Македонија
Стефоска: Да ги сакаш своите соседи како што се сакаш себе си е радикален чин
Министерката за култура, Ирена Стефоска, на прес-конференција на Владата на новинарското прашање како го коментира вчерашното интервју на премиерот Заев, одговори: „Би сакала да ги употребам зборовите од синоќешниот говор на новоизбраниот претседател на САД, Бајден: „Да ги сакаш своите соседи како што се сакаш себе си е радикален чин“.
„Но, овој просец не е лесен. Историјата нè подучува дека сите ние мораме да се соочуваме со своето минато. Како што, на пример, пред 50 години германскиот канцелар Вили Брант при посетата на Полска клекна пред Споменикот на хероите во варшавското гето. На тој начин побара прошка и се извини за злосторствата на нацистите во Втората светска војна и така го отвори патот на процесот на простување. За жал, кај нас на Балканот овие процеси се движат многу бавно, а и ние како земја никогаш не сме постигнале ништо лесно“.
Истовремено, кога ќе се сетам низ што сè помина минативе години премиерот и сите ние заедно, не можам како човек тоа да го фрлам во вода. Како историчарка, се разбира, имам и свои видувања на темата и отворена сум за тематска прес-конференција ако сакате. Јас сум професионален историчар и во моментот сум и министерка за култура.
Убедена сум дека премиерот сака да ја истурка буквално земјата да оди напред, но и покрај сите негови напори, тој не може да ѝ помогне на нашата сосетка Бугарија бидејќи бугарското општество мора, како и секое друго, самото да се справува со темните страни од своето минато. Има многу примери како тоа се случувало, како се работи на справување со минатото. Од друга страна, во секоја национална историја има разни страни – бели, темни, светли и секој си е одговорен за соочување и справување со сопственото минато. Но, тоа не може да биде пречка, услов за нашите евроинтеграции да биде историјата или идентитетски прашања. Бидејќи, ако тоа е така, а не смее да биде така, немаше да постои Европската Унија. Билатерални спорови од секаква природа имало меѓу земјите членки на ЕУ, така што убедена сум дека сите заедно со поддршка и на нашите пријатели од Брисел процесот на нашето интегрирање ќе продолжи“, рече министерката за култура, Ирена Стефоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

