Македонија
(Видео) Мицкоски: Ќе го предводам народот во борбата против погазување на македонскиот идентитет
Интервјуто кое Зоран Заев го даде за бугарски медиум, очигледно претставува додворување кон бугарската јавност и подготовка за македонската јавност, бидејќи тој несмасно и грубо изнесува тези кои можат да претставуваат сериозно нарушување на преговарачките позиции, рече попладнево на вонредна прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Претходно предупредив дека покрај Договорот за добрососедство постои барање од страна на бугарските власти за потпишување на нов договор или анекс, со кој ќе се допрецизираат барањата и уцените односно сервилниот однос на Заев кон нашиот источен сосед. Па оттука можам да кажам дека како поминуваа деновите, оние први бледи критики и обвинувања од страна на Зоран Заев, Бујар Османи, Димитров и останатите кон мене, дека таков договор или анекс не постои, излегоа дека се една обична шарена лага. Нивниот сервилен однос на сметка на достоинството на македонскиот народ, достоинството на македонската нација нема граница, па тие денеска прифаќаат еден таков анекс кон тој договор, кој што Зоран Заев во ова интервју го потврди“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи и дека Заев во интервјуто ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство.
„Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на ова скандалозно интервју, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени, а не биле поробени во Втората светска војна“, додаде Мицкоски.
Тој посочи и дека е загрижен што интервјуто на Заев може да се толкува како прв чекор кон откажување од македонското малцинство кое што живее во своите древни огништа кај нашиот источен сосед.
„Алармирам сега за да не биде предоцна, алармирам за да не се случи уште едно огромно големо разочарување. Го повикувам македонскиот народ, ги повикувам сите оние кои што се дел од македонската нација, не само во Македонија туку и надвор, будно да го следиме овој процес на преговори кој што го води оваа влада на Зоран Заев, затоа што загрижени сме дека тој може да го начне македонскиот идентитет“, истакна претседателот на опозициската партија.
Мицкоски го повика македонскиот народ внимателно да ги следи овие денови во однос на тоа што преговара Зоран Заев и на што се е спремен, а потоа, како што рече, на соодветен начин да се реагира за да се спречи било каква навреда за македонскиот идентитет, додавајќи дека тој ќе биде прв во таа борба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.

