каква било таква намера.
Свет
Британскиот министер за одбрана: Единствениот пат до траен мир е дипломатско решение

Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, изјави дека влошувањето на безбедносната ситуација на Блискиот Исток претставува опасен момент за целиот регион.
Тој нагласи дека Велика Британија продолжува да го поддржува правото на Израел на безбедност и дека има сериозна загриженост во врска со нуклеарната програма на Иран.
Сепак, Хили повика на воздржаност од сите страни и рече дека единствениот пат до траен мир е дипломатско решение, а не воена ескалација.
Тој додаде дека во регионот пристигнале дополнителни британски воени ресурси, вклучувајќи борбени авиони „Тајфун“ распоредени во RAF Акротири на Кипар, за да го заштитат британскиот воен персонал кој сега е во состојба на висока готовност.
На прашањето дали е загрижен за можноста САД директно да се вклучат во израелските напади врз Иран, со оглед на пристигнувањето на дополнителни американски борбени авиони, Хили одговори дека сегашниот американски претседател Доналд Трамп сè уште ги предводи повиците до Техеран да се согласи на договор.
Тој го опиша зголеменото воено присуство на Велика Британија и САД како порака до Иран дека дипломатскиот пат е единственото решение за сегашната криза.